Президиум на АСНОМ
Од Википедија, слободна енциклопедија
Президиумот на АСНОМ е раководен орган на АСНОМ со извршни и законодавни ингеренции. Своите законодавни ингеренции ги извршува во периодите помеѓу пленарните заседанија на АСНОМ, а извршните ингеренции - самостојно. Избран е на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, а егзистира до Третото заседание на АСНОМ од април 1945 година, кога се реконституира како Президиум на Народното Собрание на Македонија. Прв претседател на Президиумот на АСНОМ е Методија Андонов - Ченто.
[уреди] Состав на првиот Президиум на АСНОМ
Во составот на првиот Президиум на АСНОМ, избран на Првото заседание на АСНОМ, влегуваат следните делегати на АСНОМ:
- Методија Андонов - Ченто (претседател)
- Панко Брашнаров (прв потпретседател)
- Емануил Чучков (втор потпретседател)
- Љупчо Арсов (секретар)
- Владимир Полежиновски (секретар)
- Венко Марковски
- Цветко Узуновски
- Богоја Фотев
- Михаило Апостолски
- Страхил Гигов
- Петре Пирузе
- Кирил Петрушев
- Јован Ѓоргов
- Епоминонда поп Андонов
- Генадие Лешков
- Ќемал Аголи
- Лазар Соколов
- Вера Ацева
- Камбер Хасан
- Ацо Петровски
- Младен Георгиев Челопечки
- Лилјана Чаловска
За поефикасно вршење на извршните ингеренции, во рамките на Президиумот на АСНОМ се конституираат поверенства.
На почетокот на јануари 1945 година под изговор дека Президиумот е „многу крупен и непродуктивен“, се формира Работното тело на Президиумот на АСНОМ на чело со Лазар Колишевски. Ченто, иако претседател на Президиумот на АСНОМ, не е член на Работното тело.
На Третото заседание на АСНОМ, одржано од 14 до 16 април 1945 година е донесен Законот за изменување и дополнување на Решението за конституирање на АСНОМ како врховен законодавен и извршен орган на државната власт на Демократска Македонија, со кој се менува местото и улогата на Президиумот во системот на власта на Федерална Македонија. Врз основа на овој закон, Президиумот, преименуван во Президиум на Народното Собрание на Македонија, продолжува да ја врши законодавната функција помеѓу заседанијата на Собранието, но извршната функција е пренесена на новоформираната влада на чело со Лазар Колишевски. При тој процес се укинати и поверенствата во состав на Президиумот.
Во согласност со овие промени, на седницата на АСНОМ од 15 април, Президиумот на АСНОМ поднесува оставка, по што следниот ден е избран составот на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.
Во неговиот состав се:
- Методија Андонов - Ченто (претседател)
- Димитар Несторов (потпретседател)
- Борис Спиров (секретар)
- Димитар Влахов
- Панко Брашнаров
- Ацо Петровски
- Цветко Узуновски
- Милош Јаковлевиќ
- Акиф Леши
- Мара Нацева
- Стерио Боздов
- Панче Неделковски
Во однос на првиот состав на Президиумот на АСНОМ, во составот на Президиумот на Народното Собрание на Македонија се само: Ченто, Брашнаров, Петровски и Узуновски.