Едгар Алан По
Од Википедија, слободна енциклопедија
Дагеротип на По сликан помалку од една година пред неговата смрт на 40 години |
|
Роден(а): | 19 јануари 1809 Бостон, Масачусец |
---|---|
Починал(а): | 7 октомври 1849 Балтимор, Мериленд |
Занимање: | Поет, раскажувач, литературен критичар |
Жанр: | Хорор приказни, Детективски раскази, Лирски песни |
Книжевно движење: | Романтизам |
Влијанија од: | Џорџ Гордон Бајрон, Натаниел Хоторн, Чарлс Дикенс |
Влијаел(а) врз: | Шарл Бодлер, Оскар Вајлд, Фјодор Достоевски, Роберт Луис Стивенсон, Артур Конан Дојл, Жил Верн, Х. П. Лавкрафт, Хорхе Луис Борхес, Лемони Сникет |
Едгар Алан По (анг. Edgar Allan Poe) (19 јануари 1809 - 7 октомври 1849) е американски поет, раскажувач, уредник, критичар, еден од главните претставници на американскиот романтизам и предвесник на симболизмот. Најпознат по своите раскази за макабрата, По останува запаметен како првиот писател на детективска и криминална проза. Исто така, нему му се припишува и заслугата за појавата на научно-фантастичниот расказ[1]. По умира на 40 годишна возраст. Причината за неговата смрт е непозната, а разни теории се исплетени околу алкохолот, дрогата, болестите од типот на колера, туберкулоза или беснило, па дури и самоубиство (иако најверојатно е само ненамерна грешка предизвикана од обидот за самоубиство на По една година пред неговата смрт).
Содржина |
[уреди] Биографија
[уреди] Раѓање и рано образование (1809-1825)
По е роден како Едгар По во шкотско-ирско семејство во Бостон, Масачусетс, како второ дете на Елизабет Арнолд Хопкинс По и Дејвид По Џуниор, патувачки актери венчани на 14 март 1806 година. Вилијам Хенри Леонард По е негов постар брат, а Розали По негова сестра.[2] Татко му го напушта семејството во 1810 година.[3] По смртта на неговата мајка во Ричмонд, Вирџинија (8 декември), на 26 декември 1811 година, тој е земен во домот на Џон Алан (по претпоставка негов кум), успешен трговец со тутун од Ричмонд, и неговата жена Френсис, семејство кое претходно немало деца. Иако неговото средно име, дури и во енциклопедии, често е напишано "Ален", неговото вистинско име е "Алан" и е земено од неговото второ семејство. Розали По е посвоена од семејството на Вилијам Макензи, а брат му Хенри останува во Балтимор, со бабата и дедото. Џон Алан никогаш легално не го посвоил Едгар.[4]
Со класично образование се стекнува во Шкотска и Англија (1815 – 1820). Најпрво, оди во интернатот на госпоѓа Дибор, каде меѓу останатите предмети, учи географија, правопис и катехизам на англиската црква, за од 1818 година да продолжи во училиштето на Пречесниот Џон Брансби, чиј опис е верно пренесен во неговиот расказ "Вилијам Вилсон" (William Wilson), каде и самиот доктор Брансби се спомнува со неговото име. Во 1820 година, на 20 јули, Едгар и неговото семејство тргнуваат назад кон Америка. Во Ричмонд пристигнуваат по седум дена. Таму По ги посетува училиштата на Џозеф Х. Кларк и Вилијам Берк. Најверојатно во ноември 1824 година, По ја пишува "Last night, with many cares and toils oppres'd / Weary, I laid me on a couch to rest —" - неговата најрана сочувана песна. Не е објавена во текот на неговиот живот, ниту пак е искористена во некоја подолга песна.[4]
Во март, 1825 година, По го напушта училиштето на Берк и оди во улилиштето на доктор Реј Томас. Истиот месец, вујкото на Џон Алан, Вилијам Голт, умира во Ричмонд. По негова желба, Џон Алан е именуван за наследник.
[уреди] Универзитетот, армијата и венчавката со Вирџинија (1826-1837)
Во 1826 година, 11 месеци присуствува на Универзитетот Вирџинија, но неговите големи коцкарски загуби толку многу го иритирале неговиот очув што на По му било оневозможено да го продолжи своето школување. Неговото враќање во Ричмонд е обележано со една лична трагедија: неговата љубена од детството – (Сара) Елмира Ројстер ((Sarah) Elmira Royster) по барање на нејзините родители, е веќе свршена за богатиот бизнисмен Александар Шелтон. Разочаран, По оди во Бостон под името Хенри Ле Рене (Henri Le Rennet) и таму, анонимно (под псевдонимот "Бостонец"), во 1827 година издава еден памфлет од младешки Бајроновски поеми Тамерлан и други песни (Tamerlane, and Other Poems). Една преостаната копија од оваа ретка книга, неодамна, на аукција е продадена за 200 000 $.
