Клетка
Од Википедија, слободна енциклопедија
Клетката (латински: cellula) е основна структурна и функционална единица на сите живи организми. Таа е најмал жив биолошки систем. Прв терминот клетка го употребил англискиот научник Роберт Хук. Сите организми се изградени од клетки, и тоа едноклеточните од една, а многуклеточните од повеќе клетки кои се наоѓаат во тесна, заемна зависност. Бидејќи го содржат целокупниот наследен материјал, клетките се способни за саморепродукција (делба на клетките).
Содржина |
[уреди] Хемиски состав на клетката
Сите клетки се изградени од хемиски елементи кои се среќаваат и во неживата природа, а во тоа се согледува единството на живата и неживата материја. Од над 100 познати хемиски елементи, околу 60 влегуваат во составот на клетките. При тоа, овие елементи количински не се застапени еднакво, па се разликуваат:
- Макроелементи (јаглерод, кислород, водород и азот)
- Микроелементи (фосфор, сулфур, натриум, калциум, магнезиум, калиум и хлор)
- Елементи во трагови (јод, флуор, железо, цинк, манган и др.),
а процентната застапеност на некои од нив во клетките од човековиот организам е следнава:
Елемент | Процент (%) | Елемент | Процент (%) | Елемент | Процент (%) |
---|---|---|---|---|---|
Водород | 9, 5 | Сулфур | 0, 3 | Железо | Во траги |
Јаглерод | 18, 5 | Калциум | 1, 5 | Натриум | 0, 2 |
Азот | 3, 3 | Магнезиум | 0, 1 | Калиум | 0, 4 |
Кислород | 65, 0 | Манган | Во траги | Јод | Во траги |
Фосфор | 1, 0 | Цинк | Во траги | Хлор | 0, 2 |
Биолошкото значење на овие хемиски елементи е големо, независно од нивната процентна застапеност. Недостигот на кој и да е елемент предизвикува нарушување во нормалното функционирање на клетките и на организмот. Во составот на клетките, хемиските елементи се јавуваат во форма на соединенија - органски и неоргански.
[уреди] Неоргански соединенија
Од неорганските соединенија најзастапена е водата, која е неопходна за животот. Таа во просек, во клетките е застапена со околу 80%, но некои клетки содржат повеќе (ембрионални клетки до 95%), а некои помалку (остеоцитите до 20%) вода. Водата за клетката е значајна од неколку причини:
- метаболизмот, кој се одвива во клетките, е можен само во водна средина
- Таа е дисперзно средство за клеточните колоиди
- Учествува во транспортот на материите
- Има голем топлински капацитет
Други неоргански соединенија во клетката се минералните соли. Тие најчесто се јавуваат растворени, дисоцирани на јони, и тоа:
катјони | Анјони |
---|---|
Na+ (Натриум) | Cl- (хлорид) |
K+ (Калиум) | SO2-4 (сулфат) |
Ca 2+ (Калциум) | HCO-3 |
Mg2+ (Магнезиум) | PO3-4 (фосфат) |
Јоните имаат важни функции во клетката. Тие учествуваат во одржувањето на осмотската хомеостаза меѓу клетката и нејзината околина, одговорни се за ацидобазичната хомеостаза на клетката, а исто така ја регулираат и активноста на некои ензими.
[уреди] Органски соединенија
Во клетките се јавуваат четири типа органски соединенија: јаглехидрати, липиди, протеини и нуклеински киселини.
- Јаглехидратите (или шеќерите) се органски соединенија изградени од јаглерод, водород и кислород. Од моносахаридите, најпознати соединенија во клетката се пентозите рибоза и деоксирибоза и хексозите глукоза (соединение кое клетките го користат најчесто за добивање енергија) и фруктоза. Од дисахаридите значајна е сахарозата (или трскен шеќер), додека од полисахаридите најзначајни се гликогенот во животинските клетки и скробот во растителните клетки (овие полисахариди во клетките се јавуваат како резервни материи), и целулозата (која го изградува клеточниот ѕид кај растенијата). Општо земено, јаглехидратите се извор на енергија на клетките. Со нивното разложување, како краен производ се добива јаглероден диоксид и вода и се ослободува енергија. Освен тоа, тие влегуваат во составот на мембраните, клеточниот ѕид и други клеточни структури.
- Липидите (или масните материи) се група органски соединенија за кои е карактеристично што се нерастворливи во вода, а се раствораат во органски растворувачи (етер, ацетон, бензин и др.). Липидите се главен извор на енергија и затоа во клетките најчесто се јавуваат како резервни материи. По потреба, особено при подолгото гладување, тие се разложуваат до CO2 и H2O, ослободувајќи притоа големо количество енергија. Освен енергетска, овие соединенија имаат и структурна и заштитна функција, бидејќи учествуваат во изградбата на клеточната мембрана и другите мембрански системи во клетката.
Попознати липиди во составот на клетката се неутралните масти и липоидите.
- Протеините (или белковините) имаат огромно биолошко значење, како за клетката, така и за организмот. По водата, количински се најзастапени во клетката. Од нив зависат основните особини на клетката (метаболизам и градба). Тие имаат разнородни функции во клетката:
- Учество во градбата на клеточните структури (мембрани, органели и др.)
- Учество во различни движења на клетката (главно во мускулните клетки, тоа се протеините актин и миозин)
- Антителата, кои се протеини, имаат заштитна функција
- Протеините во вид на ензими, ги убрзуваат биохемиските процеси во клетката итн.
- Нуклеинските киселини се соединенија со големо биолошко значење, бидејќи го изградуваат наследниот материјал и имаат централна улога во синтезата на протеините, а преку нив ги определуваат главните особини и карактеристики на клетката. Има два типа нуклеински киселини: ДНК (деоксирибонуклеинска киселина) и РНК (рибонуклеинска киселина).
[уреди] Видови клетки
Клетките се делат според најразлични критериуми, но основната поделба е на прокариотски и еукариотски клетки. Според местоположбата и функцијата во организмот, има епителна, нервна, мускулна, полова клетка (јајце клетка и сперматозоид) итн.
[уреди] Градба на клетките
Речиси сите клетки имаат јадро. Тоа контролира се што се случува во клетката. Содржината на клетката (осван јадрото) се вика цитоплазма. Таа содржи и неколку други посебни органели. Клеточна мембрана е тенок слој кој ја издвојува клетката од меѓуклеточниот простор (но, пропушта течности и гасови).
ЖИВОТИНСКИ КЛЕТКИ: Животински клетки содржат зрнца од гликоген кои имаат улога на резервоар. Животински клетки имаат понеправилен облик од растителни клетки.
РАСТИТЕЛНИ КЛЕТКИ: Само растителни клетки имаат клеточен ѕид. Тој е многу поголем од клеточна мембрана и го одржува постојаниот облик на клетката. Во растителни клетки наоѓамe хлоропласти. Тие учествуваат во процесот за создавање храна од сончева светлина и на листовите им даваат залена боја. И растителна клетка содржат зрнца од гликоген кои се резервоар за храна. Многу клетки имаат простори исполнети со течност кои се викаат вакуоли. Во растителни клетки, тие се големи и помагаат да се одржува обликот на клетките.
[уреди] Надворешни врски
[уреди] Поврзани изданија
- Cytology and Genetics - журнал "Цитологија и Генетика"
Статијата Клетка е пример меѓу избраните статии. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија. |