See also ebooksgratis.com: no banners, no cookies, totally FREE.

CLASSICISTRANIERI HOME PAGE - YOUTUBE CHANNEL
Privacy Policy Cookie Policy Terms and Conditions
Канада - Википедија

Канада

Од Википедија, слободна енциклопедија

Canada
Канада
Знаме на Канада Грб на Канада
Мото: A Mari Usque Ad Mare  (латински)
„Од море до море“
Химна„О Канада“
Кралска химна: Боже чувај ја кралицата
Локација на Канада
Главен град Отава
45°24′N, 75°40′W
Најголем град Торонто
Официјални јазици Англиски, Француски
Признати регионални јазици Инуктитут, Инуинактун, Кри, Дене сулине, Гвичин, Инувиалуктун, Славеј, Догриб
Демоним Канаѓанец
Облик на управување Парламентарна демократија и уставна монархија
 -  Монарх Н.В. Кралица Елизабета II
 -  Генерален гувернер Микаел Жан
 -  Премиер Стивен Харпер
Основање
 -  Британска одредба за Северна Америка 1 јули 1867 
 -  Вестминстерски статут 11 декември 1931 
 -  Канадска одредба 17 април 1982 
Површина
 -  Вкупно 9,984,670 km² (2-ра)
3,854,085 mi² 
 -  Вода (%) 8,92 (891.163 km²/344.080 mi²)
Население
 -  2008 проценка 33,242,000 (36-та)
 -  2006 попис 31.612.897 
 -  Густина 3,2/km² (219-та)
8.3/mi²
БДП (ПКМ) 2007 проценка
 -  Вкупен $1.274 трилиони[1] (13-та)
 -  На жител $38.200[1] (21-ва)
БДП (номинален) 2007 проценка
 -  Вкупен $1,406 трилиони [1] (9-та)
 -  На жител $42.738 (14-та)
Џини  32,1 (2005)[1] 
ИЧР (2007) 0,961 (висок) (4-та)
Валута Канадски долар ($) (CAD)
Часова зона (UTC−3.5 до −8)
 -  Лето (ЛСВ)  (UTC−2.5 до −7)
Интернет домен .ca
Повикувачки број +1

Канада е федеративна држава во Северна Америка составена од 10 провинции и 3 територии. Канада е парламентарна демократија и уставна монархија на Кралицата Елизабета II во рамките на Комонвелтот. По површина, таа е втора земја во светот.

Главен град е Отава (45.41° N 75.66° W), а најголем е Торонто (43.6° N 79.35° W) со 5.113.149 жители во областа на градот.[2]. Името Канада доаѓа од зборот каната на индијанците Ирокези околу реката Сент Лоренс кој означувал село или населба. Жак Картие во 1535. год. почнал да го користи тој збор за да ја означи целата територија на Ирокезите. Подоцна, во време на британските колонии од 1841., името Канада се однесувало на две провинции: Горна Канада - околу Големите езера и Долна Канада околу реката Сент Лоренс. Со Уставниот Акт од 1867, името Канада било прифатено како име на целата држава.

Според многу показатели, како што се Степенот на човеков развој на ОН[1], Индексот на глобализација[2], Квалитетот на живот [3], Одржливоста на животната средина[4], Економските слободи[5] и др., Канада е меѓу најдобрите земји во светот. Во Канада живеат голем број македонски иселеници и нивни потомци.


Содржина

[уреди] Историја

Разни групи на ескимски и индијански народи ја населувале Северна Америка уште од предисторијата. Иако не постојат писмени докази, разни форми на камена уметност, петроглифи и антички артефакти даваат информации за илјадници години историја. Археолошките наоди потврдуваат човечки живеалишта во Јукон уште од пред 26.500 години, а во јужно Онтарио од пред 9.500 години[3][4].

Првите Европски доселеници се Викинзите, кои околу 1000-та година се населуваат на брегот на Атлантикот, во областа денес позната како Ланс о Медоу (фр. L'Anse aux Meadows), но нема писмени докази. Следната посета од Европјаните е во 1497., кога истражувачката експедиција на Џон Кебот од Кралството Англија пловела покрај Атлантскиот брег на Канада[5] и Жак Картие во 1534. од Франција[6]. По нив, повремено до истиот брег допловувале рибари и китоловци од Баскија во текот на целиот 16. век.