Сиромаштијата го принудува По да се приклучи кон армијата под името Едгар Алан Пери на 26 мај 1827 година, но по смртта на неговата маќеа, Џон Алан го отпушта од армијата и помага во неговото назначување во Американската Воена Академија во Вест Поинт. Пред да оди, во 1829 година, По издава нова збирка поезија во Балтимор Ал Арааф, Тамерлан и помали поеми (Al Araaf, Tamerlane, and Minor Poems). Тој успешно иницира исфрлање од академијата, каде што е отсутен од сите вежби и часови во текот на една цела недела. Заминува во Њујорк и издава збирка Поеми (Poems, 1831) која содржи неколку ремек – дела, од кои дел го покажуваат влијанието на Џон Китс (John Keats), Перси Биш Шели (Percy Bysshe Shelley) и Семјуел Тејлор Колриџ (Samuel Taylor Coleridge).
Една година подоцна, во март, се враќа во Балтимор каде почнува да пишува раскази и живее со својата тетка Марија Клем (Maria Clemm), нејзината единаесетгодишна ќерка, Вирџинија Елајза Клем (Virginia Eliza Clemm) и нејзиниот брат Хенри. Тука По започнува да ја пишува и својата единствена драма Политичарот (The Politician). Во октомври 1833 година, неговата "Порака најдена во шише" (A Manuscript Found in a Bottle) освојува 50 $ на конкурс спонзориран од балтиморскиот весник Саботен гостин (Saturday Visitor). Овој успех, на По му овозможува познанство со Џон П. Кенеди, а преку него и со Томас Вајт, уредник на Јужниот Литературен Информатор (Southern Literary Messenger). Во јули 1835 година, По станува помошник уредник на периодичниот весник, но по неколку недели е отпуштен. Во Балтимор, тој тајно се венча со својата братучетка Вирџинија на 22 септември 1835. Тогаш Вирџинија имала 13 години. По изгледа бил нежен сопруг и зет.
По е отпуштен од неговата работа во Ричмонд, најверојатно поради интензивно пиење, по што тој се враќа во Њујорк. Пиењето, всушност, ќе биде негово проклетство во текот на целиот живот, факт што тој никогаш нема да го крие. За да зборува добро пред комисија на некоја голема компанија, потребен му бил некој стимулант, но часа шери во него предизвикувала жед за нова; иако ретко подлегнувал на силата на алкохолот, сепак, скоро секогаш, во тие моменти, бил во јавност, и тоа во полупијана состојба. Ваквите излети на По, кај народот биле прокоментирани со тврдење дека тој е зависник не само од алкохол, туку и од опиум, морфиум и други лесни, но и потешки дроги. Таквата репутација По го следи и денес, иако едно докторско сведоштво ја потврдува тезата дека тој имал вродена мозочна рана.
Откако ветува дека ќе се однесува добро, По е вратен од Вајт на неговото работно место. тој го одржува ветувањето и како уредник на Саботниот гостин останува до јануари 1837 година. Во текот на овој период, тиражот на весникот се зголемува од 700 на 3500 примероци.[2] Во него, По печати неколку свои поеми, литературни критики и раскази. На 16 мај 1836, Едгар Алан По и Вирџинија Клем и официјално се венчани.
[уреди] Писателска зрелост и кариера (1838-1849)
Додека е во Њујорк, во 1838 година, Едгар Алан По го издава својот единствен роман "Авантурите на Артур Гордон Пим" (The Narrative of Arthur Gordon Pym), кој (како и речиси сите негови раскази) ја комбинира фактичката стварност со неговите најлуди фантазии. Авантурите на Артур Гордон Пим, приказна која до денес не е целосно сфатена и разработена, ќе му послужи на Херман Мелвил (Herman Melville) како инспирација за неговиот Моби Дик. Последните анализи на овој Поов роман навлегуваат во неговата автобиографичност (на пример, самото име Артур Гордон Пим, многу, и етимолошки и морфолошки, наликува на Едгар Алан По, денот во кој Пим стигнува во Нанукет е 19 јануари, денот на раѓањето на По...). Во 1897 година, Жил Верн го издава двотомниот роман Сфингата од ледените полиња, кој е замислен како продолжение на Поовиот роман (поради што често е преведен и како Мистеријата за Артур Гордон Пим) и кој раскажува за доживувањата на екипажот од бродот Халбран (Halbrane) кој се обидува да одгатне што се случило со Пим.
Во летото 1839 година, По станува ко–уредник на Бартоновото списание за Џентлмени (Burton’s Gentleman’s Magazine) во Филаделфија. Таму, договорот за месечна плата ќе го стимулира да ги напише "Вилијам Вилсон" и "Пропаста на куќата на Ашерови" (The Fall of the House of Usher), раскази во кој натприродниот ужас го достигнува самиот врв на човечкото сфаќање. "Пропаста на куќата на Ашерови" содржи една кратка студија на паранојата, за која денес се знае дека му припаѓа на некој Поов познаник, а не на самиот По.
