Демократска партија на Албанците
Од Википедија, слободна енциклопедија
Демократската партија на Албанците (ДПА) е политичка партија на етничките Албанци во Република Македонија. Основана е во јуни 1997 со обединувањето на Партијата за демократски просперитет на Албанците (ПДПА) и Народната демократска партија (НДП). ПДПА е основана во 1994 откако порадикалните членови на Партијата за демократски просперитет (ПДП), на чело со Арбен Џафери и Мендух Тачи, се отцепија од матичната партија, додека НДП е основана во август 1990 како порадикален конкурент на ПДП.
По изборите во 1998 година, ДПА влезе во коалиционата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ и учествуваше во владата до 2002. На парламентарните избори во 2002 година ДПА освои 5,2% од гласовите и 7 мандати во Собранието и премина во опозиција. На парламентарните избори во 2006 година ДПА освојува 7,5% од гласовите и 11 мандати и повторно влегува во владата.
Прв лидер на ДПА беше Арбен Џафери, кого на 30 јуни 2007 година го замени Мендух Тачи.