Францускиот истражувач Самуел де Шамплејн ги основал првите постојани населби на Европејците во Порт Ројал (денес Нова Шкотска) 1605. и во Квебек Сити во 1608. Постепено биле населувани атлантското крајбрежје, устието на реката Сент Лоренс, областите на Големите езера и заливот Хадсон на крајниот север.

Кралството Англија основало рибарски станици во Њуфаундленд и Лабрадор околу 1610 и ги колонизирале 13-те колонии на југ. Низа од четири војни избила помеѓу Англија, Франција и домородните Индијанци помеѓу 1689 и 1763. Нова Шкотска потпаднала под Британска власт со Договорот од Утрехт во 1713, а Договорот од Париз од 1763 и' ја препуштил Канада на Британија по седумгодишната војна.

Кралската повелба од 1763 на Кралот Џорџ III од Велика Британија ја издвоила провинцијата Квебек надвор од Нова Франција и го придодала островот Кап Бретон на Нова Шкотска. Исто така ги ограничила јазичните и верските права на француските граѓани. Во 1769. год. островот Св. Јован (денешен остров Принц Едвард) станал издвоена колонија. Во Квебек, за да се одбегне конфликт, територијата била проширена до Големите езера и до долината на Охајо, и бил повторно воведен Францускиот јазик, католичката вера и француските граѓански закони. Со договорот од Париз од 1783. била признаена независноста на САД и им биле отстапени териториите јужно од Големите езера и реката Сент Лоренс. Многу Британски лојалисти, по ова, пребегнале од САД во Канада[7].

Њу Бранзвик бил издвоен од Нова Шкотска како дел од реорганизацијата на населбите на лојалистите во приморските области. За да се прифатат лојалистите во Квебек, Уставниот закон од 1791. ја поделил провинцијата на франкофонска (Долна Канада) и англофонска (Горна Канада), давајќи и' на секоја од нив и право да формира законодавно собрание.

Канада била главен фронт во војната од 1812 помеѓу Британската Империја и САД. Нејзината одбрана придонела за чувство на единство помеѓу канадските британци.

Од 1815. започнува масовна емиграција во Канада од Британци и Ирци. Дрвната индустрија дури и ја надминува трговијата со крзно како главна дејност во раните 1800-ти.

Потребата од одговорна власт резултирала во вооружени востанија во текот на 1837. и 1838. во знак на незадоволство од политичките реформи и етнички конфликти. Како резултат на тоа, Актот за обединување од 1840. ги обединил Горна и Долна Канада во Обединета провинција Канада. Француските и англиските канаѓани работеле заедно во собранието за да ги воспостават правата на Французите. Репрезентативна власт била воспоставена во сите Британски Северноамерикански провинции до 1849.

Во 1846. год. граничниот спор со САД бил разрешен и границата била воспоставена по 49. паралела западно од Големите езера. Со тоа се овозможило понатамошно колонизирање на западните провинции и основањето на колониите Британска Колумбија 1849. и Ванкувер 1858.

После низа уставни конференции, Уставниот акт од 1867., наречен Британски Северноамерикански Акт, ја основал Канадската конфедерација, создавајќи еден доминион под името Канада на 1. јули 1867. со четири провинции: Онтарио, Квебек, Нова Шкотска и Њу Бранзвик[8]. Во 1870. год. од Рупертовата Земја и Северозападните земји, биле основани Северозападните Територии и провинцијата Манитоба. Во 1871 била придодадена провинцијата Британска Колумбија, а во 1873 и островот Принц Едвард.

Воспоставувањето на државен и политички систем одиграло важна улога во развојот на Канада во поглед на колонизацијата, развојот на индустријата, земјоделството и сообраќајот.

Канада автоматски влегла во Првата Светска Војна во 1914. со влегувањето во војна на Британија. Канада испраќала војници на западниот фронт, кои одиграле важна улога во текот на војната.

Во 1919. Канада се придружила самостојно (независно од Британија) на Лигата на Народите; во 1931 Статутот на Вестминстер - Акт на Парламентот на Велика Британија - ја потврдил независноста на Канада.

Големата криза од 1929 и' донела економски тешкотии на цела Канада.

