Петре Пирузе
Од Википедија, слободна енциклопедија
Петре Пирузе - Мајски (Охрид, 5 мај 1907 – Охрид, 12 јануари 1980) е учесник во НОБ и прв повереник (министер) за правосудство на федерална Македонија. Подоцна, поради прифаќањето на Резолуцијата на Информбирото, Пирузе е затворен на Голи Оток. Активно ја поддржувал идејата за обединување на Македонија[се бара извор] како независна држава.
Содржина |
[уреди] Пред Втората светска војна
Основно училиште и гимназија завршува во Охрид. Се запишува на Воената поморска академија во Дубровник, но по една година ги напушта студиите. Во 1930 година заминува на студии во Белград, каде се запишува на Правниот факултет. Таму активно се вклучува во студентското и комунистичкото движење. Во 1936 година, по завршувањето на студиите, се враќа во Охрид. Прво работи како судски приправник во Ресен, а потоа се вработува како адвокатски приправник кај Илија Коцаре. Заедно со други напредни интелектуалци, учествува во формирањето на МАНАПО. Во склоп на своето делување во МАНАПО, Пирузе се вклучува во активностите на Земјоделската партија. Меѓу другото, на 20 јуни 1939 година одржува говор на митингот на Земјоделската партија во Охрид, во кој се обраќа на локален дијалект.
Во пролетта и летото 1940 година е мобилизиран како поручник на тогашната југословенска војска. По нападот врз Југославија е испратен на фронтот во Ќафасан, каде се бори до капитулацијата на Југославија.
[уреди] НОБ
По капитулацијата се враќа во Охрид. Станува член на КПЈ и на 15 мај 1941 година, кога доаѓа до обновување на месното раководство во Охрид, на негово чело застанува Пирузе.
На 20 октомври доаѓа до провала во охридската организација, по што бугарските власти на 26 и 27 ноември во Охрид одржуваат судски процес. Од уапсените 27 комунисти, обвинети се 15, а од нив само 5 се осудени, меѓу кои тројца во отсуство. Помеѓу обвинетите е и Петре Пирузе, кој во отсуство е осуден на смрт со бесење. Соочувајќи се со смртна казна, Пирузе е принуден да премине во илегала. Заминува на територија под италијанска окупација, во Дебарца, каде се вклучува во организирањето на партизанските одреди.
Во Дебарца формира партиски ќелии и најнепосредно е ангажиран во подготовките за создавање партизански единици. Од август 1943 година станува командант на Втората оперативна зона и раководител на Народноослободителната и антифашистичката борба во западниот дел на Македонија. Бил член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а избран е и за делегат на Второто заседание на АВНОЈ. Во октомври 1943 година е еден од потписниците на Манифестот на Главниот штаб.
Учествува како делегат на Првото заседание на АСНОМ, на кое е избран во неговиот Президиум, како прв повереник за правосудство на Народна Република Македонија.
[уреди] По ослободувањето
Во функција на повереник за правосудство, Пирузе дава значителен придонес кон втемелувањето на македонскиот правен систем. Подоцна е испратен во Белград како судија на Сојузниот врховен суд на Југославија.
За време на судирот со Информбирото, прифаќајќи ја неговата Резолуција, доаѓа во судир со официјалната партиска и државна политика. На 14 ноември 1950 година во Белград Петре Пирузе е лишен од слобода и е испратен на издржување на казната на Голи Оток, каде што останува заточен до февруари 1954 година.
Рехабилитиран е во 1966 година, а следната година му била вратена "Партизанската споменица 1941" која во 1947 година му била бесправно одземена. Сепак, неговата рехабилитација никогаш не била целосна.
Во организација на Институтот за национална историја и на Собранието на Општина Охрид во 1993 година се одржува научен собир „Петре Пирузе - Мајски, време, живот и дело“, а во 1997 година е објавен зборникот на трудови од овој собир.