Орце Николов
Од Википедија, слободна енциклопедија
Орце Николов (Скопје, 7 јануари 1916 - 4 јануари 1942) (Јордан Николов), народен херој на Македонија, еден од организаторите и раководителите на работничкото движење во Македонија и член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија.
Роден е во Скопје, во работничко семејство на шивачи.
Го отслужува воениот рок во 1937 - 1938 година. По враќање од војска повторно се зафаќа за работа во УРС - синдикатот и заедно со Цветан Димов ја предводи подружницата на шивачките работници.
Во есента 1938 година, по иницијатива на Орце Николов беше организирана акција за запишување доброволци за одбрана на Чехословачка.
Во есента 1939 година, во согласност со решението на КПЈ за засилување на мобилизацијата во Македонија, кога во Македонија доаѓа и Светозар Вукмановиќ - Темпо, во Скопје го затече Орце како секретар на Месниот комитет на КПЈ и член на Покраинското раководство на КПЈ за Македонија. Тој организираше повеќе штрајкови на работниците во Скопје, Тетово, Гостивар, Прилеп, Куманово и други градови.
Најголемиот успех на Орце во Македонија во 1940 година претставуваат политичките демонстрации за Илинден. Орце учествуваше во Скопје во организирање на масовната екскурзија на работниците и други граѓани на Илинден.
Паднал во полициска заседа пред неговата куќа.
Во септември Орце со уште тројца уапсени беше доведен во Белград, во истражниот затвор на Ада Циганлија, а оттаму во Велика Кикинда. Таму стапил во штрајк со глад за подобрување на положбата на затворениците.
Кон средината на ноември 1940 година Орце беше изведен пред судот за заштита на државата во Белград, каде што беше осуден на две години строг затвор.
Испратен во затворот во Сремска Митровица. Еден од организаторите на бегството на 22 август 1941 година на затворениците од Сремска Митровица.
По бегството, по одлука од Врховниот штаб, сите комунисти - бивши затвореници се јавуваат на Врховниот штаб во Ужице. Орце Николов тогаш во Ужице добил задача да се пробие во Македонија, каде што се вршеа подготовки за создавање на првите партизански одреди.
Потоа со една група Македонци се упати кон Македонија и во околината на Лесковац чекаше да му бидат испратени фалсификувани документи, за да може полесно да ја помине демаркационата линија низ територијата окупирана од Бугарите.
Загинал во ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година на планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владички Хан, Србија, во пробивањето низ демаркационата линија во заседа на бугарскиот фашистички окупатор.