Канада и' објавила војна на фашистичка Германија три дена по објавата на В.Британија во декември 1939. Канадските војски играле значајни улоги во борбите во Атлантикот, во инвазијата на Италија, Десантот на Бретања (Ди-деј), битката за Нормандија, ослободувањето на Холандија и други операции. Во тој период, економијата цутела како резултат на воените набавки за Канада, Британија, Кина и Советскиот Сојуз. Втората Светска Војна Канада ја завршила со една од најголемите армии во светот[9].

Во 1949. Њуфаундленд и Лабрадор се придружиле на Канадската Конфедерација како 10. провинција. Повоениот просперитет резултирал со зголемен наталитет (бејби-бум) и зголемена имиграција од разурнатите европски земји[10].

Новиот Канадски идентитет почнал да се развива во текот на 20. век. Канада го усвоила своето ново знаме во 1965. Во 1982. год. е донесена Повелбата за правата и слободите на граѓаните како проширување на уставниот систем на Канада.

Движењата за поголем социјален и економски просперитет коишто започнале уште од 1960-тите, резултирале со влегување на франкофонските националисти во парламентот во 1976. год. Референдумот за независност на Квебек од 1980-та бил отфрлен со големо мнозинство, а вториот референдум од 1995. бил отфрлен со тесна разлика од 50,6% : 49,4%[11].

Во текот на 1980-тите, под премиерот Брајан Малруни, Канада се приближила кон САД во економските и политичките односи. Бил потпишан договорот за слободна трговија со САД, подоцна и со Мексико (познат како НАФТА - северноамерикански договор за слободна трговија).

Во целиот период на доселување, од 16. до 19. век, главни дејности биле најнапред рибарството, подоцна ловот и крзното, потоа експлоатацијата на дрво, подоцна рударството (нпр. златни трески) и на крајот земјоделството.

[уреди] Географија и клима

Сателитска снимка на Канада. На десниот горен дел од сликата, областите под мраз се Гренланд (Данска) и Исланд.
Сателитска снимка на Канада. На десниот горен дел од сликата, областите под мраз се Гренланд (Данска) и Исланд.

Канада зафаќа поголем дел од Северна Америка, и се граничи со САД на југ и со Американската држава Аљаска на северозапад. Се протега од Атлантскиот океан до Пацификот на запад, на север е Арктичкиот океан. По вкупна површина (вклучувајќи ги и реките и езерата), Канада е втора во светот, по Русија. По земни површини е четврта, по Русија, Кина и САД[12].

Од 1925. год. Канада ги присоединила и деловите од Арктикот помеѓу 60° и 141° западна ширина, но ова не е општо признаено. Најсеверната населба во Канада и во светот е станицата на Канадските вооружени сили на северниот крај од островот Елсмир на 82,5° северна ширина, само 817км јужно од Северниот Пол. Канада ја има најдолгата крајбрежна линија на светот: околу 243 000км[13].

Канада е една од најбогатите земји со природни ресурси: земен гас, езера, реки и разни минерали[14][15].

Во источниот дел, реката Сент Лоренс се проширува во заливот Сент Лоренс, најголем влив во светот, кој го содржи островот Њуфаундленд. Јужно од заливот, приморските провинции се протегаат по должината на Апалачките планини. Нова Скоша и Њу Брасвик се разделени со заливот Фунди, кој ги има најголемите варијации на прилив и одлив во светот. Онтарио и Хадсон Беј доминираат со централна Канада, а западно се шират рамничарските канадски прерии, се' до Карпестите планини кои ги делат од Британска Колумбија.

Во западна Канада, реката Мекензи тече на север до Арктичкиот океан. Реката Јужна Нахани ги создава водопадите Вирџинија во Северозападните територии, кои се двојно повисоки од Нијагарините водопади во Онтарио.

Во северниот дел на Канада, вегетацијата од столетни четинарски шуми опаѓа се' до ниска тундра кон север. Северното канадско копно е обиколено со огромен архипелаг, кој ги содржи некои од најголемите острови на светот.

Просечните зимски и летни максимални температури во Канада варираат зависно од локацијата. Зимите се сурови во многу региони, особено во внатрешноста и прериските провинции (Манитоба, Саскачеван и Алберта), кајшто дневните темератури се просечно -15°C, но може да се спуштат и под -40°C[16].

Во континенталните региони, снегот може да се задржи и по 6 месеци, дури и повеќе отколку на северот. Крајбрежјето на Британска Колумбија е исклучок и ужива умерена клима со благи и дождливи зими.

