Киро Глигоров
Од Википедија, слободна енциклопедија
Киро Глигоров | |
Првиот претседател на Република Македонија |
|
Мандат 27 јануари 1991 година – 19 ноември 1999 година |
|
Заменик претседател(и) | Стојан Андов (според уставот на Р.М.) |
---|---|
Претходник | нема |
Следбеник | Борис Трајковски |
|
|
Роден | 3 мај 1917 година Штип |
Политичка партија | Сојуз на Комунистите на Македонија(реформирани комунисти), СДСМ |
Сопружник | Нада Глигорова |
Професија | Правник |
Религија | Православна религија |
Претседатели на Република Македонија |
Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Глигоров е прв Претседател на Република Македонија, функцијата ја извршува во два мандати од 1991 до 1999 година. За претседател на РМ бил избран на 27 јануари 1991 година од страна на Собранието на Република Македонија, а по втор пат на 19 ноември 1994 на претседателски избори. Функцијата претседател на Републиката ја врши до 19 ноември 1999 година.
Во текот на своите два мандати ја промовира политиката на "eквидистанца" кон сите соседи на земјата: Србија и Црна Гора, Бугарија, Грција и Албанија. За време на неговиот мандат се случиле некои од најважните настани од современата историја на Република Македонија: на референдум била прогласена независноста на земјата на 8 септември 1991 година, а Македонија била и единствената од бившите југословенски републики која се осамостоила по мирен пат. На 17 ноември 1991 бил донесен новиот Устав, а на 8 април 1993 година Република Македонија станала 181 членка на Обединетите нации.
Заедно со Борис Трајковски, Глигоров во 2005 година станал прв носител на „Орден на Република Македонија.
[уреди] Детски години
Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Потекнува од просечно македонско семејство за тоа време. Татко му бил занаетчија а мајка му домакинка. По презиме, Глигоров бил роден како Панчев, но бидејќи татко му бил бојаџија често пати во градот неговото семејство ги нарекувале и како Бојаџиески.
Кога наполнил доволно години за да поседува училиште, односно во 1924 година, директорот на тогашното српско основно училиште во Штип му го променил името и презимето како Ќирило Глигоровиќ. Со такво име тој се задржал се до 1941 година. Од 1928 година се запишал на тогашната прогимназија во Штип, каде некое време работел како библиотекар. Истото го завршил во 1932 година. Своето средно образование го продолжил во Скопје на Машката гимназија, каде станал и член на гимназискиот кружок. Во 1936 година се запишал на Правниот факултет во Белград. Подоцна, се вклучил во илегалното македонско друштво “Вардар“ каде станал негов секретар. Во 1939 година бил уапсен под сомнение дека работел против тогашниот империјалистички режим. Но, набргу бил пуштен. Истата година, во месец јуни, Глигоров дипломирал на Правниот факултет. [1]
[уреди] Во време на Втората Светска војна
[уреди] Влегување во КПЈ
По завршувањето на студиите во Белград, Глигоров кратко време работел како приправник во некоја канцеларија во Белград. Но, кога на 6 април 1941 година Белград бил бомбардиран од страна на Нацистичка Германија, Глигоров се вратил во Скопје. Овде, се вработил во “Вардар Банка“ како правник, а потоа и сам отворил адвокатска канцеларија. На оваа позиција се задржал многу малку бидејќи бил исклеветан од страна на некој соработник дека бил опасен “србин“. Така, по втор пат тој бил приведен како комунист. По пуштањето од притвор, Глигоров активно се вклучил во антифашистичкиот илегален отпор, соработувајќи со Кузман Јосифовски Питу. Истоивремено, за прв пат му било признаено и учеството во НОВ.
[уреди] Формирање на АНОК
Во есента, 1943 година бил формиран Антифашистичкиот народноослободителен комитет, по иницијатива на КПЈ. Самиот Глигоров, во АНОК се вклучил преку Кузман Јосифовски - Питу. Оваа организација всушност дејствувала како еден вид прв зачеток подоцнешната власт. На состаноците кои ги одржувале заедно со фругите членови на АНОК, тематски најмногу се разгледувало прашањето околу создавање на македонска држава во составот на Југославија.
