Артур Рембо
Од Википедија, слободна енциклопедија
Роден(а): | 20 октомври 1854 Шарлвил, Франција |
---|---|
Починал(а): | 10 ноември 1891 Марсеј, Франција |
Занимање: | Поет |
Националност: | Французин |
Жанр: | Лирски песни, Лирска проза |
Книжевно движење: | Симболизам |
Влијанија од: | Шарл Бодлер |
Влијаел(а) врз: | Пол Верлен, Рајнер Марија Рилке, Анри Мишо, Георг Тракл, Андре Бретон, Стефан Маларме, Морис Метерлинк, Боб Дилан, Ван Морисон, Пати Смит, Џим Морисон [1] |
Жан-Никола Артур Рембо (20 октомври 1854 – 10 ноември 1891) е француски поет, роден во Шарлвил. Иако сѐ што напишал е во период од само три години (од неговата 16-та до 19-та година), неговото влијание на модерната литература, музика и уметност е огромно, распространето и од непроценлива вредност.
Содржина |
[уреди] Ран живот и работа
Артур Рембо е роден во Шарлвил, во Ардените, на 20 октомври 1854 година. Тој е второ дете на пешадискиот капетан Фредерик Рембо и Виталија Куиф, ќерка на мали земјопоседници од Рош [2]. Од неговата поезија може да се забележи дека Артур никогаш не чувствувал дека е сакан од мајка му. Уште како дете ја основа личноста по која ќе остане запаметен до денес: бил бунтовен, но истовремено генијален ученик. Веќе на возраст од петнаесет години тој создава поезија со високи литературни вредности и дијалози на течен латински јазик. Во 1869 година, ја пишува „Подароци на сирачињата“, прва негова позната песна на француски. Една година подоцна се спријателува со својот професор Жорж Изамбар кој станува негов литературен ментор.
Често бега од дома, а веста за Комуната ја прима со воодушевување, постојано предизвикувајќи ги трговците и граѓаните на Шарлвил со својот чест извик: „Редот е победен!“,. Веројатно бил силуван од страна на пијани војници како што неговата песна Le cœur supplicié (Измаченото срце [1]) можеби навестува. Токму во овој период, Рембо станува анархист, почнува често да пие, паралелно шокирајќи ја француската буржоазија со своите парталави алишта, долга коса и неприкладно однесување. На 13 мај 1871 година му пишува писмо на Изамбар, а два дена подоцна и на Пол Демени, поет од соседниот град, неколку години постар. Ова се познатите "Les lettres du Voyant" (Писма на видовитиот), во кои Рембо го тврди дека поетот треба да се претвори во пророк, и тоа по пат на едно долго, огромно и смислено растројување на сите сетила. Со оваа реченица (една од најпознатите во историјата на литературата), тој ја воспоставува теоретската основа на една нова поетика [2].
Рембо се враќа во Париз кон крајот на септември 1871 година [3] на покана на еминентниот симболистички поет Пол Верлен[4] (откако Рембо претходно му испраќа едно писмо објаснувајќи му ја својата положба и праќајќи му неколку свои песни) и кратко време престојува во неговиот дом. Верлен, кој веќе е венчан, веднаш се вљубува во темниот, синоок, висок (1,80 m) младич со светло-кафеава коса. Двајцата стануваат љубовници и почнуваат да водат див, скитнички живот заситен со големи количини на апсинт и хашиш.[5] Ги скандализираат париските литературни друштва главно со нечуеното неморално однесување на Рембо, архетипниот enfant terrible, кој во текот на овој период продолжува да пишува несфатливо оригинални визионерски стихови.
Бурната љубовна авантура на Рембо и Верлен ги води во Лондон, во септември 1872 година[6]; Верлен ги напушта жената и дете (кои, во текот на своите алкохоличарски напади, често ги злоставува). Односните меѓу двајцата поети стануваат се позаострени.
На 10 јули 1873 година Верлен го повикува Рембо да го посети во Брисел, каде претходно Пол заминува во обид да се смири со својата жена, оставајќи го Артур во Лондон. Караниците продолжуваат. Во текот на една од нив, Верлен пука со пиштол во раката на Рембо и лесно го повредува неговиот зглоб [7] Рембо ја сметал раната за површинска и отпрво воопшто не сака да покрене тужба. Сепак, тој решава да се раздели од Верлен. Но на станица, при разделба, Верлен "се однесува како лудак", повторно заканувајќи се со пиштолот. [2] Рембо "се уплашува Верлен да не падне во искушение да направи уште некој екцес"[8], поради што почнува да бега. Како што и самиот вели, "тогаш јас (Рембо) молев еден полицаец да го уапси (Верлен)."[9] Верлен е уапсен и подложен на понижувачки легален медицинско-психолошки третман [10], кој вклучувал и анализа на дописката меѓу него и Рембо, како и односот што тој го имал со својата жена и дете. Рембо со време ќе ја повлече жалбата, но Верлен сепак ќе биде осуден на две години затвор [11].