На источното и западното крајбрежје, просечните максимални летни температури се 20-25°C, додека во континенталниот дел се од 25-30°C, со ретки екстремни температури на некои места до 40°C[17][18][19].

[уреди] Население

Според пописот од 2006., во Канада има 31.612.897 жители, што е зголемување од 5,4% од 2001[20]. Растот на населението е од имиграцијата и, во помала мерка, од природен прираст. Околу 3/4 од населението живее во појасот од 150км од границата со САД[21], веројатно поради климатските прилики. Исто така, огромното мнозинство од населението живее на појасот Квебек сити - Виндзор, кој ги опфаќа Монтреал, Отава и Торонто, потоа во појасот Едмонтон-Калгари во Алберта и во Ванкувер, Британска Колумбија[22].

Според пописот од 2001., Канада има 34 етнички групи со по најмалку 100.000 припадници, и 83% од населението се сметаат за белци[23].

Тотем на племето Кваквакавак во Викторија, Британска Колумбија.
Тотем на племето Кваквакавак во Викторија, Британска Колумбија.

Најголемата етничка група се Англичаните (20,2%), потоа Французите (15,8%), Шкотите (14%), Ирците (12,9%), Германците (9,3%), Италијанците (4,3%), Кинезите (3,7%), Украинците (3,6%) и индијанците (3,4%). 40% се идентификувале како етнички Канаѓани[24]. Во 2001. 49% од населението во Ванкувер и 42,8% од населението во Торонто припаѓале на „видливите малцинства“ (индуси, кинези, црнци, арапи, индијанци и сл.). Во 2005. Статистичкиот завод на Канада проектирал дека луѓето со не-европско потекло ќе бидат мнозинство во овие два града до 2012[25]. Истражување објавено во 2007. открива дека скоро 1 од 5 канаѓани е роден во странство, односно имигрант[26]. Скоро 60% од новите имигранти доаѓаат од Азија[27].

Канада има највисока имиграција по глава на жител во светот[28], која е резултат на економската политика на државата. Секоја година се доселуваат 220.000-260.000 лица.[29] Во 2001., 250.640 луѓе се доселиле во Канада, или 0,834% од вкупното население. Новодојденците главно се населуваат во големите градови: Торонто, Ванкувер и Монтреал.

Верскиот плурализам е исто така важен дел од канадската политичка култура. Според пописот од 2001., 77,1% се христијани, од кои католици 43,6%, а потоа следат протестантите. Околу 16,5% немаат религиска припадност, околу 1,9% се муслимани, Јудеисти се околу 1,1%.

Канадските провинции и територии се одговорни за образованието. Сите системи се слични. Писменоста кај возрасните надминува 99%. Високото образование е исто така грижа на провинциските власти, кои обезбедуваат и финансирање; федералната власт обезбедува само дополнителни дотации за истражувања, студентски кредити и стипендии. Во 2002., 43% од Канаѓаните помеѓу 25 и 64 години имале вишо или високо образование, а кај оние од 25-34 години стапката била 51%[30].

Густината на населението е меѓу најниските во светот: само 3,5 жители на квадратен километар[31]

[уреди] Јазик

Населението на Монтреал, Квебек е главно франкофонско, со значајно англофонско малцинство.
Населението на Монтреал, Квебек е главно франкофонско, со значајно англофонско малцинство.

Двата официјални јазици на Канада се Англискиот и Франускиот. Двојазичноста во Канада е законски загарантирана со Повелбата за правата и слободите. Двата јазици се рамноправни во федералните судови, парламентот и во сите федерални установи.

Англискиот е мајчин јазик на 59,7% а францускиот на 23,2% од населението[32]. 98,5% од канаѓаните зборуваат англиски или француски. Иако 85% од франкофоните живеат во Квебек, постојат значајни франкофонски популации во Онтарио, Алберта, Манитоба и во Атлантските провинции.

Неколку индијански јазици исто така имаат официјален статус во Северозападните територии. Инуктитут е мнозински јазик во Нунавут и еден од трите официјални јазици во територијата.

Неофицијалните јазици се исто така важни во Канада, бидејќи 5 202 245 граѓани се изјасниле дека некој од нив им е прв јазик[32] Некои позначајни неофицијални јазици се Кинески (853 745 корисници), Италијански (469 485), Германски (438 080), и Пунџаби (271 220).[32]

[уреди] Политичко уредување

Федералниот парламент во Отава.
Федералниот парламент во Отава.

