Информбиро
Од Википедија, слободна енциклопедија
Информбиро е една од кратенките за Комунистичкото Информациско Биро (познато и како Коминформ). Информбирото е формирано на 27 септември 1947 година и претставува прв официјален форум на меѓународно ниво на комунистичките партии по распуштањето на Коминтерната во 1943 година. Седиштето на Информбирото на почетокот е лоцирано во Белград, но по исклучувањето на Југославија од Информбирото, тоа е преместено во Букурешт. По 1948 година главната функција на Информбирото претставува агитацијата против комунистичкото раководство во Југославија, а е расформирано во 1956 година како резултат на нормализацијата на односите помеѓу СССР и Југославија.
[уреди] Партии членки на Информбирото
Во Информбирото, за разлика од Коминтерната, не членуваа сите комунистички партии од светот, туку единствено:
- партиите што дојдоа на власт во Источна Европа, со исклучок на Албанија: Бугарската комунистичка партија, Комунистичката партија на Чехословачка, Унгарската работничка партија, Полската обединета работничка партија, Романската работничка партија и Комунистичката партија на Југославија (до јуни 1948)
- Сесојузната комунистичка партија (болшевици) и
- двете највлијателни западно-европски комунистички партии, КП Франција и КП Италија.
[уреди] Осудата на Југославија
Незадоволен од самостојноста на југословенското комунистичко раководство на чело со Јосип Броз Тито, во првата половина на 1948 година Јосиф Сталин упатува остри забелешки до раководството на Комунистичката партија на Југославија. Откако југословенските комунисти одбиваат да се потчинат на советскиот диктат, на заседанието на Информбирото од 20 до 28 јуни 1948 година е донесена резолуцијата „За состојбата во КПЈ“, попозната како Резолуцијата на Информбирото, со која се осудува раководството на КПЈ и се повикуваат сите здрави елементи во Југославија што му се верни на марксизмот и ленинизмот да го сменат постојното раководство на КПЈ и да постават на негово место луѓе кои ќе ги прифатат ставовите на Информбирото.
Југословенското раководство ја отфрла Резолуцијата на Информбирото, по што следува изолација на Југославија од страна на останатите комунистички држави.
[уреди] Реакцијата на Југославија
На почетокот Југословените се обидуваат да ги нормализираат односите, изразувајќи ја својата верност на марксизмот, ленинизмот и сталинизмот, но подоцна, откако се обвинети за троцкизам и фашизам, почнуваат да бараат по нови решенија на изградба на социјалистичкото општество, кои подоцна ќе значат и формулирање на теоријата за работничко самоуправување и воопшто на титоизмот како посебна комунистичка теорија.
Во насока на борбата против сталинизмот, југословенското комунистичко раководство по конечниот раскин со Сталин, почнува да ги гони и затвора поддржувачите на Резолуцијата на Информбирото. Меѓу позначајните жртви на оваа кампања се Сретен Жујовиќ и Андрија Хебранг, а во НР Македонија - Панко Брашнаров, Венко Марковски, Петре Пирузе, Владимир Полежиновски, Богоја Фотев и други. Голем дел од поддржувачите на Резолуцијата на Информбирото беа затворени во логорот на Голи Оток.