Лингвистика
Од Википедија, слободна енциклопедија
Лингвистиката (јазикознание, од латински lingua = јазик) е наука за јазикот со кој комуницираат луѓето, а се смета како дел на семиотиката. Таа го проучува јазикот како средство за комуникација, а во нејзините рамки, одделно се проучуваат јазичните нивоа, нивната интеракција и различните јазични стилови
Лингвистиката е современа и млада научна дејност која се конструира како наука кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, кога се засилува научниот интерес за теориските проблеми на јазикот, а нејзините почетоци се сврзани со името на швајцарскиот лингвист Фердинанд де Сосир. Тој е меѓу првите луѓе кои за јазикот зборуваат како за сложена структура, како за систем не еднаш даден и затворен, туку како еден жив и отворен процес, постојано подложен на влијанија и промени.
Се до издвојувањето на лингвистиката како наука, јазикот се проучувал, пред се, како средство на културата, во рамките на филологијата. Лингвистиката се издвојува од филологијата во моментот кога нејзините проучувања добиле вистинска научна втемеленост и аргументираност. Јазикот, правилно сфатен како структура во која секој елемент е причинско - последично врзан со другите, станува достоен предмет на проучување на идните лингвисти. Се отвораат нови и нови проблеми врзани со знаковната, општествената и психичката природа на јазикот
Задачите и методите на секоја наука произлегуваат од природата на нејзиниот предмет на проучување. Лингвистиката има за цел да го истражи сложениот јазичен ентитет - неговата природа и начинот на кој функционира тој. Во рамките на лингвистичките проблеми спаѓаат и методите со кои се вршат таквите истражувања.
[уреди] Надворешни врски
- Речник на лингвистички термини и француско-англиски речник на SIL Интернационал
- Секција "лингвистика" од литературна теорија, критика и филологија од универзитетот Сарагоса, Шпанија
- Интегративна лингвистика
- Прелиминарен водич во лингвистиката, прв дел: резиме на различни лингвистички дисциплини и нивна практика. Постои и втор дел.
- Лингвистичка листа
- Лингвистиката во вестите