Канада е уставна монархија со Елизабета II, кралицата на Канада, како шеф на државата. Кралицата на Канада е истовремено и кралица на останатите 15 земји од Комонвелтот, што ја става Канада во единство со тие држави преку ликот на кралицата.

Канада е федерација и парламентарна демократија со силни демократски традиции.

Уставот на Канада се состои од пишан текст и непишани традиции и конвенции[33]. Уставниот акт од 1867 го воспоставил управувањето врз основа на парламентот, слично на она во Велика Британија, и ја поделил власта помеѓу федералната и провинциските влади. Уставниот Акт од 1982 ја додал Повелбата за правата и слободите, која ги гарантира основните права и слободи за Канаѓаните кои генерално не можат да бидат премавнати со закони од било кое ниво на власт во Канада.

Кралицата е претставена преку Генералниот гувернер, кој е овластен да ги остварува речиси сите уставни права на монархијата. Во пракса, единствено тело кое ги врши извршните функции е Кабинетот на Премиерот.

Премиерот го избира мнозинството во парламентот, а го назначува Гувернерот.

Парламентот е дводомен: избрани претставници во долниот дом и назначени претставници во Сенатот. Секој член на долниот дом е избран од мнозинството во неговата изборна единица (мнозински изборен систем). Изборите ги свикува Гувернерот, по совет на Премиерот. Максималниот рок за изборите е 5 години. Членовите на Сенатот ги избира Премиерот, а ги назначува Гувернерот, и остануваат во Сенатот до 75-годишна возраст.

Четири партии се присутни во федералниот парламент: Конзервативната, Либералната, Нова демократија и Блокот од Квебек.

Судската власт е управувана од Врховниот суд, кој има 9 члена назначени од Гувернерот на совет од Премиерот и Министерот за правда. Сите судии на апелациони и врвни нивоа се назначуваат во консултација со невладини правни тела.

Англосаксонското граѓанско право преовладува во сите провинции освен во Квебек, кајшто преовладува францускиот систем. Кривичниот закон е одговорност на федералната власт и е единствен во цела Канада. Спроведувањето на законот, вклучувајќи ги и кривичните судови, е одговорност на провинциите, но во руралните области во сите провинции освен во Онтарио и Квебек, го спроведува Кралската Канадска федералната полиција.

Канада и САД ја делат најдолгата небранета граница во светот, соработуваат во воени кампањи и вежби, и се меѓусебни најголеми трговски партнери. И покрај тоа, Канада има независна надворешна политика, особено во односите кон Куба, Кина и Ирак.

Покрај тоа, Канада одржува и традиционални врски со Велика Британија, Франција и со земјите од Комонвелтот и Франкофонијата.

Канада има војска од околу 64 000 професионалци и уште 26 000 резервисти[34].

[уреди] Територијална организација

Провинции и територии на Канада.
Провинции и територии на Канада.

Конфедерацијата на Канада се состои од 10 провинции и 3 територии. Провинциите се одговорни за социјалните програми (како нпр. здравствена заштита, образование, социјална помош и сл., и заедно имаат поголем приход од федералната власт, што е речиси единствен пример во светот. Од своја страна, федералната власт може да иницира национални политики во провинциите.

Сите провинции имаат еднодомно законодавно собрание, раководени се од премиер, слично како и на федерално ниво. Секоја провинција има и заменик-гувернер, кој ја претставува кралицата Елизабета II. Заменик-гувернерот се избира на предлог на Премиерот на Канада, во договор со провинциските власти. Канадските провинции и територии се прикажани во следнава табела:

Провинција Главен град Влез во конфедерацијата
Британска Колумбија Викторија 1871
Алберта Едмонтон 1905
Саскачеван Реџина 1905
Манитоба Винипег 1870
Онтарио Торонто 1867
Квебек Квебек 1867
Њу Бранзвик Фредериктон 1867
Нова Шкотска Халифакс 1867
Островот на Принц Едвард Шарлоттаун 1873
Њуфаундленд и Лабрадор Сент Џон 1949
Територија Главен град Влез во конфедерацијата
Јукон Вајтхорс 1898
Северозападни Територии Јелоунајф 1870
Нунавут Икалуит 1999

[уреди] Економија

Канада е една од најбогатите држави, со висок доход по глава на жител, членка на ОЕЦД и Г-8. Канада е мешовит пазар[35], пониско рангиран од САД, но повисоко од повеќето западноевропски земји.