Истата година Глигоров се оженил со Нада, со кој има две ќерки и еден син.
[уреди] Подготовка и одржување на АСНОМ
Во почетокот на мај, 1944 година, Киро Глигоров за прв пат излегол во партизани. Истовремено, како член на АНОК, заедно со уште осум членови, бил повикан да се вклучи и во подготовката за АСНОМ. Така, Глигоров станал член а подоцна и секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, каде работел во подготовка за изготвување на политичкиот реферат. [2]
На Првото заседание на АСНОМ, кое се одржало на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински, тој го водел записникот од истото заседание, но исто така бил и збран и за член на АВНОЈ. Истата година присуствувал на островот Вис како претставник на Македонија на заседанието на АВНОЈ. По враќањето од Вис, тој првин се упатил во Белград, кое веќе било ослободено, а потоа и во Скопје.
На Второто заседание на АСНОМ, кое се одржало од 28 декември до 31 декември 1944 година во Скопје, Глигоров исто така заземал учество. На тоа заседание тој најпрвин бил избран во Президиумот на АСНОМ а потоа и како повереник во финансиите при Президиумот на АСНОМ. [3]
[уреди] Во времето на Југославија
[уреди] Функции во владата на Југославија
Со формирањето на новата федеративна држава на Балканот, ФНРЈ, Киро Глигоров исполнувал повеќе функции:
- Од 1945 година до 1947 година тој работил како помошен генерален секретар на Претседателството на Владата на ФНРЈ, каде генерален секретар му бил Митар Бакиќ.
- Во 1947 година, од страна на Курдиќ, Глигоров бил упатен во Министерството за финансии на ФНРЈ, се со цел да работи на финансиското планирање, под надзор на министерот Сретен Жујовиќ. Така, потоа станал и помошен министер за финансии. На таа функција се задржал се до 1952 година.
- Oд 1952 година до 1953 година работел како помошен претседател на Стопанскиот Совет на владата на Борис Кирдиќ.
- Од 1953 до 1955 година бил заменик директор на Сојузниот завод за стопанско планирање, каде директор му бил Сергеј Крајгер
- Во 1956 година бил упатен на работа во Сојузната влада како секретар за стопанство-координатор
- Истоивремено, од 1955 до 1963 година бил и секретар на екретаријатот на СИС за општостопански работи
- Во 1962 година бил избран за член на Централниот комитет на СКЈ
- Од 1962 до 1967 годинабил сојузен секретар за финансии
- Кога на 26 јули 1963 година, главниот град на СР Македонија, Скопје, го зафатил катастрофален земјотрес, Глигоров бил задолжен од страна на СИС за обнова на Скопје
- Од 1967 до 1969 година станал потпретседател на Сојузниот извршен совет
- Од 1969 до 1971 година, на Деветтиот конгрес на СКЈ, бил избран за член на Претседателството на ЦК на СКЈ како и на Извршното биро
- Од 1971 до 1972 година бил член на Претседателството на СФРЈ
- Од 1972 до 1974 година, на Десетиот конгрес на СКЈ, повторно бил избран за член на Извршното биро на Претседателството на СКЈ
- Од 1974 до 1978 година бил претседател на Собранието на СФРЈ
- Од 1978 до 1987 година бил член на Советот на Федерацијата, каде повторно бил избран за член на ЦК на СКЈ
- Во 1987 година Глигоров се пензионирал, а потоа се вклучил во тимот за реформи на претседателот на СИС, Анте Марковиќ
- Во 1989 година дошол во Македонија
[уреди] Претседател на Република Македонија
Во 1989-1990 година, кога завршува социјалистичкото уредување, кога СФРЈ се распаднала и кога на просторите на СФРЈ имало воени дејствија, во Република Македонија се втемелуво партиски плурализам и се одржале првите повеќепартиски избори. Пред да биде составена експертската влада на Никола Кљусев, во Македонија за прв претседател бил избран Киро Глигоров.