Подоцна, во 1839 година, во два тома, испечатени се неговите Гротески и Арабески (Tales of the Grotesque and Arabesque), настан кој иако не бил обележан како финансиски успех, денес е сметан за еден од најважните денови во американската литературна историја. Тука, на едно место се собрани "Пропаста на куќата на Ашерови", "Вилијам Вилсон", "Беренис", "Лигеја" и "Порака најдена во шише". Дава отказ во Бартоновото Списание за Џентлмени во јуни 1840 година, но во 1841 година повторно се враќа за да стане уредник на неговиот наследник Греамово Списание за Дами и Џентлмени (Graham’s Lady’s and Gentleman’s Magazine), во кое тој ја издава првата модерна детективска приказна "Убиствата во Улицата Морг" (The Murders in the Rue Morgue, 1841).
Вечерта, на 20 јануари 1842, Вирџинија скинува еден крвен сад додека пее и свири на клавир. Крвта почнала да тече низ нејзината уста. Тоа бил прв знак дека таа е болна од туберкулоза. Само делумно се опоравува. По, загрижен и скршен по болеста на својата млада жена, почнува да пие поинтензивно. Во 1843 година, расказот "Златната бубачка" (The Gold Bug) освојува награда од 100 $ на конкурс организиран од филаделфскиот весник Долар (Dollar Newspaper) што му дава голем публицитет. Во 1844 година оди во Њујорк, каде ја пишува "Измамата со балонот" (The Baloon Hoax) за весникот Сонце (Sun) и станува помошник уредник на Evening Mirror, под контрола на Н. П. Вилис, оттогаш негов доживотен пријател. Токму тука, на 29 јануари 1845, во секцијата Американски Разгледи (American Review), ќе се појави поемата "Гавранот" (The Raven) - кај нас преведена како Гарванот[1] од страна на Гане Тодоровски, Поовата најпозната поема, која преку ноќ ќе му донесе национална слава. Тогаш По станува уреник на Бродвејскиот Журнал (Broadway Journal), неделник со краток век на постоење, во кој, тој ќе ги реиздава своите раскази во текот на 1845 година. Оваа година ќе биде обележана со појавата на веќе заборавената поетеса Френсис Сарџент Лок Осгуд (Frances Sargent Locke Osgood) во Поовиот живот. Вирџинија не се противи, но Поовите јавни допишувања со неговата литературна љубов предизвикуваат голем скандал. Меѓу неколкуте поеми што По и ги посветува на Френсис, "Валентајн" (A Valentine) е особено интересна. Таа во себе содржи загатка, чие решение е нејзиното име, добиено кога ќе се земат првата буква од првиот стих, втората од вториот итн. Неговата збирка поезија Гавранот и останати Поеми (The Raven and Other Poems), како и избор од неговите Раскази (Tales) се, исто така, испечатени во 1845 година.
Во 1846 година, По се преселува во една куќичка во Фордхем (Fordham), денес дел од Бронкс, Њујорк, каде пишува за Годиевата Книга за Дамите (Godey’s Lady’s Book) во текот на 1846 година, од мај до октомври. Списанието се занимава со озборување и грубо скицирање на личностите на денот, работа која на По ќе му донесе судска тужба. Тука По е восхитен од камбаните на Фордхемовиот Универзитет, што ќе го инспирира да ја напише песната "Ѕвона" (The Bells).
Неговата жена, Вирџинија, умира на 30 јануари 1847 година. Следната година По заминува во Провиденс, Родски Остров (Providence, Rhode Island) за да ја запроси Сара Хелен Витман, уште една поетеса. Кратко време тие биле свршени. По има кратки, но платонски врски и со Ени Ричмонд (Annie Richmond) и со Сара Ана Луис (Sarah Anna Lewis), која финансиски го издржува. Пишува песни посветени на секоја од нив. Во 1848 година, ја издава песната во проза – проповедта Еурека (Eureka), трансцедентално објаснување на универзумот, кое е разгледувано како ремек–дело од многу критичари, но и како бесмислица од останатите. Во 1849 година оди на југ, има дива пијанка во Филаделфија, но безбедно се враќа во Ричмонд каде конечно се свршува со Елмира Ројстер, неговата љубена, сега веќе вдовицата Шелтон, и поминува среќно лето со само еден или два испади. Ужива во друштвото на своите другари од детството, но и во полуромантичното пријателство со младата поетеса Сузан Арчер Тели (Susan Archer Talley).
[уреди] Смрт: причини и теории
По ја претчувствува смртта во мигот кога го напушта Ричмонд и заминува за Балтимор, при крајот на септември 1849 година. Таму, откако на една роденденска забава пие во име на здравјето на славеничката, неговата жед за алкохол почнува да ја надминува неговата самоконтрола. Ова се покажува фатално, бидејќи По има слабо срце.