Од раните 1990-ти, канадската економија брзо расте со ниска стапка на невработеност и големи државни суфицити на федерално ниво. Денес Канада наликува на САД во пазарно-ориентираниот систем, продуктивност и бизнис. Од октомври 2007, канадската стапка на невработеност е 5,9%, што е најниско ниво во последните 33 години. Провинциските стапки варираат од 3,6% во Алберта, до 14,6% во Њуфаундленд и Лабрадор[36].

Во 20.век, растот на производството, рударството и услужните дејности ја трансформирале земјата од селска економија во главно индустриска и градска. Како и во други развиени економии, канадската економија е доминирана од услужните дејности, кои вработуваат 3/4 од канаѓаните[37]. Сепак, Канада е специфична меѓу развиените земји бидејќи има развиен примарен сектор со експлоатација на дрво, нафта и земен гас како едни од најважните индустрии. Покрај тоа, Канада произведува и извезува големи количества на електрична енергија од хидропотенцијалот во Квебек, Британска Колумбија, Њуфаундленд, Онтарио и Манитоба.

Канада е еден од најголемите производители на земјоделски производи, со прериите како најважен производител на жито, просо и други зрнести култури[38].

Канада е најголем производител на цинк, уран, злато, никел, алуминиум и олово во светот[39]. Речиси сите градови во северниот дел на земјата, кајшто не постои земјоделство, се занимаваат со рударство или со шумарство.

Канада има и значаен производен сектор во јужните делови на Онтарио и Квебек за автомобили, воздухоплови, возови и др.

Канада е високо зависна од меѓународната трговија, особено од трговијата со САД. Договорот за слободна трговија со САД и Мексико овозможил драматичен раст на трговијата и економската интеграција со САД. Од 2001., Канада успешно ги избегнува економските кризи и одржува највисоки просечни економски перформанси во Г-8[40]. Од средината на 1990-тите федералните власти одржуваат стабилни буџетски суфицити и редовно ги отплаќаат националните долгови.


[уреди] Култура и спорт

Канадската култура во минатото била под влијание од Британците, Французите и домородните народи и традиции. Покрај тоа, таа е под силно влијание на САД. Американските медиуми и забава се популарни, ако не и доминантни во англофонската Канада, обратно, многу канадски забавувачи и културни производи се популарни во САД. [41]

Создавањето и заштитата на посебната канадска култура е поддржано од програмите на федералната влада, законите и институциите како што е Канадската радио корпорација, Националниот одбор за филм на Канада и Канадската комисија за радио и телевизија[42].

Канада е географски огромна и етнички разновидна земја. Постојат културни варијации и разлики од една до друга провинција и од еден до друг регион. Многу канаѓани го респектираат мултикултурализмоти ја гледаат канадската култура како инхерентно мултикултурна.[43].

Слика:RCMP officer Expo 67.jpg
Претставник на Кралската Канадска Федерална Полиција.

Канадскиот официјален национален спорт е хокејот на мраз и лакрос[44]. Покрај тоа, канадските екипи учествуваат во фудбалската, кошаркарската и бејзбол лигата на САД.

Канада била домаќин на неколку врвни спортски собири: Летните Олимписки Игри во 1976, Зимските Олимписки Игри во 1988, и Светсткото првенство до 20 години во фудбал во 2007. Канада ќе биде домаќин и на зимската олимпијада во 2010 во Ванкувер.


[уреди] Македонска емиграција

Првиот поголем бран доселеници од Македонија во Канада пристигнал по Илинденското Востание во 1903. Потоа, и во 1947-49., за време на граѓанската војна во Грција и протерувањето на Македонците, во Канада пребегнале огромен број иселеници.

