Македонија и Мировната конференција во Букурешт
Од Википедија, слободна енциклопедија
На оваа статија ѝ е потребно правилно форматирање, категоризирање, граматика, интервики и слично. Може да помогнете со тоа што ќе ја уредите и трансформирате во стандардна вики-статија.
Според извештаите, Србија загубила 44.500 луѓе, Црна Гора 1.400, Грција 20.000, а Бугарија 93.000 луѓе. Вкупно 158.000 луѓе.
Содржина |
[уреди] Букурешка мировна конференција
Види Букурешка мировна конференција
Најтежок проблем на конференцијата е поделбата на Македонија. Во врска со тоа уште на првата седница се појавиле два проекта руски и австроунгарски.
Рускиот настојувал да се задржат можностите за обновување на Балканскиот сојуз, па предлагал српско-бугарската граница да биде повлечена преку вододелницата меѓу Вардар и Струма, со тоа што Штип требало да и припадне на Србија, а Струмица и Кочани на Бугарија. Во реонот на Гевгелија би се наоѓала тромеѓето меѓу Србија, Грција и Бугарија. Грчко-бугарската граница би одела од Гевгелија на исток преку долината на Струма до Драма, оставајќи ѝ ги Драма и Серез на Грција. Од Драма до Егејското Море границата би ја одредиле големите сили.
Проектот на Австро-Унгарија со цел да ја привлече Бугарија, предлагал: српско-бугарската граница да се повлече по течението на Вардар, така што десната страна да и припадне на Србија, а левата на Бугарија. Грчко-бугарската граница да биде повлечена така што долниот тек на Струма и морскиот брег од Кавала до Енос да и припаднат на Бугарија.
[уреди] Букурешки мировен договор
Види Букурешки мировен договор
[уреди] Последици за Македонија
Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и значаен дел на Балканот станала периферија и провинција на балканските земји. Веднаш потоа започнало асимилирањето на македонското население.
Веднаш по потпишувањето, т. е. на 11 август 1913 година, Австро-Унгарија, Русија и Бугарија барале ревизија на Договорот, со оглед на бројните неправилности, недоречености и нелогичности во поделбата на териториите и во донесувањето на одлуките. На 14 август, Русија ги отфрлила намерите за ревизија на Договорот, па со такво барање останале само Австро-Унгарија и Бугарија, на кои остро им се спротивставувала Франција. Букурешкиот мировен договор претставува единствен меѓународен договор што не го потпишале сите големи сили и што бил во голема мера против нивните интереси.
Исто така, големите сили не ги зеле предвид барањата на македонскиот народ, кој од повеќе асоцијации, особено од Русија и од Швајцарија, интервенирал да се зачува идентитетот на македонскиот народ и единството и целината на македонската територија. На 1 март 1913 година, претставниците на македонската колонија во Петроград, Георги Константиновиќ, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале Меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, и на амбасадорите на големите сили во Лондон. Со Меморандумот Димитрија Чуповски изработил и карта на Македонија во колор со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на било какво чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија оставиле да ја решат завојуваните балкански држави.
Според Карнегиевата анкетна комисија, формирана со цел да ги испита ѕверствата извршени во Македонија во време на Балканските војни, градовите Воден, Негуш, Бер, Ениџе Вардар биле претворени во урнатини. Во Солунското Поле нашле група од околу 10.000 луѓе во импровизирани настрешници што едвај го одржувале својот живот. Карнегиевата анкетна комисија според официјалните податоци на бугарската Влада, констатирала дека во Бугарија како последица на Балканските војни имало 111.560 бегалци од Македонија. Грчката влада регистрирала 156.659 бегалци, турската влада регистрирала 135.000 бегалци. Покрај тоа, Карнегиевата комисија забележала дека при повлекувањето турската војска изгорела 170 села во Македонија. Куќи и цели села ограбувале и изгорувале и сојузничките војски. Грчката војска во јуни 1913 година го изгорела градот Кукуш, во Серез запалила 4.000 куќи. Во Кукушката околија биле изгорени 39 македонски села. Слично било во Солун, во Струмица, во Горна Џумаја, во Вардарскиот дел на Македонија.
[уреди] Поделби на Македонија
Во периодот од неполни две години, колку што траеле Балканските војни, официјално биле извршени три поделби на Македонија:
- Првата поделба била извршена со Српско-бугарската спогодба од 13 март во 1912 година по линијата Деве Баир - Охрид;
- Втората настанала по завршувањето на Првата балканска војна, во која границите се поклопувале со достигнатата линија на фронтот;
- Третата поделба е извршена со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, кога биле дефинитивно одредени границите меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија на територијата на Македонија.
Единствениот принцип врз кој се одредувале и се поставувале границите било правото на посилниот, односно оружјето.