Рембо се враќа во Шарлвил и го завршува своето ремек-дело Une Saison en Enfer (Престој во Пеколот), напишано во лирска проза, општо-признато како едно од првите дела кои го опфаќаат духот на новата симболистичка литература и во кое тој метафорично ја прикажува својата "drôle de ménage" (чудна врска) со Верлен, неговиот "pitoyable frère" ("беден брат") и "vierge folle" ("луда девица") на која самиот тој ѝ бил "l'époux infernal" ("пеколен сопруг"). Во 1874 се враќа во Лондон со поетот Жермен Нуво[12] и ги комплетира своите Илуминации, каде се напишани првите две песни на француски во слободен стих.
[уреди] Доцен живот (1875-1891)
За последен пат Рембо и Верлен се среќаваат во 1875 година, во Штутгарт, Германија, откако Верлен е пуштен од затвор и откако тој станува католик [13]. До тогаш, Рембо, од сѐуште непознати причини, веќе се откажува од пишување и се одлучува да води мирен, работен живот; некои велат дека на Рембо едноставно му здодеал дивиот, разуздан живот, но други сметаат дека тој се обидувал да се збогати за да може еден ден да биде слободен, финансиски неограничен, безгрижен поет. Рембо продолжува да патува низ Европа, најчесто пеш.
Вo 1876 година потпишува договор за служење во холандската колонијална војска во тек од три години, со цел да се обезбеди бесплатно патување до Јава (Индонезија) [14], каде и дезертира, по што со еден англиски брод се враќа во Европа [15] И денес, во Салатига, мал град сместен 46 km јужно од Семаранг, главниот град на Централната Јаванска Провинција, постои мермерна плоча на која пишува дека еднаш Рембо бил сместен во тој град.
Во декември 1878 година, Рембо пристигнува во Кипар, кајшто се вработува како надзорник на едно градилиште [16]. Во мај следната година, Рембо е приморан да го напушти Кипар поради треска, која во Франција е дијагностицирана како тифоидна. Во 1880 Рембо оди во Аден каде се занимава со откупа на кожи и кафе, како главен работник на компанијата Барди[17]. Истата отвара едно преставништво во Харар, каде Рембо, откако прифаќа да ја води тамошната трговска деловница, пристигнува на крајот на годината, по дваесет дена јавање низ сомалиската пустина [2]. Тука љубовнички му се неколку локални жени, а кратко време живее со една етиопјанка. Во 1884 Bardey престанува со работа. Рембо, веќе следната година се замешува во една зделка која ветува голема заработувачка: се работи за продажба на пушки од Белгија на кралот на Хоа, Менелик, иден цар на Етиопија. Во оваа зделка Рембо ја внесува целоата своја дотогашна заштеда. Сепак, токму во мигот кога карванот е спремен да замине, објавена е забрана за увезување на оружје во Хоа. Рембо успева да ги прокриумчари пушките покрај една италијанска научна експедиција. И покрај се, зделката нема да му донесе заработка: Рембо добива само еден дел од парите со кои не успева ниту да си ги покрие трошоците.
Во тоа време, во Франција, без знаење на Рембо, објавени се неговите Илуминации. [2]
Рембо почнува да страда од синовитис на десното колено кој постепено се претвора во канцерозен тумор. Неговото видливо влошено здравје го приморува да се врати во Франција на 9 мај 1891 [18]. Рембо е примен во болница во Марсеј и неговата нога му е ампутирана на 27 мај[19]. Еден месец по операцијата Рембо ја напушта болницата и заминува за Рош, но на пат неговата болест се влошува и кон крајот на август приморан е да се врати назад. Последните месеци од својот живот ги минува токму таму, крај својата сестра Изабела, преживувајќи ужасни страдања и натчовечки болки. Таму и умира, на 10 ноември 1891 година, на возраст од 37 години [20]. Ни тука не престанува да сонува за патувањата. Само еден ден пред да умре, во бунило диктира писмо до една поморска агенција: „Јас сум наполно парализиран, значи сакам да бидам утоварен на време; кажете ми кога треба да бидам транспортиран на брод [2] .“
[уреди] Дела
- Поезија
- Пијаниот брод (1871)
- Престој во Пеколот (1873)
- Илуминации (1874)
- Писма
[уреди] Преводи
[уреди] Англиски
Овде се наведени само комерцијалните изданија. За повеќе англиски препеви видете кај надворешните врски.
