Лесновски манастир
Од Википедија, слободна енциклопедија
Лесновски манастир — Во село Лесново, Пробиштипско. Црквата е посветена на Свети Архангел Михаил. Настанувањето на манастирот се поврзува со животот на пустиникот Гаврил Лесновски. Во опширното житие на пустиножителот од 1868 година стои дека за време на неговиот живот, манастирот постоел и во него тој се замонашил. Постои мислење дека манастирот бил изграден кога тој се замонашил или пак по неговата смрт, кога се развил култот за подвизнишкиот живот (како што е наведено во краткото негово житие од 1330 година). Времето во кое живеел Гаврил Лесновски не е утврдено. Постои мислење дека тоа треба да се бара во 11 век, а оттаму заклучокот дека манастирот бил изграден во втората половина на 11 век, кога во крајот северно од Брегалница бил развиен силно култот за пустожителите, меѓу кои и за Гаврил.
За првапат во пишани споменици се спомнува во 1330, кога книжевникот Станислав препишал во манастирот пролог, каде го сместил и краткото житие на Гаврил Лесновски. Денес ракописот се чува во Белград. Во 1341 година деспотот Јован Оливер го обновил, а по неколку години бил проширен со вториот дел. На црковниот собир во Скопје, 1347 година од страна на Стефан Душан бил назначен овој манастир за седиште на новоформираната Злетовска епископија, што ја заменила Мородвиската. Веројатно и тоа било причина манастирот да биде проширен.
Во 1381 година повторно бил приложен на манастирот Хилендар. Во 1558 година, при игуменот Неофит, манастирот бил поправен, а во 1581 при игуменот Спиридон, го препокрил кратовскиот болјарин Никола Бојчиќ. Благодарение на жителите на Кратовско и кривопаланечко, манастирот успеал да дотрае низ целиот среден век, па се до денес, зошто од нив бил неколу пати поправан. При крајот на 17 век запустел, но во 1805 го обновил еромохајот Теодосиј. Во 1814, од една белешка гледаме дека тој бил игумен на манастирот. Овој манастир е еден од побогатите книжевни центри во Македонија. Низ повеќе институции надвор од Македонија се чуваат ракописи што се пишувани во него или потекнуваат од неговата богата библиотека. Познати се збирките во: Белград, Софија, Пловдив.
Досега славистиката идентификува значителен број ракописи од овој манастир, од кои позначајни се: Прологот од 1330 година, Минејот од 1342 година, Паранејсот од 1353 година итн. Голем е и бројот на книжевниците што во манастирот ја вршеле својата книжевна дејност. На прв план тоа е Станислав - првиот книжевник од Лесновскиот книжевен центар и оснивач на калиграфската школа; Партенија, негов ученик, псевдонимниот книжевник Тахота, Калиник, Драјко, Радоња, Силвестер, поп Лазар од Кратово, поп Никола итн. Неговото прераснување во книжевен центар се поврзува со фактот што поседувал економски богат статус. Под негова прбижна потчинетост биле многу цркви и манастири, како и села. Да се спомене дека истиот бил и засолниште за на голем број револуционери и ослободителни групи, што се бореле за слобода на Македонскиот народ.