Се проценува дека денес во Канада има околу 150.000 жители со потекло од Македонија.[45]

Македонците се организирани во црковни општини, од кои најголема е Свети Климент Охридски во Торонто.[46]

[уреди] Референци

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Central Intelligence Agency. „The World Factbook: Canada“. Central Intelligence Agency. [Страницата е посетена на 2007-05-06].
  2. Statistics Canada. „2006 Community Profiles“. Statistics Canada. [Страницата е посетена на 2007-04-18].
  3. Cinq-Mars, J. (2001). "On the significance of modified mammoth bones from eastern Beringia". The World of Elephants - International Congress, Rome. Пристапено на 2006-05-14.
  4. Wright, J.V. „A History of the Native People of Canada: Early and Middle Archaic Complexes“. Canadian Museum of Civilization Corporation. [Страницата е посетена на 2006-05-14].
  5. "John Cabot =". Encyclopædia Britannica Online. Encyclopædia Britannica.
  6. "Cartier, Jacques". World book Encyclopedia. World Book, Inc.. ISBN 071660101X. Пристапено на 2007-09-01.
  7. Moore, Christopher (1994). The Loyalist: Revolution Exile Settlement. Toronto: McClelland & Stewart. ISBN 0-7710-6093-9.
  8. Farthing, John (1957). Freedom Wears a Crown. Toronto: Kingswood House. ASIN B0007JC4G2.
  9. Stacey, C.P. (1948). History of the Canadian Army in the Second World War. Queen's Printer.
  10. Harold Troper. „History of Immigration to Toronto Since the Second World War: From Toronto 'the Good' to Toronto 'the World in a City'“. Ontario Institute for Studies in Education. [Страницата е посетена на 2006-05-19].
  11. Dickinson, John Alexander; Young, Brian (2003). A Short History of Quebec, 3rd edition, Montreal: McGill-Queen's University Press. ISBN 0-7735-2450-9.
  12. World Factbook: Area Country Comparison Table
  13. Natural Resources Canada. [http://gsc.nrcan.gc.ca/coast/facts_e.php „CoastWeb: Facts about Canada's coastline“]. Natural Resources Canada. [Страницата е посетена на 2007-07-13].
  14. The Atlas of Canada. „Drainage patterns“. National Resources Canada. [Страницата е посетена на 2006-05-18].
  15. Encarta. „Canada“. Microsoft Corporation. [Страницата е посетена на 2006-06-12].
  16. The Weather Network. „Statistics, Regina SK“. The Weather Network. [Страницата е посетена на 2006-05-18].
  17. The Weather Network. „Statistics: Vancouver Int'l, BC“. The Weather Network. [Страницата е посетена на 2006-05-18].
  18. The Weather Network. „Statistics: Toronto Pearson Int'l“. The Weather Network. [Страницата е посетена на 2006-05-18].
  19. Environment Canada. „Canadian Climate Normals or Averages 1971–2000“. Environment Canada. [Страницата е посетена на 2006-05-18].
  20. Beauchesne, Eric. „We are 31,612,897“. National Post. [Страницата е посетена на 2007-03-13].
  21. Hillmer, Norman. „Canada World View - Issue 24“. Foreign Affairs and International Trade Canada. [Страницата е посетена на 2006-10-03].
  22. Statistics Canada (2001). „Urban-rural population as a proportion of total population, Canada, provinces, territories and health regions“. Statistics Canada. [Страницата е посетена на 2006-10-03].
  23. Ethnic diversity of Canada
  24. Statistics Canada. „Population by selected ethnic origins, by provinces and territories“. Statistics Canada. [Страницата е посетена на 2006-05-14].
  25. Canadian People - Learn About Canada's People
  26. http://www.statcan.ca/Daily/English/071204/d071204a.htm
  27. http://www.statcan.ca/Daily/English/071204/d071204a.htm
  28. Benjamin Dolin and Margaret Young, Law and Government Division. „Canada's Immigration Program“. Library of Parliament. [Страницата е посетена на 2006-11-29].
  29. Annual Immigration by Category, Citizenship and Immigration Canada, URL accessed 2 July 2006
  30. Department of Finance. „Creating Opportunities for All Canadians“. Department of Finance Canada. [Страницата е посетена на 2006-05-22].
  31. WorldAtlas.com. „Countries of the World (by lowest population density)“. WorldAtlas.com. [Страницата е посетена на 2006-05-16].
  32. 32,0 32,1 32,2 Statistics Canada. „Population by mother tongue, by province and territory“. Statistics Canada. [Страницата е посетена на 2006-05-14].
  33. Department of Justice. „Constitution Acts 1867 to 1982“. Department of Justice, Canada. [Страницата е посетена на 2006-05-14].
  34. Assistant Deputy Minister (Public Affairs). „The National Defence family“. Department of National Defence. [Страницата е посетена на 2006-05-14].
  35. „PBS, commanding heigths, map of the world's economic systems“. [Страницата е посетена на 2008-01-31].
  36. Statistics Canada. „Latest release from Labour Force Survey“. Statistics Canada. [Страницата е посетена на 2006-08-04].
  37. „Employment by Industry“. Statistics Canada.
  38. The Canadian Encyclopedia. „Agriculture and Food: Export markets“. Historical Foundation of Canada. [Страницата е посетена на 2006-05-18].
  39. The Canadian Encyclopedia. „Canadian Mining“. Historica Foundation of Canada. [Страницата е посетена на 2006-05-18].
  40. Chretien, Jean. „Notes for an Address by Prime Minister Jean Chrétien on the Occasion of the Commonwealth Business Forum“. Privy Council Office, Government of Canada. [Страницата е посетена на 2006-08-07].
  41. Blackwell, John D. (2005). „Culture High and Low“. International Council for Canadian Studies World Wide Web Service. [Страницата е посетена на 2006-03-15].
  42. National Film Board of Canada (2005). „Mandate of the National Film Board“. [Страницата е посетена на 2006-03-15].
  43. Bickerton, James & Gagnon, Alain-G & Gagnon, Alain (Eds). (2004). Canadian Politics, 4th edition, Orchard Park, NY: Broadview Press. ISBN 1-55111-595-6.
  44. „National Sports of Canada Act (1994)“. Consolidated Statutes and Regulations. Department of Justice. [Страницата е посетена на 2006-07-20].
  45. Канадско-Македонско историско друштво
  46. Црква Св. Климент Охридски - Торонто