На 3 октомври, По е пронајден во полусвесна состојба на една клупа во Балтимор. Го носат во болницата на Вашингтонскиот Колеџ, [5] каде умира на 7 октомври. По не бил доволно свесен во ниту еден момент за да објасни како се нашол во неговата состојба и носел алишта што не му припаѓале нему. Неговите бладања се обележани со повторувањето на еден збор Рејнолдс, личност која до денес е непозната за истражувачите на животот на По. В. Т. Бенди, еден од истражувачите на животот на По смета дека По извикувал Херинг (вујкото на Едгар се викал Хенри Херинг). Некои извори тврдат дека последните зборови на По биле "Нека Бог ѝ помогне на мојата бедна душа". [6]
Точната причина за смртта на Едгар Алан По е сѐ уште нејасна. Доктор Снодграс бил уверен дека алкохолот ја предизвикал неговата смрт и се обидувал на секаков начин да ја популаризира неговата теорија. Сепак, како што покажуваат подоцнежните наоди, доктор Снодграс бил строг поборник против консумирањето алкохол и дел од фактите ги извештачил за да ги поддржи своите предрасуди.
Доктор Џон Моран, кој бил присутен пред Поовата смртна постела, во својот извештај од 1885 година, запишал: "Едгар Алан По не умре како последица од труење, ниту пак неговиот здив и тело имаа мирис на ликер". Сепак, ова е само еден извадок од неколкуте негови извештаи, кои често се контрадикторни, па неговото сведочење не може безрезервно да се прифати.
Колерата како причина за смртта на По не смее да биде исклучена. Додека е во Ричмонд, во 1849 година, По им пишува писма на својата тетка Марија Клем (на 7 јули) и на својот пријател Е. Х. Н. Патерсон (на 19 јули и 7 август) во кои вели дека можеби се заразил со колера во Филаделфија. Покрај ова, колерата е и една од главните теми во неколку од неговите раскази ("Маската на Црвената Смрт","Сфингата","Бон-Бон").
Безбројно многу теории се предложени во последниве неколку години, вклучувајќи и неколку што сметаат дека По умрел како последица од ретка мозочна болест, од дијабетес, од недостаток на клучни ензими во неговото тело, од сифилис и во последно време од беснило. Теоријата за беснилото е предложена од доктор Мајкл Бенитез кој смета дека симптомите пројавени кај По пред смртта се класични во еден случај на беснило [7]. Покрај ова, мачките се чест мотив во неговите раскази, па можно е По да бил гризнат од побеснета мачка или некое друго животно заразено со оваа болест.
Постои и една теорија која тврди дека По бил дрогиран и искористен како пион во обидот на една група измамници да се наместат локалните избори кои се случувале истиот ден кога По бил пронајден во бесознание.[2]
Поради отсуство на документи и доказен материјал (скоро сите документи што зборуваат за смртта на По се издадени барем десетина години по неговата смрт; дури и неговата посмтрница, ако воопшто постоела, е изгубена), најверојатно вистинската причина за смртта на По засекогаш ќе остане тајна.
Едгар Алан По е погребан во дворот на Вестминстерската Презветаријанска Црква, [8] сега дел од Мерилендскиот Универзитет [9] во Балтимор.
[уреди] Зад гробот - мистеријата за човекот со црн плашт
Дури и по својата смрт, По предизвикува низа контроверзии околу својата смрт. Поради неговата слава, учениците на универзитетот собирале пари за повторно да го закопаат По, овој пат поблиску до предната врата. Преместувањето е извршено на 1 октомври 1875 година, а церемонијата е одржана на 17 ноември.
Денес, гробот претставува вистинска туристичка атракција. Почнувајќи од 1949 година, до денес, во раните утрински часови на Поовиот роденден - 19 јануари - еден мистериозен човек познат само како Poe Toaster (toast-здравица), облечен во црн плашт, со шал наметнат над усните и со сребрен бастун во десната рака, клекнува пред гробот на поетот. Одржува здравица со Мартел коњак и полу-празното шише заедно со три ружи ги остава на гробот. Никој не знае за кого е коњакот, но се смета дека ружите се наменети за По, за неговата жена Вирџинија и за неговата тетка Марија Клем, сите закопани на истото место.
Неколку пати човекот во црн плашт остава порака на гробот. Една од нив гласела: "Едгар, јас сѐ уште не те заборавив."[10]
Во 1993 година, текстот на пораката гласел "Факелот ќе биде пренесен".[11] Многумина сметале дека со оваа порака првиот Poe Toaster сакал да каже дека е болен и дека наскоро ќе умре. Во 1999 година, претпоставките се оствариле: новата порака велела дека човекот во црн плашт починал.
Сепак, традицијата не престанала. И денес, на 19 јануари, на гробот на По, се појавува истата сенишна фигура и го повторува својот чуден ритуал.