[уреди] Враќање во Македонија
По завршувањето на ангаржманите на Киро Глигоров во комисијата на Анте Марковиќ за реформи, на денот на републиката, 29 ноември во Белград, покрај повеќето политички лидери од цела република, на таа церемонија присуствувале Глигоров и членот на Централниот Комитет на СКМ, Петар Гошев. Таму тој официјално го поканил на Глигоров да членува во неговата Комисија и Форум за спроведување на веќе започнатите реформи најавени во Македонија. Така, тој ја прифатил оваа понуда, чија работа завршила безуспешно во целина поради недостаток на време.
Во тоа време веќе бил започнат процесот за воведување на повеќепартиски систем во Македонија.
[уреди] Избор за прв претседател на Република Македонија (1991-1994)
Со воведување на повеќепартискиот систем во Македонија, започнало мегупартиските консултации околу предлагање на личност за кандидат за претседател на Република Македонија. Таква функција дотогаш во Македонија не постоело. Така, биле установени Амандмани на Уставот на СР Македонија, кои го навестиле конституирањето на Македонија како суверена држава. Тогаш било одржана седница помеѓу трите најголеми политички партии во Македонија: СКМ-ПДП (реформирани комунисти), ВМРО-ДПМНЕ и Сојузот на Рефромските сили на Македонија. По неуспешната идеја кандидат за претседател на Република Македонија да биде митрополитот Скопски и Повардарски Михаил, тоа му било понудено на Киро Глигоров.
Така, во почетокот на новата 1991 година, односно десет дена по конституирањето на Собранието на Македонија, на дневен ред дошло и расправата околу изборот за претседател на Социјалистичка Република Македонија. По првото тајно гласење, Киро Глигоров не ги добил потребните две третини од гласовите, поради немање подршка од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ПДП. Тогаш, тој добил 60 од потребните 80 гласови за избор на претседател.
Но, по само три дена, ВМРО- ДПМНЕ излегла со соопштение дека ќе ја подржи кандидатурата на Глигоров само доколку за потпреседател и премиер на државата биде избран личност кој е член на нивната партија. Така, на 27 јануари 1991 година, на седницата на Собранието на Република Македонија, со 114 гласови “ЗА“ , Киро Глигоров бил избран за прв претседател на Република Македонија. На 7 март му го доверил мандатот на експертската влада на Никола Кљусев.
[уреди] Започнување на немирите и војната во СР Југославија
Во почетокот на 1991 година дошло до тотално распаѓање на комунистичка СФРЈ. Но, целата југословенска јавност станувала се позагрижена поради конфликтите кои се заострувале помеѓу јужнословенските народи. Со избувнуивањето на немирите на Косово, а подоцна и на Плитвичките езера во Хрватска и Вуковар, во залудна ситуација влезе и Македонија со испраќање на војници на бојните полиња. Подоцна започнал и протестот на мајките кои нивните синови ги испратиле во Босна, каде Киро Глигоров се залагал и ги уверувал дека македонските војници ќе бидат вратени назад во својата матична земја. Самиот Глигоров во овој конфликт се залагал за што е можно побрзо повлекување на ЈНА од просториите на Македонија, и сето тоа да протече без никакви инциденти. На 28 март Глигоров учествувал на самитот на претседателите на југословенските републики во врска со зачувување на пријателските односи помеѓу словенскиот народ, а подоцна, на 6 јуни 1991 година била предложена Платформа помеѓу Глигоров и Изетбеговиќ.
Истоивремено, Глигоров, како претседател на Македонија директно учествувал со генералот Анџиќ во врска со начинот за повлекување на ЈНА од Македонија. Така, бил постигнат договор според кој дислокацијата на ЈНА од Македонија требало да се заврши до 15 април 1992 година. Во овој поглед, Глигоров имал голем придонес околу зачувувањето на мирот и стабилноста во Македонија.
[уреди] Референдум за независност
Република Македонија со референдумот кој се одржал на 8 септември прогласи независност. По овој повод претседателот на Република Македонија Киро Глигоров ги поздравил насобраната толпа луѓе со следниве зборови: “Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.