Земји во Северна Америка

Канада | Мексико | Соединети Американски Држави

Flag of Canada Провинции и Територии на Канада
Провинции: Британска Колумбија | Алберта | Саскачеван | Манитоба | Онтарио | Квебек | Њу Бранзвик | Нова Шкотска | Њуфаундленд и Лабрадор | Островот на Принц Едвард
Teритории: Јукон | Северозападни Територии | Нунавут


Одлична статија Статијата Канада е пример меѓу избраните статии.
Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија.

Други јазици


aa - ab - af - ak - als - am - an - ang - ar - arc - as - ast - av - ay - az - ba - bar - bat_smg - bcl - be - be_x_old - bg - bh - bi - bm - bn - bo - bpy - br - bs - bug - bxr - ca - cbk_zam - cdo - ce - ceb - ch - cho - chr - chy - co - cr - crh - cs - csb - cu - cv - cy - da - de - diq - dsb - dv - dz - ee - el - eml - en - eo - es - et - eu - ext - fa - ff - fi - fiu_vro - fj - fo - fr - frp - fur - fy - ga - gan - gd - gl - glk - gn - got - gu - gv - ha - hak - haw - he - hi - hif - ho - hr - hsb - ht - hu - hy - hz - ia - id - ie - ig - ii - ik - ilo - io - is - it - iu - ja - jbo - jv - ka - kaa - kab - kg - ki - kj - kk - kl - km - kn - ko - kr - ks - ksh - ku - kv - kw - ky - la - lad - lb - lbe - lg - li - lij - lmo - ln - lo - lt - lv - map_bms - mdf - mg - mh - mi - mk - ml - mn - mo - mr - mt - mus - my - myv - mzn - na - nah - nap - nds - nds_nl - ne - new - ng - nl - nn - no - nov - nrm - nv - ny - oc - om - or - os - pa - pag - pam - pap - pdc - pi - pih - pl - pms - ps - pt - qu - quality - rm - rmy - rn - ro - roa_rup - roa_tara - ru - rw - sa - sah - sc - scn - sco - sd - se - sg - sh - si - simple - sk - sl - sm - sn - so - sr - srn - ss - st - stq - su - sv - sw - szl - ta - te - tet - tg - th - ti - tk - tl - tlh - tn - to - tpi - tr - ts - tt - tum - tw - ty - udm - ug - uk - ur - uz - ve - vec - vi - vls - vo - wa - war - wo - wuu - xal - xh - yi - yo - za - zea - zh - zh_classical - zh_min_nan - zh_yue - zu -