ВМРО-ДПМНЕ
Од Википедија, слободна енциклопедија
Внатрешно Македонска Револуционерна Организација - Демократска Партија за Македонско Национално Единство (ВМРО-ДПМНЕ) е една од поголемите политички партии во Република Македонија. Партијата се опишува себеси како народна партија со демохристијанска ориентација, која се залага за влез на Македонија во НАТО и Европската Унија. По доаѓањето на власт во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ се повеќе инклинира кон водење неолибералистичка политика.
Содржина |
[уреди] Корени
Името на партијата доаѓа од Внатрешната Македонско Одринска Револуционерна Организација, создадена во 1893. Партијата се смета себеси за идеолошки наследник на оригиналната ВМРО.
[уреди] Формирање и подоцнежен развиток
По смртта на Тито во 1980 започнува постепен процес на дезинтеграција на Југославија, кон крајот на декадата се јавуваат првите почетоци на партискиот плурализам во Македонија. Дел од вратените иселеници, како и новата генерација на македонски интелектуалци политички се оформуваат во духот на македонскиот национализам, барајќи независност на Македонија од Југословенската федерација. Од овие нови политички струи, на 17 јуни 1990 се формира ВМРО-ДПМНЕ, кое станува правно лице со регистрацијата на 5 август 1990 година. За нејзин прв претседател е избран Љубчо Георгиевски. Партијата се смета себеси за идеолошки наследник на оригиналната ВМРО, како и на оние струи кои се бореле за осамостојување на Македонија од Југославија, и покрај политичките притисоци што биле вршени над нив.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го добие мнозинството гласови на првите повеќепартиски избори во Македонија одржани на крајот од 1990 година. По изборот на првата политичка влада во 1992 година ВМРО-ДПМНЕ преминува во опозиција, сè до парламентарните избори во 1998 година кога партијата ќе ја однесе изборната победа и ќе формира влада на чело со Љубчо Георгиевски и во коалиција со Демократската алтернатива и со Демократската партија на Албанците. На претседателските избори во 1999 година, ќе победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Борис Трајковски, кој во 2004 трагично ќе загине во авионска несреќа.
На парламентарните избори во 2002 година ВМРО-ДПМНЕ настапува во коалиција со Либерална партија, но ги губи изборите и преминува во опозиција. На партискиот конгрес во Охрид во мај 2003 година Љубчо Георгиевски се повлекува од лидерската функција, а на негово место за претседател на партијата е избран Никола Груевски. Следната година ВМРО-ДПМНЕ доживува уште еден изборен пораз. Нејзиниот кандидат за претседател на изборите во 2004 година, Сашко Кедев, е поразен од Бранко Црвенковски.
Во 2006 година коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ извојува победа на парламентарните избори во 2006 година и партијата формира влада на чело со Никола Груевски.
На 15 мај 2007 година, ВМРО-ДПМНЕ се стекна со статус на набљудувач во Европската народна партија.
На предвремените парламентарни иѕбори кои се одржаа на 01.06.08 година "Коалицијата за Подобра Македонија" предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство пратеници, односно 64 пратеници со што стана првата Коалиција во Историјата на Самостојна Македонија која освоила мнозинство пратеници.
[уреди] Критика
Голем број македонски интелектуалци ја критиваат праксата во официјалните имиња на македонски партии да стои името на историската револуционерна организација ВМОРО/ВМРО. Според Тоде Петревски и Михаил Шумковски, ВМРО-ДПМНЕ во 1990 година ја искористи загриженоста и несигурноста на македонските граѓани кои за време на распаѓањето на СФРЈ бараа потпора за својот понатамошен опстанок, и објавувајќи се за “наследник“ на историското ВМРО, ВМРО-ДПМНЕ го искористи тој момент да поведе еден дел од македонското население во национална еуфорија[1].
[уреди] Извори
- ↑ Во современа Европа нема место за револуционерни партии - Михаил Шумковски