Долги години се мислело дека Џеф Џером, кустосот на блиската Поова куќа-музеј, е човекот со црн плашт. Затоа, во 1983 година, на 19 јануари, Џером поканува 70 луѓе на гробот на По. Во чест на роденденот на поетот, тие пијат по чаша амонтиљадо, шпанско шери кое е дел од еден од Поовите раскази, и ги читаат неговите хорор-приказни. Околу еден часот по полноќ, една сенишна фигура претрчала меѓу нив и, на општо изненадување, веднаш исчезнала зад источниот ѕид на гробницата. По обичај, на гробот имало три ружи и полу-празно шише француски коњак.
Во 1990 година, на магазинот LIFE му било дозволено да прати фотограф и да го слика човекот во црн плашт. Сликата излегла во јулското издание на магазинот, но не овозможила идентификација на мистериозниот посетител. Оттогаш, никој не успеал да го фотографира мистериозниот Poe Toaster.[12]
[уреди] Мемоарите на Грисволд
На денот на Поовиот погреб, една долга посмртница се појавила во New York Tribune, потпишана со "Лудвиг". Текстот почнувал со зборовите: "Едгар Алан По е мртов. Умре во Балтимор пред два дена. Оваа изјава можеби ќе зачуди многу, но малкумина ќе бидат тажни поради неа." [13] Посмртницата е препечатена во многу весници низ целата земја.
За кратко време "Лудвиг" бил идентификуван како Руфус Грисволд, не многу познат уредник и антологичар, кој чувствувал омраза кон По од 1842 година, кога По напишал критика на една од Грисволдовите антологии, која Руфус сметал дека е само лажна пофалба на неговото дело. Иако секогаш биле учтиви во јавност, било невозможно да се согласат на одредени теми, па непријателството меѓу нив постојано се развивало. Оваа посмртница, за многу критичари, претставува обид на Грисволд да си ги израмни сметките со својот вечен непријател.
Грисволд напишал и биографски Мемоари за По, вклучени во неговите собрани дела. Грисволд го прикажува По како неморален, пијан, полулуд зависник од дрога. Оваа биографија била сосема различна во однос на било која што се појавила за По и денес се верува дека дел од податоците за Поовиот живот се фалсификувани со цел Грисволд да ги оправда своите мислења. Грисволдовата книга била веднаш отфрлена од оние кои добро го познавале По: сепак, во пошироки размери, таа била брзо прифатена, зашто била и најопширен запис за животот на По, а и успевала да го задржи раскажувачкиот глас кој По го користи во своите раскази. До 1875 година, кога Џон Инграм ја печати својата биографија за По, не се појавува ниту една друга книга посветена на животот и делото на По. Сепак, до тој момент, претставата на Грисволд за Едгар Алан По веќе била раширена, не само во Америка, туку и во најголем дел од светот. Дури и модерната претстава за ликот на По, во мала или поголема мера, се базира на оваа првична биографија.
[уреди] Поетскиот принцип и Философија на композицијата
Во својот есеј "Поетскиот принцип", По расправа дека не постои долга поема, зашто, според него, врвната цел на уметноста е естетиката, односно, причината поради која таа постои е да побуди чувства кај читателот, нешто што може да трае само краток временски период (онолку колку што е потребно да се прочита лирска песна, да се изгледа драма или да се погледне слика). Тука По го изложува и своето мислење дека еден еп, ако воопшто сака да има некаква вредност, мора да е претставен како збир од неколку кратки делови, сите насочени да побудат едно исто чувство кое ќе ја воздигне душата.
По особено внимание посветува токму на естетскиот аспект на уметноста. За По, самата уметност е духовно искуство. Во голем број од неговите раскази, ликовите (особено Родерик Ашер од "Пропаста на куќата на Ашерови") го постигнуваат овој естетски идеал преку посветеност, поради што често се опсесивни и изолирани од светот. "Овалниот портрет" исто така ја разработува посветеноста, но овој пат предметот на посветеност е токму уметничкото дело.
По е голем поддржувач на теоријата уметност заради уметност, многу години пред Теофил Готје да го искова познатиот француски слоган l'art pour l'art. Токму поради ова, тој е голем противник на дидактичноста, сметајќи дека моралот и етиката не треба да постојат во рамките на поезијата и уметноста, кои исклучиво треба да се фокусираат на создавање на убаво дело. Го критикува Џејмс Расел Лауел (James Russell Lowell) во еден од своите разгледи, обвинувајќи го за преголема дидактичност и поучност и тврдејќи дека песната треба да се пишува само поради песната. Во можеби својот најпознат есеј "Философија на композицијата", По наложува дека најпрво треба да се напише крајот на едно дело, а дури потоа неговиот остаток. Веројатна инспирација за ваквото мислење на По, било писмото што Чарлс Дикенс му го испратил на 6 март 1842 година, во кое тој вели:
- Околу темата за "конструкцијата" на "Калеб Вилијамс", дали знаеш дека Годвин го напишал наназад, — прво последниот том, — а потоа, откако го прикажал ловот на Калеб и катастрофата, чекал со месеци, барајќи начин да разјасни што направил? [2]
По се осврнува на ова писмо во својот есеј. Литературното влијание на Дикенс врз По може да се забележи и во расказот "Човекот од толпата". Описот на распадот на градот многу му должи на Дикенс, а на некои места, намерно, од текстот на По, одекнува јазикот на Дикенс.
