Бог
Од Википедија, слободна енциклопедија
Бог е еден од термините со кои се опишува совршено, натчовечко и натприродно битие, за коешто голем дел од луѓето веруваат дека е создател на универзумот. Некои религии кога говорат за Бог, него го опишуваат припишувајќи му и некои антропоморфни особини, додека други пак сметаат дека е невозможно и навредливо да се замислува Бог претставен во физичка форма. Некои сметаат дека Бог е олицетворение на целокупното добро, додека пак други сметаат дека Бог е нешто повеќе од обичните сфаќања за моралноста кои ги има човекот. Кај многу политеистички верувања постојат и полови разлики меѓу Боговите, па така имаме и женски Богови, т.е. Божици. Скоро во сите сфаќања човекот е претставен како понизен, потчинет и зависен од Богот.
Во некои митологии Боговите се претставени покрај како антропоморфни, и како зооморфни (во вид на животно) или пак аморфни (без материјална форма). Претставата за изгледот на Боговите е показател за развојот и видот на соодветната религија. Така, на пример, за религиите поврзани со тотемизмот, покарактеристични се зооморфните Богови, а за анимистичките религии, Боговите се антропоморфни.
Верувањето во еден Бог се нарекува монотеизам. Монотеистички религии се христијанството, јудеизмот и исламот. Христијаните го нарекуваат Бог, едноставно Бог или Господ, а муслиманите Алах. И едните и другите веруваат дека Бог, т.е. Алах е создател на светот и човекот. Верувањето во повеќе Богови - политеизам. Во политеизмот сите Богови и Божици имаат свои, посебни важни функции. Постои и примотеизам. Примотеизмот всушност е политеистичка религија, со тоа што се зема еден Бог како врховен и особено важен за светот и за човечките битија, а останативе Богови се сметаат како помалку битни и потчинети на врховниот Бог.