Милчо Манчевски
Од Википедија, слободна енциклопедија
Милчо Манчевски (18 октомври 1959, Скопје) - е македонски филмски режисер и сценарист.
Студира на Филозофскиот факултет во Скопје историја на уметноста и археологија, потоа заминува во САД и во 1983 година дипломира на Факултетот за филм и фотографија на Универзитетот во Јужен Илиноис.
Покрај приложената филмографија, Манчевски е автор на книгата „Духот на мајка ми“, издадена во Њујорк, на текстови за бендот Бастион, сценарија за музички спотови и реклами, а се појавува и како актер во неколку кусометражни филмови, во два македонски играни филма и во една театарска претстава.
Од 1985 до 1991 г. работи во Њујорк како камерман на документарни и наменски филмови, потоа како монтажер на документарци, асистент-сценарист за индустриски видеа, асистент-осветлител и помошник-режисер на спотови. Од 1994 соработува како режисер на проекти за сите седум холивудски студија.
Во 1995 година Кинотеката на Болоња, Италија, ја организира првата ретроспектива на Манчевски.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: за филмот Пред дождот номинацијата за најголемата филмската награда Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачје, наградата Златен лав за најдобар филм на Фестивалот во Венеција, потоа наградата Златен Чарли на Фестивалот во Монс, Белгија, како и Гран при на Фестивалот на фестивалите во Петроград. За филмот Пред дождот, Милчо Манчевски е добитник на наградата 11 Октомври и на уште многу други награди и признанија за својот ангажман во филмската уметност.