Исто така, По е и бранител на магазинската литература, односно мисли дека расказите, односно "приказните" како што тогаш биле нарекувани, кои обично биле сметани за "вулгарна" и "ниска" уметничка форма како и списанијата во кои биле издавани, може да стојат рамо до рамо со романите и еповите. Неговата упорност во одбраната на уметничката вредност на расказот е еден од главните фактори кој ќе го овозможи идниот развиток на овој заборавен жанр.
По често вклучува елементи од псевдонауката во своите раскази. Особено е забележително присуството на френологијата [14] и физиогномијата [15].
Тој обично обработува само по едно човечко чувство во своите раскази: во "Предавничко срце" се фокусира на вината, а во "Пропаста на куќата на Ашерови" се фокусира на стравот. На овој начин, и во расказите, По го бара естетскиот идеал во обидот да ја воздигне душата, побудувајќи само едно човеково чувство.
[уреди] Личност и дело
Творештвото на По многу му должи на романтизмот и неговата опседнатост со окултното и сатанското. Исто така, многу му должи и на Поовата ретка способност да обликува веројатни настани и приказни од несфатливи и невозможни фрагменти. Способен да биде и објективен и спонтан, тој успева во своите дела да внесе еден посебен белег – мешавина од моќта на фантазијата и техниката на разработка. Неговите остри и јасни критики и пофалби на современата литература, неговиот идеализам и музички талент како поет, неговата уметничка способност да драматизира како раскажувач, посебно ценета во неговото време, му обезбедуваат место меѓу највидните и најпознатите писатели на сите времиња.
Најконтроверзниот податок во Поовата биографија е неговата чудна двојност. Огромната разлика во тврдењата на неговите современици, речиси да укажува на постоењето на две личности во неговото тело. Кон оние што ги сакал секогаш бил нежен и посветен. Оние пак, кои биле предмет на неговата остра критика, во По гледале раздразлив и арогантен ексцентрик, а некои одат до таму што го обвинуваат за неморалност и недостаток на етички принципи. Многу пати е поставено прашањето: дали тој двојник е сеништето што се родило од маченичките кошмари или од исцрпувачките внатрешни визии на мрачни злосторства или од ужасните задгробни фатазии што ползеле низ Поовата нестабилна природа?
Најголем дел од делата на По се поврзани со чувства на длабок ужас и тага, но во нормални услови, поетот бил сосема пријатен придружник. Зборувал брилијантно, главно за литература, и читал сопствена и туѓа Поезија со глас признат по својата ненадминлива Убавина. Се восхитувал на Вилијам Шекспир (William Shakespeare) и на Александер Поуп (Alexander Pope). Имал прекрасна смисла за хумор: им се извинувал на посетителите на неговиот дом што немал галениче гавран. Ако се разгледува мозокот на По, тогаш, неговото двојство е уште повчудоневидувачко. Од една страна, тој е идеалист и визионер. Неговата жед за совршенство е и душевна и фантазерска. Неговата чувствителност кон убавината (овој збор По секогаш го пишувал со голема буква [16]) и слаткоста на жената е инспирација за неговите најтрогливи и најлирски песни (На Елена (To Helen), Анабел Ли (Annabel Lee), Јулали (Eulalie), На Една во Рајот (To One in Paradise)) како и на безмалку тонските прозни химни на убавината и љубовта во неговите кратки раскази Лигеја (Ligeia) и Елеонора (Eleonora). Во Израфел (Israfel) неговата фантазија го изнесува надвор од материјалниот свет и го носи во некоја земја од соништата. Ваквото расположение кај По, особено ќе ги карактеризира последните години од неговиот живот.
