Струшки вечери на поезијата
Од Википедија, слободна енциклопедија
Струшките вечери на поезијата е најголемата светска поетска манифестација што се одржува секоја година во Струга, Република Македонија. Манифестацијата е основно одбележје на Струга како туристички центар и на неа присуствуваат најмалку 200 светски познати поети. На поетскиот фестивал меѓу другото, се доделуваат и најголемото признание за целокупна поетска дејност, „Златен венец“, и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик.
Непосреден повод за организирање на Струшките вечери на поезијата, за продолжување на вековната културна традиција на овој град, беше литературното читање на група истакнати македонски писатели на свечениот дел од јубилејот, одржан во Струга на 15 јули 1961 година, по повод излегувањето на „Зборникот на браќата Миладиновци“. Се дојде до идеја дека постојат сите услови да се организира една традиционална манифестација со фестивалски карактер, која ќе се одржува во овој град, како смотра на поетските остварувања во Република Македонија во текот на една година.
Ваквата идеја и иницијатива наиде на позитивен одѕив и со задоволство беше прифатена од Друштвото на писателите на Македонија, Советот за култура на тогашна Народна Република Македонија и Народниот одбор на Општината Струга.
На една од своите седници, Народниот одбор на Општината во 1962 година формира прв фестивалски одбор од 7 членови, составен од претставници на Друштвото на писателитe на Македонија, културни и општествено-политички работници од Републиката и од Струга, чијшто претседател бил истакнатиот поет Блаже Конески. Фестивалскиот одбор изготви програма распределена во четири вечери на кои настапија писатели од Македонија.
Од година во година бројот на учесници на Струшките вечери на поезијата се зголемувал. Во 1964, тие прераснаа во општојугословенски фестивал на кој зедоа учество поети од сите републики на поранешна Југославија. А веќе наредната, 1965 година, фестивалот ги премина југословенските граници и поприми карактер на меѓународна поетска манифестација на која настапија еминентни поети од неколку земји: Бугарија, Италија, Полска, Романија, поранешниот Советски Сојуз и поранешна Чехословачка. Бројот на земјите учеснички се зголемуваше. По четири години, во 1968 година, на средбите настапија поети и есеисти од 17 земји.
Во 1966 година Струшките вечери на поезијата прераснаа во институција што постојано ја дообликува својата физиономија, изградувајќи поцврсти критериуми врз кои ја конципира програмата и поканува учесници на приредбите. Советот на Струшките вечери на поезијата со своите посебно стручни комисии: програмска, селекциона, комисија за симпозиум, организационо-техничка, жири комисии за доделување награди и други, програмирано ја одвива својата дејност, настојувајќи што подобро и посодржајно да ја осмисли манифестацијата. Бројот на членови на Советот на Струшките вечери сега се движи околу 25, со претседател и двајца потпретседатели.
Струшките вечери на поезијата доживеаја брз растеж и за кусо време станаа единствена меѓународна манифестација од ваков вид, еден вид на мост меѓу литературните меридијани на светот. Тие претставуваат една значајна трибина од која што секоја година одекнува полифоничноста на поетскиот збор, неговите хумани пораки и моќта да облагородува и зближува.
Струшките вечери секоја година се вистински празник како за градот, така и за сите вљубеници на поезијата. Тие станаа значаен културен настан во светот на литературата, манифестација низ која, како низ отворен прозорец, може да се види и чуе што се случува во поезијата, во таа "земја без граници". Пропагирајќи ја поезијата и нејзините вредности, Струшките вечери имаат непроценливо значајна мисија во овој миг, во овој свет што ни се приближува, што го приближуваме.
Името на Струшките вечери на поезијата е внесено во сите поетски карти на светот. Струга е во сите оние што ја посетиле и виделе. Таа е на патот да биде и во оние што допрва ќе ја видат. "Ако постои некаде библиски небесен рај, со идеална убавина, тогаш едно негово овоземно катче е овој град" - запиша еден од многубројните странски учесници, заминувајќи од Струга.
[уреди] Досегашни лауреати
[уреди] Надворешни врски
|