Сибир
Од Википедија, слободна енциклопедија
Сибир (рус. Сибирь), е огромна област во северниот дел на Азија, во состав на Русија. Тој се протега од планината Урал на запад до Пацифичкиот Океан на исток и ги опфаќа Средносибирската Висорамнина и источносибирските планини. Во своите природни граници, Сибир зафаќа 11 милиони km2, со преку 30 милиони жители. По своите природни карактеристики се дели на две различни области: Западен Сибир - од Урал до реката Енисеј, кој претставува една пространа низина (Западносибирска Низина, најголема во светот) и Источен Сибир - источно од Енисеј, област со ридови, висорамнини и планиниски венци со голема височина. Сибир излегува на бреговите на Северниот Леден Океан и арктичките мориња: Карско, Лаптевско, Источносибирско, Чукотско, Берингово, Охотско и Јапонско Море.
Содржина |
[уреди] Клима
Климата во Сибир е арктичко-континентална на север (на пример, градот Верхојанск на 67°33’ СГШ има средна годишна температура од -16,3°С, а средна јануарска од -50,5°С) и континентална на југ (Томск на 56°30’ СГШ има средна годишна температура од -1°С, средна јануарска од -19,6°С, средна јулска 18,7°С), додека на далечниот исток, кај приморјето на Тихиот Океан и Јапонското Море климата е нешто поблага поради влијанието на морето (Владивосток на 43°7’ СГШ има средна годишна температура од 4,3°С, средна јануарска од -15,1°С, средна јулска 20°С).
[уреди] Хидрографија
Најголеми реки во Сибир се Об со притоката Иртиш, Енисеј со Селенга и Ангара, Јана, Индигирка, Колима во сливот на Северниот Леден Океан; Амур во сливот на Тихиот Океан. Од езерата, најпознато е Бајкалското Езеро, кое е и најдлабокото езеро во светот.
[уреди] Планини
Од планините, во Сибир се наоѓаат Алтај (со највисокиот врв Бјелуха, висок 4,506 m), Сајански Планини (3,492 m), Јаблановски Планини (2,800 m), Становојски Планини (2,840 m), Алдански Планини (2,700 m), Верхојански Планини (2,960 m), Черскога (3,147 m), Колимски Планини (2,222 m), Анадирски Планини (2,320 m) и вулканот Клучевскаја Сопка (4,750 m) на полуостровот Камчатка.
[уреди] Биогеографија
Од растителните зони, во Сибир се застапени тундрата на крајниот север, тајгата во северен и среден Сибир која зафаќа простор поголем од половина Европа и се одликува со големо богатство на топлокрвни животни, како дабари, самури, хермелини, арктички лисици итн.); потоа област на земјоделски култури во јужен Сибир, северно и јужно од транссибирската железница; степски предели на југ и југозапад.
[уреди] Административна поделба
Географски, во Сибир спаѓаат федералните субјекти на Сибирскиот федерален округ, некои од Уралскиот федерален округ и републиката Јакутија, која е дел од Далекуисточниот федерален округ (видете ја листата на субјекти подолу). Од историска гледна точка, сиот Руски Далек Исток се смета за сегмент на Сибир.
- Алтајски крај, админ. центар—Барнаул
- Република Алтај, гл. град—Горно-Алтајск
- Република Бурјатија, гл. град—Улан-Уде
- Читинска област, админ. центар—Чита
- Иркутска област, админ. центар—Иркутск
- Република Хакасија, гл. град—Абакан
- Ханти-Мансиски автономен округ, гл. град—Ханти-Мансијск, моментално дел од Уралскиот федерален округ
- Кемеровска област, админ. центар—Кемерово
- Краснојарски крај, админ. центар—Краснојарск
- Новосибирска област, админ. центар—Новосибирск
- Омска област, админ. центар—Омск
- Република Јакутија (Саха), гл. град—Јакутск, моментално дел оед Далекуисточниот федерален округ
- Томска област, админ. центар—Томск
- Тјуменњска област, админ. центар—Тјумен, моментално дел од Уралскиот федерален округ
- Република Тува, гл. град—Кизил
- Јамало-Ненецки автономен округ, админ. центар—Салехард, моментално дел од Уралскиот федерален округ
Административна поделба на Русија — Федерални субјекти | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
|
|||||||||||||
Федерални окрузи | |||||||||||||
Далекуисточен | Јужен | Приволшки | Северозападен | Сибирски | Уралски | Централен |