- Од современата библиотека, поезија и проза, преведена од Вајат Мејсон.
- Од современата библиотека, писмата, преведена од Вајат Мејсон.
[уреди] Шпански
[уреди] Руски
[уреди] Македонски
[уреди] Белешки
- ↑ Артур Рембо е еден од најоригиналните поети во историјата; истовремено е и еден од оние кои имаат оставено најдлабок печат во развитокот на модерната поезија и култура. Затоа, тешко би било да се ограничи неговото влијание. „Уште додека Рембо е жив, Л. Гароти ќе го нарече „водач на декадентската школа.“ Во „Манифестот на надреализмот“ Андре Бретон ќе напише: „Рембо е надреалист во практиката на животот и другаде“. За католички расположениот Клодел тој е „мистик во дива состојба“, за Ками - „авантурист на апсурдот“, за Сартр - еден егзистенцијалистички поет“ (Духовната авантура на Артур Рембо, Влада Урошевиќ, Артур Рембо:Поезија). Пол Валери пак ќе го смета Рембо за еден од своите два омилени поети (покрај неговиот учител Стефан Маларме). Боб Дилан ќе рече дека неговото животно мото се врти околу Рембоовото „Je est un autre“ (Јас е некој друг). Ван Морисон ќе му посвети една прекрасна песна „Tore Down a la Rimbaud“, а Пати Смит ќе ја препее неговата поезија на англиски. Џим Морисон и Пабло Пикасо од Рембо ќе направат слика на архетипен бунтовник.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Духовната и животната авантура на Артур Рембо, Влада Урошевиќ, Артур Рембо: Поезија, мај 1977.
- ↑ Роб 2000, p. 109
- ↑ Роб 2000, p. 102
- ↑ Бернард, Сузен и Гијо, Андре. Oeuvres de Rimbaud, Classiques Garnier, Bordas, 1991.
- ↑ Роб 2000, p. 184
- ↑ Роб 2000, p. 220.
- ↑ Хардинг и Стурок 2004, p. 160
- ↑ Хардинг и Стурок 2004, p. 160
- ↑ Роб 2000, p. 223-224
- ↑ Роб 2000, p. 224
- ↑ Роб 2000, p. 241
- ↑ Роб 2000, p. 264
- ↑ Роб 2000, p. 278
- ↑ Роб 2000, p. 282-285.
- ↑ Роб 2000, p. 299
- ↑ Роб 2000, p. 313
- ↑ Роб 2000, p. 422-424
- ↑ Роб 2000, p. 426
- ↑ Роб 2000, p. 440-441
[уреди] Види исто
- Рембо и модерната култура
- Познати хомосексуални двојки
- Épater la bourgeoisie
[уреди] Надворешни врски
- Животот и творештвото на Артур Рембо - веројатно најдобрата веб-страница за Рембо; содржи опширна биографија и речиси целокупното творештво на поетот на француски; голем дел од песните се препеани и на англиски.
- Биографија на Артур Рембо на македонски, заедно со македонските препеви на По потопот и Животи.
- Поетскиот гениј стана бесмртен - текст во Дневник по повод еден и пол век од раѓањето на Рембо.
- Arthur Rimbaud Free Freedom, документарен филм на Жан-Филип Перо.
- Биографија и слики на Рембо.
- Voyelles / Самогласки, песна на Артур Рембо.
- Веб-страницата Пијаниот брод.
- Сржта на Рембоовата Поетика: Есеј за Пијаниот брод.
- Три песни на Рембо во Лондонскиот Guardian со препев на Вајат Мејсон.
- Рембо во Харар, Етиопија.
- Rimbaud, le poète (1870-1875) : француска веб-страна посветена на Рембо.
- Нови препеви на поезијата на Рембо на failbetter.com
- "Зошто Рембо престана да пишува?" од Александар Г. Рубио, BitsofNews.com.
- Слики од Рембо.
- "Рембо како капиталистички авантурист" од Кенет Рексрот - обид да се разобличи идолатријата која е составен дел од Рембоовата митологија.
Артур Рембо |
---|
Дела: Poésies • Le bateau ivre • Les illuminations • Une Saison en Enfer • Писма |
Луѓе: Шарл Бодлер • Жорж Изамбар • Жермен Нуво • Пол Верлен |
Друго: Симболизам • Надреализам • Poète maudit • L'Enfant Terrible • Épater la bourgeoisie • Рембо и модерната култура |
Статијата Артур Рембо е пример меѓу избраните статии. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија. |