Бела Србија
Од Википедија, слободна енциклопедија
|
Бела Србија или Бојка е назив за територијата во источна Германија, помеѓу реките Лаба и Заале, денес позната како Лужица. Во периодот на доцната Антика и раниот Среден век Бојка ја населувале словенски племиња наречени Бели Срби. Источно од Бела Србија се протегала Бела Хрватска.
Историските извори бележат дека дел од Белите Срби, воден од Непознатиот кнез, се иселил од Бојка на Балканот во 7. век за време на владеењето на византискиот император Ираклиј. Првично се населиле во Тесалија, а подоцна во Рашка, Босна, Захумје, Дукља и басенот на Неретва (Херцеговина)[1]. Подоцна, на овие територии се развива средновековната српска држава која во 14. век прераснува дури и во царство.
Денес термините Бела Србија и Бојка не се во активна употреба. Наспрема тоа се користат називите: Лужица (глж. Łužica, длж. Łužyca, пол. Łużyce, чеш. Lužice) или Сорбија (Serbja). Дури и словенското население кое ја населува областа себе си се именува како Serby. Поврзаноста на овој словенски народ со современите Срби е нејасна. Во современата наука тие се именуваат како Лужички Срби (наспрема Срби), Сорби или Лужичани, а се класифицираат како западнословенски народ (наспрема јужнословенските Срби).Од друга страна се претпоставува дека правите Бели Срби, т.е. оној дел од нив кој останал во Бела Србија бил асимилиран кон Полјаците или Германците.
Аргумент кој ја подржува тезата за роднинската врска на балканските со Лужичките Срби е тоа што за разлика од македонските, мизиските и тракиските Словени, кои на Балканот доаѓаат преку Карпатите, српските и хрватските словени доаѓаат од насока север - најверојатно од Галиција или од Бојка[2].