[уреди] Домашна и меѓународна политика
- Веднаш по прогласувањето на независноста на Република Македонија, Киро Глигоров, како претседател на Република Македонија, кон крајот на септември и почетокот на октомври учествувал на Конференцијата за Југославија која се одржала во Хаг, Холандија, каде се расправало повторно околу можноста за зачувување на мирот и стабилноста на Балканот.
- По усвојувањето на новиот Устав на Република Македонија на 17 ноември, претседателот Глигоров веќе на 2 декември упатил писмо до шефовите на странските држави и влади со барање да ја признаат независноста на Република Македонија
- На 26 јануари 1992 година претседателот Глигоров за прв пат, како претседател ги посетил САД и Канада, а притоа учествувал и на состанок во ООН каде била разгледувана можноста околу влегувањето на Република Македонија во таа организација
- На 1 април 1992 година повторен собир на претседателите на поранешните југословенски републики во Брисел
- На 26 август 1992 година Глигоров ја предводил македонската делегација на Лондонската мировна конференција
- На 7 април Република Македонија стана полноправна членка на ООН, каде претседателот Глигоров одржал говор на седницата на Генералното собрание на ООН
- На 6 август во Њу Орлеанс, САД, на Глигоров му било врачено одликувањето на Американската адвокатска асоцијација за придонес во унапреднувањето на правото и за развој на демократијата. Оваа награда претставувала и прва за еден претседател или политичар од источноевропските земји.
[уреди] Улога на Глигоров во преговорите за името со Република Грција
Веднаш по осамостојувањето и прогласувањето на независност на Република Македонија, воРепублика Грција се кренала тензија околу новата држава на Балканот, посебно околу нејзиното матично име и знаме. Во овие преговори, активно учество заземал и Киро Глигоров.
Така, кон крајот на 1992 и почетокот на 1993 година, тој, по покана од францускиот претседател Франсоа Митеран, бил во работа на Франција, каде на францускиот претседател директно му го објаснил проблемот околу името на Република Македонија.
Веднаш по преговорите со францускиот претседател, Киро Глигоров имал состанок со министерот за надворешни работи на Австрија, Алојз Мок, кој “сакал“ Австрија да биде ставена како посредник меѓу преговорите за името. Но, преговорите престанале, откако од Република Македонија, на чело со претседателот Глигоров, бил одбиен предлогот на Мок државата да се вила “Централна Балканска Република“. На 12 април 1993 година, согласно мандатот даден од Генералниот Секретар на ООН, Бутрос Гали, Сајрус Венс и Лордот Овен ја започнале посредничката улога во преговорите за името. Подоцна, на 11 мај Глигоров се сретнал со Бутрос Гали, каде во присуство на медијаторите Овен и Венс било понудено решението “Бивша Југословенска Република Македонија“.
По изборите во Грција, кон Македонија било воведено економско ембарго, на кој претседателот Глигоров остро ги осудил овие постапки кон јужниот сосед, повикувајќи се во генералното собрание на ООН за изнаоѓање на решение. Подоцна, на 13 септември, била склучена времена спогодба за нормализација на односите со Грција. По поништувањетона ембаргото, од страна на Белата куќа во САД бил предложен нов медијатор, Метју Нимиц, со кој Глигоров директно имал преговори во Рим, Италија. Подоцна, Глигоров го преживеал и атентатот извршен врз него во Скопје, каде неговата функција, извесно време ја превзел Стојан Андов, кој присуствувал во преговорите.
[уреди] Втор претседателски мандат (1994-1999)
Во текот на октомври 1995 година во Република Македонија по прв пат се одржале претседателски избори. Киро Глигоров, како кандидат за претседател од СДСМ, повторно бил избран за Претседател на Република Македонија, со освоени 52,4% од гласовите. Опозициската ВМРО ДПМНЕ не ги прифатила резултатите од изборите.
[уреди] Атентат врз претседателот Глигоров
На 3 октомври 1995 година врз претседателот на Република Македонија бил извршен неуспешен обид за атентат. Глигоров го преживеал атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загинал неговиот возач Александар Спировски, а бил повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегнал и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач покрај местото на настанот.
