Српско-бугарска спогодба
Од Википедија, слободна енциклопедија
На оваа статија ѝ е потребно правилно форматирање, категоризирање, граматика, интервики и слично. Може да помогнете со тоа што ќе ја уредите и трансформирате во стандардна вики-статија.
Основата на Балканскиот сојуз ја чинела српско-бугарската спогодба, а во преговорите што започнале кон крајот на септември 1911 година многу активно учествувале руските пратеници во Белград и во Софија, Николас Хартвиг и Александар Нелидов. На 13 март 1912 година е потпишан Договорот за пријателство и сојуз меѓу Србија и Бугарија, придружен со таен додаток и со воена конвенција што е потпишана на 2 јуни истата година како интегрални делови на Договорот. Покрај тоа истиот ден се потпишани и две спогодби на главните генералштабови.
Јавниот дел на Договорот имал дефанзивен карактер: двете земји си гарантирале една на друга државна независност и неповредливост на територијата, а во случај на напад на една или на повеќе држави, заедно да се помагаат со сите сили; ако некоја од големите сили се обиде да анектира, окупира или со воена сила да заземе кој било дел од балканската територија под османска власт и доколку тоа би било спротивно на нивните заеднички интереси, двете страни се обврзувале да си помагаат една на друга; мирот можел да се склучи заеднички, според претходниот договор; било предвидено договорот да трае до крајот на 1920 година.
Со тајниот додаток на Договорот се предвидувала војна против Османлиската Империја, со тоа што претходно би се известила Русија. Целата територија што би ја зазеле од Османлиската Империја би имала карактер на заедничка своина, односно кондоминиум, а таа територија дефинитивно би се разрешила три месеци по склучувањето на мирот врз следните основи: Србија и го признава на Бугарија правото на областите источно од Родопите и реката Струма. Бугарија на Србија и ги признавала областите северно од Шар Планина.
По тие области не постоеле спорни прашања, па се нарекувале неспорни области. Територијата меѓу Шар Планина, Баба Планина, Охридското Езеро, Скопско и Кумановско, била означена како спорна (види картата) и за неа е речено дека може да се организира во автономна област или да се подели меѓу сојузниците. Според српско-бугарската спогодба од 13 март во 1912 година за таканаречената спорна зона на прво место се предвидувала автономија а потоа нејзина поделба. Фразата за автономија на Македонија била внесена на барање на Иван Гешов, бугарскиот премиер и во договорот влегла како прва можност.