Давина Кула
Од Википедија, слободна енциклопедија
Давина Кула е тврдина и регионално средиште 3 км југозападно од Чучер и 12 км северозападно од Скопје, покрај магистралниот пат за Косово, на јужниот крај на Качаничката Клисура. Претставува издолжен рид, горе зарамнет, чиј јужен дел паѓа 230 м длабоко во долинката на Лепенец. Преку едно благо седло на северниот дел продолжува постепено во венецот на Скопска Црна Гора. Падините му се стрмни и лесно е пристапен само од североисток. Озгора има преглед врз магистралниот пат повеќе километри на север (во клисурата) и на југ (низ Полето). Стари рудници на железо регистрирани се на неколку километри североисточно оттука.
Содржина |
[уреди] Најстари остатоци
[уреди] Акропола
На јужниот крај на ридот што е највисок, во доцноантичко време бил изграден кастел со овална форма, со димензии 185 х 110 м (1 ха). Обѕидието, градено од камен со вар и зајакнато со низа кули, потекува од доцноримско време (IV век), генерално е обновено во VI век (несомнено по земјотресот во 518 г.). Обновена била и внатрешноста, што и денес одлично се гледа на површината: низа станбени градби со неколку одделенија, вклопени во низи долж тесни паралелни улички. На највисоката позиција стоела црква, опркужена со неколку помошни градби.
[уреди] Јадро
Северно од акрополата, на тесна зарамнета тераса која е малку пониска било изградено јадрото на градот по однапред утврден план. Опфатено е со двојно обѕидие, зајакнато со кули и со голема порта на северниот крај. Во центарот стоел мал квадратен плоштад, врамен со дуќани. Северно од него стоеле поголеми куќи за живеење, а јужно од него базилика и повеќе други големи градби.
На јужниот дел, во подножјето на акрополата, има слаб извор што го снабдувал со вода. Сето ова било изградено наеднаш и по еден однапред осмислен урбан план, во текот на VI век. Градот со укрепениот простор за збег крај него зафаќал површина од 8,4 ха. Покрај спомнатите две базилики во градот евидентирани се уште шест други цркви во блиската околина. Стопанската моќ на жителите се потпирала главно врз експлоатацијата на железо и врз металургијата. Најдени се многу голем број ситни железни предмети — фибули, алатки и делови од опрема и покуќнина, исковани тука (главно во V - VI век). На еден оловен печат се чита името на епископот Тома.
[уреди] Средновековни остатоци
Изворот денешното население го вика Давина; по него така е наречен и целиот рид. Обѕидието и внатрешните градби извонредно добро се запазени до денес и во среден век тие биле практично употребливи, со извесни обнови. Наодите од VII - VIII век се маркантни: неколку аплики и окови за појас изработени од бронза и легура на сребро, или од железо тауширани со сребро; тие носат византиски — предсловенски белези. Еден амулет, резбарен од парошка на еленски рог, има на горниот дел 4 лица наоколу; тоа е несомнено претставата на Перун — Световид — врвното словенско божество (од IX - X век?). Истиот се поврзува со словенското предхристијанско име на местото, Давина (Дева), главната словенска божица која можеби тука имала свое светилиште.
Останатите наоди се од следните векови: византиски монети - бакарни скифати од XII — XIII век. Базиликата (од VI век) на акрополата била делумно обновена во зрелиот среден век: врз нејзиниот среден кораб била изградена нова црква. Пред еден век Артур Еванс (1885, 92—93) тука забележал делови од камен саркофаг од времето на Немањиќи (?).
Несомено е дека доцноантичката акропола, добро запазена, служела и во средновековието како висока стража на влезот во Качаничката Клисура, демнејќи го магистралниот пат од Скопје на север — кон Косово, Рашка и Белград. Блиските лежишта на железната руда веројатно повторно биле експлоатирани и така израснало и подградието, „градот Давина” според месното предание. Овој значаен укрепен пункт со многу веројатност бил седиште на една од енориите во рамките на Скопската епископија; можеби Преамор или Принип, споменати во повелбата на Василиј II од 1019 г.
[уреди] Наводи
- А. Evans 1883, 92—93; — И. Микулчиќ 1982, 107—116, 148 (доцноантички наоди)
Давина Кула • Марков Град • Маркови Кули (Водно) • Маркови Кули (Кожле) • Марково Кале • Скопско кале
Арангел • Банско • Белица I • Белица II • Битола • Будинарци • Бучин • Валандово • Варош • Велес • Виница • Вирче • Водно • Габрово • Годивје • Горна Бањица • Градец • Градиште • Граиште • Дебар • Дебреште • Девич • Демир Капија • Десово • Долна Лешница • Долно Ореово • Драмче • Дреново • Евла • Железнец • Живојно • Заград • Згратчани • Звегор • Здуње • Злетово • Зовик • Зрзе • Ижиште • Јегуновце • Калиште • Канарево • Кичево • Кожле • Конче • Коњух • Костурино • Крупиште • Лешок • Луковица • Манастир • Маркова Сушица • Матка • Младо Нагоричане • Мордиште • Мородвис • Опила • Ораше • Охрид • Песочани • Подвис • Прилепец • Радовиш • Ресава • Рогле • Скопје • Сопот • Србиново • Стенче • Стење • Стрежево • Струмица • Теово • Трескавец • Црешка • Чучер • Шопур • Штип