Уште поопшто, во стиховите како што се оние во Долината на Немирот (The Valley of Unrest), Ленор (Lenore), Гарванот (The Raven), За Ени (For Annie) и Јулалум (Ulalume) и во расказите во кои По ги заобиколува познатите искуства што светот може да ги понуди, тој тоа го прави на еден свој специфичен начин, преку морничави мисли, импулси и стравови. На ваков начин е изградена фабулата на неговите приказни за смртта (Пропаста на куќата на Ашерови, Маската на Црвената Смрт (Тhe Masque of the Red Death), Фактите во случајот за М. Волдемор (The Facts in the Case of M. Valdemar), Предвремениот закоп (The Premature Burial), Овалниот портрет (The Oval Portrait), Сенка (Shadow)), во расказите за извештаченоста и злосторствата (Беренис (Berenice), Црниот мачор (The Black Cat), Вилијам Вилсон, Палаштвото на изопачените (Imp of the Perverse), Бочвата Амонтиљадо (The Cask of Amontillado), Предавничко срце (The Tell-Tale Heart)), неговите раскази за преживување после конечното распаѓање (Лигеја, Морела (Morella), Меценгерштајн (Metzengerstein)), и неговите раскази за празнотијата, бесмилата и фаталноста на човековиот живот и сфаќања (Состанокот (The Assignation), Човекот од толпата (The Man of the Crowd)). Дури и кога По не се одлучува своите ликови да ги вмеша во судир со мистериозни сили или да ги фрли во беспомошната сенка на неминливите патишта кои водат кон Бездната на Непознатото, тој сѐ уште го користи мотивот на неизбежно страдање и маченичко предавање во прегратката на очајот, како средство за да предизвика болно треперење на нервите (Бунарот и нишалото (The Pit and the Pendelum)) и неговото гротескно откритие речиси секогаш ги внесува марионетите на труповите и бавното распаѓање на волшебната театарска сцена која на својот редовен репертар ја има претставата Трагедија чиј морничав крај спие под завесата на Освојувачот Црв (The Conqueror Worm) и самата Смрт.
Од друга страна, По е познат по длабоките и јасни обсервации на мигновени детали, како во кратките, но содржајни описи во својот единствен роман, но исто така и во воведите на своите раскази кои речиси незабележливо ја поставуваат сценографијата за остатокот од драмата. Блиско поврзана со ова е неговата моќ за рационализација и разумно разработување. Се гордеел на сопствената логика и внимателно ја пласирал во своите раскази за со секој нареден да докаже дека поседува многу повеќе од она што претходно било изложено; на тој начин, мисленото разглобување, разоткривањето на злосторствата и читањето на тајните записи се особини што стануваат основни одлики на неговите Легран и Дипен. Така По го создава aналитичкиот расказ, кој го навестува детективскиот и кој е предвесник на научно – фантастичните раскази.
Истата двојност се забележува и во неговата уметност. Способен е да напише ангелска или чудна поезија со безмалку совршен осет за ритам и привлечност на зборот, или лирска проза што воздивнува со раскошна убавина и сугестивност, со очигледно одбегнување на присилената инспирација; сепак, понекогаш запишувал морбиден психолошки проблем или скицирал сиже со безмилосна суровост во тежок и сув стил. Во Поовите ремек – дела, двојноста на неговиот карактер, на неговиот ум и на неговата уметност се споени во една хармонична мелодија, која тонски, структурално и движечки е ефективна колку и Бетовенова симфонија: таа е беспрекорен склоп на, на прв поглед, недопирливи и несфатливо различни фрагменти.
Како критичар, По ја акцентира точноста и прецизноста на јазикот, ритамот и структурата . Ги формулира правилата за пишување на краток расказ и во нив, тој се залага за обединување на античките единства: расказот треба да обработува потполно дејство кое ќе се случува во текот на еден ден и на едно место. Покрај овие единства, тој ги воведува и единствата за расположение и ефект. Сепак, не е екстремен во бранењето на своите погледи. Се восхитува од подолгите дела, а понекогаш ги велича и алегориите и дидактичките текстови доколку не е грубо и сурово предадена нивната поента. По се восхитува најмногу на оригиналноста, дури и во дела што многу се разликуваат од неговите, поради што, често бил неочекувано дарежлив критичар за делата на многу мали писатели.
Генијот на По е многу рано препознат во Европа. Никој не го промовирал повеќе По во светски рамики, па и во САД, од двајцата француски поети – Шарл Бодлер и Стефан Маларме. Навистина, неговата улога во обликувањето на француската литература е огромно и на поетско и на критичарско ниво. Симболизмот го смета за свој создавач и го ословува со блескавата титула Големиот Учител. Тој се потпира на неговата Философија на Композицијата, се раѓа од неговата чудовишна Фантазија и ги користи неговите поеми за да ја обликува модерната теорија за чистата поезија.
[уреди] Извори
[уреди] Белешки
- ↑ Stableford, Brian. "Science fiction before the genre." ("Научна Фантастика пред појавата на жанрот") The Cambridge Companion to Science Fiction, уредено од Edward James и Farah Mendlesohn. Cambridge: Cambridge University of Press, 2003. pp 18-19.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Allen, Hervey. Introduction to The Works of Edgar Allan Poe (Вовед во Делата на Едгар Алан По), P. F. Collier & Son, New York, 1927.
- ↑ Хронологија на животот на По
- ↑ 4,0 4,1 Едгар Алан По, Маската на Црвената Смрт, издавачка куќа Темплум, Скопје, 2003.
