Диоген
Од Википедија, слободна енциклопедија
Диоген од Синопа (413—323 год. п.н.е), грчки филозоф, е највпечатливиот претставник, иако не и основач на сократовата школа на цинизмот. Восхитен од предавањата на Антистен, грчкиот претставник на аскетизмот, инаку ученик на Сократ, му се придружил во неговото филозофско учење. Се згрозувал од животот на Атињаните кои претерано живееле во изобилство и неконтролирано го расфрлале својот имот. Така и заживеала неговата идеја за апсолутен цинизам, според која и го ориентирал својот живот. Се што имал била една тога, стап, дрвено буре (во кое и спиел) и сад во вид на чаша од кој пиел. Кога еден ден видел како децата пијат вода од своите дланки, сфатил дека ни чашата не му е потребна, па ја фрлил. Неговото животно учење било дека човекот треба да живее само со она што му е неопходно за живот, со соодветна самоконтрола.
Ги мразел корупцијата и заговорите во своето општество, па така еден ден излегол на главниот плоштад во Атина велејќи “Го барам човекот“, сметајќи дека во состојбата во која се наоѓа тогашното општество, го немало вистинскиот човек, туку сите биле подредени на моментната ситуација. Често бил гостин и на предавањата на Платон, каде секогаш настојувал да му се спротивставува во мислењето, па во една прилика се случило Платон да каже дека човекот е суштество без крилја и пердуви... објаснувајќи дека умот на човекот е нешто што е на прво место. Диоген излегол надвор, го искубал првиот петел на кој наишол, влегол во просторијата во која Платон држел предавање и рекол: “Еве го човекот на Платон“.
Имало и такви на кои филозофијата на Диоген не им пречела. На пример, Александар Македонски по доаѓањето во Атина (откако ја освоил) го посетил Диоген во неговото дрвено буре на главниот плоштад, откако претходно ги слушнал интересните приказни за него. По доаѓањето, Александар го затекол Диоген како спие. Го разбудил, му се претставил и го прашал дали може нешто да стори за него. Диоген само одговорил дека би сакал да се потргне од пред него за да го грее Сонцето. Восхитен од таа реакција и едноставност, Александар Македонски рекол: “Да не сум Александар (Велики) Македонски, би бил Диоген од Синопа“.
Еден вака интересн филозоф немал славен крај. Имено, во едно од своите патувања бил заробен од страна на пирати кои го одвеле на Коринт и тамо го продале како стока. Меѓутоа, духот на Диоген останал силен, а тој (за разлика од другите) рекол дека не сака да биде продаден, туку се понудил како управник - гувернер на оној кому му треба управување. Завршил како учител на децата на еден од локалните управници.
Народот Диоген го нарекувал и "Canis philosophae" - филозоф куче, поради коските, и животински и човечки, кои се наоѓале во неговото буре и околу него. Иритиран од нивните зборови, во една прилика поминувајќи покрај нив, се измокрил на дрвото што било пред него, имитирајќи куче. Постои легенда која зборува дека и Александар го прашал што прави со толку коски, а овој му одговорил дека ги бара коските на својот татко, но не може да ги разликува од коските на робовите - што секако имало своја филозофска порака.
Меѓу бројните занимливости од животот на овој филозоф е и неговата реченица: “Јас сум граѓанин на целиот свет!“, според што станал првиот забележан космополит во историјата. Неговиот живот детално го истражувал и го запишувал, неговиот истоименик Diogenes Leartius.