Српскохрватски јазик
Од Википедија, слободна енциклопедија
Српскохрватски / Хрватскосрпски јазик
српскохрватски / srpskohrvatski |
|
---|---|
Употреба: | Во периодот на Југославија, еден од нејзините официјални јазици |
Област: | Територијата на Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Црна Гора |
Статус на јазикот: | Јазикот се именува како српски, хрватски, босански или црногорски |
Класификација: | Индоевропски Словенски |
Јазични кодови | |
ISO 639-1 | sh |
ISO 639-2 | scr, scc |
ISO/DIS 639-3 | hbs |
Српскохрватски/srpskohrvatski (исто и хрватскосрпски/hrvatskosrpski, српски или хрватски/srpski ili hrvatski или хрватски или српски/hrvatski ili srpski), во лингвистиката е име за јазикот кој во периодот од 1920(?)-1992 е еден од службените јазици на Југославија, заедно со македонскиот и словенечкиот. По распадот на југословенската заедница, овој јазик е преименуван согласно националниот идентитет на народите кои се служеле со него. Така од српскохрватскиот јазик се настанати: српскиот јазик, хрватскиот јазик и бошњачкиот јазик, додека се настојува стандардизирање и на црногорски јазик.
НАПОМЕНА: понатаму во статијата јазикот ќе биде именуван како српскохрватски, чин со којшто не се отфрлаат останатите називи на јазикот, ниту се истакнуваат било какви предрасуди.
[уреди] Особини на јазикот
Српскохрватскиот јазик е словенски јазик што значи дека води потекло од прасловенскиот јазик. Како и за повеќето словенски јазици, така и за српскохрватскиот, најраната книжевна активност е врзана за старословенскиот јазик.
За современиот српскохрватски јазик се битни следниве особини:
- развој на старословенските согласнички групи шт (< прасл. *tj) и жд (< прасл. *dj) со ћ и ђ соодветно
-
- На пример: *vortjati (прасл.) > *враштати (стсл.) > враћати (= се враќа)
- *medja (прасл.) > *межда (стсл.) > међа (= меѓа);
- деназализација на носните вокали, т.е. развој: ѧ > e и ѫ > у (или фонетски: ę > e и ǫ > u);
-
- На пример: *пѧть (стсл.) > пет (= пет)
- пѫть (стсл.) > пут (= пат);
- повеќе рефлекси на јатот (ѣ) во зависност од дијалектот:
- ѣ > e во екавските дијалекти
- ѣ > и во икавските дијалекти
- ѣ > (и)је во јекавските дијалекти;
- На пример:
- цвѣтъ > цвет, цвит или цвијет (=цвет)
- бѣжати > бежати, бижати или бјежати (=бега);
- затврднување на мекото слоготворно л, односно негово изедначување со тврдото и развој во у:
- ль > лъ > у
- На пример: тлъшти > тући (=толчи):
- изедначување на мекото и тврдото слоготворно р и негов развој во нови позиции. Спореди:
-
- срхр. крст со руски црковнословенски крестъ
- срхр. крв со руски црковнословенски кровь;
- обопштување на завршетокот за инструментал двоина како множински завршеток на истиот падеж:
-
- срхр. I. pl.зубима место стсл. I. pl. зѫбъі (=со заби)
- срхр. нама место стсл. нами (=со нас);
- формално изедначување на локативот и дативот во сите позиции во корист на вториот:
- формално изедначување на дативот, инструменталот и локативот множина:
-
- срхр. D./I./L. pl. ученицима место стсл. оученикомъ / оученикъі / оученицѣхъ;
- задржување на должината на самогласките: постојат кратки и долги самогласки, дури и но неакцентирана положба;
- воспоставување на четириакцентски систем. Нагласокот може да биде долг или краток и со надолна (слегувачка) или нагорна (растечка) интонација:
-
- Краткослегувачки (“), пр. брȁт
- Краткорастечки (ˋ), пр. òтац
- Долгослегувачки (ˆ), пр. грȃд
- Долгорастечки (ˊ), пр. тáма
[уреди] Дијалекти
Дијалектното раслојување на јазикот се врши главно по две основи:
- според прашалната заменка за неживо, постојат следниве наречја:
-
- штокавски, каде заменката е што т.е. шта
- чакавски, каде заменката е ча
- кајкавски, каде заменката е кај
- според рефлексот на стариот јат пак, постојат следниве изговори
-
- екавски, ѣ > e
- икавски, ѣ > и
- (и)јекавски, ѣ > (и)јe
Напомена: иако поделбата според рефлексите на јатот може да се примени на целиот српскохрватски дијасистем, најчесто таа се применува само на штокавското наречје.
Географската распределба на дијалектите е ваква:
- Чакавски се говори во средна и североисточна Истра, на Хрватското Приморје, на сите кварнерски и речиси сите далматински острови сè до Ластово и во еден тесен појас на далматинскиот брег околу Задар, Шибеник и Сплит.
- Кајкавски се говори во Загорје, околу Загреб, потоа во и околу Вараждин, Бјеловар, Крижевци, во Меѓумурје и во северозападна Истра.
- Штокавски се говори на целата останата територија на дијасистемот, во целост вклучувајќи ги териториите на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Напомена: од географската распределба е јасно дека чакавскиот и кајкавскиот јазик имаат говорители исклучиво од хрватска националност.
Како основа на книжевниот српскохрватски јазик првично е избран јекавскиот новоштокавски дијалект (согласно Виенскиот Книжевен Договор од 1850). Ова е јазикот на кој Вук Стефановиќ Караџиќ ја превел Библијата и на кој воопшто творел. Подоцна јазикот се „локализира“: српските книжевници прибегнуваат кон екавскиот новоштокавски дијалект (Шумадиско-Војводински), додека хрватските на широка врата внесуваат кајкавска и чакавска лексика.
[уреди] Извори
- Мала Енциклопедија Просвета, ИП „Просвета“, Београд, 1959;