Нападот бил извршен со автомобил-бомба на 3 октомври во 9:50 часот на улицата пред хотелот "Бристол" во Скопје кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Тоа дошло по само еден ден откако во Скопје присуствувал претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ, со кој претседателите на двете земји постигнале договор за мегусебно признавање на двете земји. [4]
Како крајни основачи на атентатот врз Глигоров сеуште не е решено. Во 1995 година, по неколку месеци од атентатот, како еден од можните атентатори, разузнавачката служба ги посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија. Потоа, тогашниот министер за внатрешни работи како основател ги посочил бугарската “Мултигруп“ или југословенската “КОС“ но не се пронајдиле тврди докази околу нивната вмешеност во атентатот. Подоцна, бугарската организација “Мултигруп“ лично дошла во посета кај Глигоров за да ги отфрли тие шпекулации. Во април 2008 година во Република Македонија дошла ингормација преку дневните медии дека организатор на атентатот била албанската организација “Кос“, чија информација сеуште не е потврдена. [5]
За обидот за атентат врз него, Глигоров напишал и автобиографска книга "Атентат - ден потоа", што ја промовирал во 2002 година.
[уреди] Политика на Глигоров по атентатот
- За време на закрепнување на Киро Глигоров од повредите со кој се здобил, неговата должност ја вршел, според Уставот на Република Македонија, тогашниот Претседател на Собранието на Република Македонија, Стојан Андов.
Киро Глигоров официјално на функцијата претседател на Република Македонија се вратил на 10 јануари 1996 година.
- На 8 април 1996 година била потпишана најавената спогодба помеѓу Република Македонија и СР Југославија
- На 25 април на меѓународниот форум Кан Монтана во Букурешт на Глигоров му била врачена Големата награда на Форумот
- Од 15 до 21 јуни 1997 година, Киро Глигоров бил на официјална посета на Соединетите Американски Држави, по покана од претседателот Бил Клинтон
- На 5 јануари 1998 година, на Глигоров во Неапол официјално му била врачена Медитеранската награда за мир
- На 26 јануари 1998 година, Киро Глигоров бил во официјална посета на Руската Федерација по покана од претседателот Борис Елцин
[уреди] По завршување на мандатот
По пензионирањето, Киро Глигоров бил активен како публицист. Неговите мемоари "Македонија е се што имаме" кој ги објавил во 2001 година, во Република Македонија биле прогласени како бестселер кои многу бргу доживеале и второ издание. Глигоров е основач и на фондацијата Глигоров што поддржува проекти од културата и уметноста
[уреди] Творештво
Глигоров е автор и на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател:
- „Македонија е сè што имаме“ (2001)
- „Атентат - ден потоа“ (2002)
- „Виорни времиња : Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и
- „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006).
[уреди] Одликувања на Глигоров
Во текот на неговата политичка активност, Киро Глигоров бил одликуван со повеќе ордени:
- Орден на југословенското знаме со лента
- Орден на Републиката со златен венец
- Орден Братство и единство со златен венец
- Орден на трудот со црвено знаме
[уреди] Занимливости
Поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров бил најстариот македонски политичар, со околу 70 години активност во современата историја на Македонија. На 17 ноември 1999 година, кога завршил неговиот втор претседателски мандат, тој имал 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележал Глигоров како најстар претседател на држава во светот.
Додека бил претседател на Република Македонија, Киро Глигоров бил политичар со убедливо највисок рејтинг во сите анкети на јавното мислење на граѓаните на Република Македонија.
[уреди] Видете исто така
[уреди] Надворешни врски
- Официјален вебсајт на претседателот на Република Македонија
- Web страна за Киро Глигоров
- Биографија на Киро Глигоров
[уреди] Референци
Претседатели на Република Македонија | |
Киро Глигоров | Борис Трајковски | Бранко Црвенковски |
Статијата Киро Глигоров е пример меѓу избраните статии. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија. |