Гликопротеин
Од Википедија, слободна енциклопедија
Гликопротеините се сложени протеини кои како простетична група имаат некој јаглехидрат. Тоа се многу вискозни и слузести супстанци, па затоа се нарекуваат и мукопротеини. Гликопротеините се многу распространети во животинскиот организам. Ги има во сите секрети (плунка, желодочен сок, синовијална течност, секрети на цревна слузокожа), потоа во ‘рскавицата, папочната врвка, стаклестото тело на окото, рожницата, серумот, еритроцитите (крвните групи) и сврзното ткиво.
Гликопротеините се со многу различен состав и особини. Според карактерот на полисахаридот, ги делиме на неутрални и кисели. Полисахаридите од првата група е со неутрален карактер и се состои од повеќе единици на моносахариди или аминошеќери. Полисахаридот на киселите гликопротеини е хијалуронска киселина, хондроитин сулфурна киселина или се состои од повеќе единици на хексуронски киселини.