- ↑ Washington College Hospital на Fayette Street во Балтимор, позната и како "Washington University of Baltimore", затворена е во 1851 година. Болницата е повторно отворена како Church Home во 1854, и е преименувана неколку пати и тоа во Church Home and Infirmary, Church Home and Hospital, Church Home Hospital, за конечно да остане со името Church Hospital. Во 1999 година, Church Hospital е затворена, а блиската Johns Hopkins Hospital го купува имотот. Главната зграда на Church Hospital, која ја вклучува и првобитната зграда на болницата во која умира По, е потоа преименувана во Church Home Building. Ако прашате граѓанин на Балтимор каде умрел По, скоро секој пат ќе ви одговорат дека умрел во "Church Home Hospital".
- ↑ Lord help my poor soul во оригинал.
- ↑ Benitez, R. Michael (24 септември 1996). Мистеријата за Едгар Алан По. University of Maryland Medical News
- ↑ Напис на Baltimore Sun за Westminster Hall.
- ↑ Универзитет во Мериленд - Факултет за Право homepage.
- ↑ Edgar, I haven't forgotten you во оригинал.
- ↑ The torch will be passed во оригинал.
- ↑ Зад гробот - извадок од книгата на Трој Тејлор Опширен текст, а ја содржи и сликата на човекот во црн плашт објавена во LIFE магазинот.
- ↑ Содржината на целата посмртница (на англиски) може да ја најдете на Wikisource под името Death Of Edgar Allan Poe. Само кликнете на линкот и директно ќе бидете пренесени на страницата. Ако сакате да ја видите страницата на Wikisource посветена на Едгар Алан По (голем број поеми, раскази, есеи), кликнете овде.
- ↑ Edward Hungerford. "Poe and Phrenology," American Literature 1 ("По и Френологијата", Американска Литература 1) (1930): 209-31.
- ↑ Erik Grayson "Weird Science, Weirder Unity: Phrenology and Physiognomy in Edgar Allan Poe" Mode 1 ("Чудна наука, почудно единство: Френологијата и Физиогномијата кај Едгар Алан По" Том 1) (2005): 56-77. Исто така извадок од текстот има и на интернет.
- ↑ Едгар Алан По, Одбрани песни, избор и препев на Гане Тодоровски, Култура, Скопје, 1986
[уреди] Општи извори
- Collected Works of Edgar Allan Poe, Walter J. Black Inc, New York, (1927).
- Edgar Allan Poe: A Critical Biography, Arthur Hobson Quinn, New York, Appleton-Century-Crofts, Inc, (1941). ISBN 0-8018-5730-9
- Collected Works of Edgar Allan Poe, three volumes (I and II Tales and Sketches, III Poems), edited by Thomas Ollive Mabbott, The Belknap Press Of Harvard University Press, Cambridge, Massachusetts, London, England, (1978).
- The Unknown Poe, edited by Raymond Foye. City Lights, San Francisco, CA. Prefaces, Copyright by Raymond Foye, (1980).
- Edgar A. Poe: Mournful and Never-ending Remembrance by Kenneth Silverman. Harper Perennial, New York, NY, (1991).
- The Poe Encyclopedia by Frederick S. Frank and Anthony Magistrale. Greenwood Press, Westport, Connecticut and London, England, (1997). ISBN 0-313-27768-0
- The Classics of Style, by Edgar Allan Poe, et al., The American Academic Press, (2006). ISBN 0-9787282-0-3
[уреди] Надворешни врски
[уреди] За Едгар Алан По
- Американска национална историска страна за Едгар Алан По
- Музејот на По во Ричмонд, Вирџинија
- Потписот на Едгар Алан По
- Колибата на По во Фордхем, Бронкс
- Поовите предвидувања за канибализмот
- Друштвото на По во Балтимор
- Познавајќи го По на Јавната Мерилендска Телевизија: Литературата, Животот и Времето на Едгар Алан По во Балтимор и надвор од него
- Кајшто чекореше По - песна на Х. П. Лавкрафт
- Аудио интервју со Кен Силвермен од 1992 година, писател на книгата Едгар Алан По: тажно и незаборавно сеќавање
[уреди] Дела
- Песни на Едгар Алан По на PoetryFoundation.org
- Дела од Edgar Allan Poe на Проектот Гутенберг
- Одбрани дела на По на Inspired Poetry
- PoeStories.com - Одлична страница со анализи, цитати, извадоци и целосни текстови на Поовите раскази, хронологија на Поовиот живот и галерија со слики. Расказите содржат и вграден речник на помалку познати зборови со дефиниции кои го олеснуваат читањето.
- Виртуална библиотека на Едгар Алан По
- Аудио снимки на читани дела од По на Literal Systems
- Друштвото на Едгар Алан По од Балтимор - Собраните дела на По и огромна количина на биографски и критички материјали, вклучувајќи и преглед на досега познатите факти за животот на По
- Аудио снимка на "Гавранот" (кај нас преведена и како "Гарванот") што се наоѓа во јавна сопственост
- Гарванот - превод: Гане Тодоровски
- Решен крипотографскиот предизвик на По
- Аудио-книги со Поовите раскази - бесплатен download
Статијата Едгар Алан По е пример меѓу избраните статии. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија. |