Смилевски Конгрес
Од Википедија, слободна енциклопедија
Најзабележителни и најзначајни решенија за востанието донесол Битолскиот револуционерен округ на својот конгрес што се одржал од 2 до 7 мај 1903 година во с. Смилево. Најголемиот број од делегатите веќе на 30ти април се собрале во селото.
Соселаните на Даме Груев ја сфаќаа, покрај честа, којашто им се направи, и целата тешка одговорност од престојот на такво мноштво на револуционерни првенци во нивното село. Затоа месното раководно тело, на чело со својот претседател Георги Чуранов, го мобилизирал целото село и на сите мажи и жени им доверил соодветни задачи. Дел од месната вооружена сила, деноноќно ја вардела целата околина на час, час и половина растојание, а стотина души вооружени смилевци биле на нозе внатре во селото. Одделенија од по 3—4 четници биле пооставени по сите соседни села на Смилево. Невидливи стражари од сите села меѓу Смилево и Битола деноноќно внимавале, формирајќи жив телеграф за предавање на било какво сомнително движење откај вилаетскиот центар и по патчето. Сите раководни тела по тие села знаеле, дека во Смилево се собрани најголемите војводи. Стотици и стотици работници иле на нога. И конгресот заработил во спокојство и полна сигурност.
Даме Груев набрзо по средбата со Гоце го напуштил Солун и преку Битола, каде што се состанал со членовите на окружниот комитет, се упатил кон родното место Смилево. Даме Груев бил овластен на конгресот да го претставува ЦК на Организацијата. Реоните биле претставувани од:
- Битолскиот — од Ѓорѓи Сугарев од Битола, Парашкев Цветков од Плевен, Никола Петров - Русински од Малешевско.
- Демирхисарскиот — од Јордан Пиперката и Димитар Матлиев, охриѓанец.
- Крушевскиот — од Никола Карев од Крушево и Иванчо од Латово.
- Кичевскиот — од свешт. Тома Николов, Димитар Спространов, Васил Попов и од војводите Арсо, Јанаки и Ванчо Мицкови.
- Прилепскиот — од Петар Ацев, Јордан Тренков и Тале Христов.
- Ресенскиот — од Славејко Арсов од Штип, Никола Кокарев, потпоручникот и Велјан Илиев (познат под псевдонимот Пенчо) од с. Смилево.
- Леринскиот — од Георги Папанчев од Сливен и Михаил Чеков од с. Екшису, Леринско.
- Костурскиот — од Васил Чекаларов и Пандо Кљашев.
- Охридскиот — од Лука Групчев и Христо Узунов (и двајцата охриѓани), Тасе Хростов, Дејан Димитров (Мицковски) и Аргир Маринчев.
По предлог на Борис Сарафов, за претседател бил избран Даме Груев. За секретари биле посочени и прифатени Георги Поп Христов и Парашкев Цветков.
За дневен ред на конгресот биле поставени следниве точки: распределување на моралните и воените сили, подготовка, должноста и правата на раководните кадри пред и за време на востанието, прашањето за невооружените и неспособни луѓе, старци, жени и деца, за време на востанието, за сопственоста и распределбата на оружјето, определување на време за востание, определување на составот на реонските раководни тела пред и за време на востанието и начинот на водење на востанието. На првиот ден од конгресот од излагањето на делегатите било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и некои делови на други реони не се достатно подготвени. Најдобро подготвени биле Ресенскиот реон, Костурскиот, Демирхисарскиот, неколку села од Битолскиот реон, како што се Смилево, Ѓавато и Цапари, додека Охридско располагало само со 1400 пушки. Меѓу делегатите се јавиле лица кои биле против востание во текот на таа година како што биле: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Русински и други. Во една крајно напната атмосфера по повод острите расправии околу решението за востание, интервенирал Даме Груев. Тој истакнал дека ќе има востание, бидејќи тоа е веќе решено прашање и побарал делегатите да дискутираат за самото востание. Конгресот ја насочил натамошната дискусија кон практични прашања. Бил избран Главен Штаб со тројца рамноправни членови: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. Конгресот го задолжил Главниот Штаб да го одреди и датумот на востание. Бил изработен Востанички дисциплински устав, со кој се определувале правата и должностите на востаниците, на реонските горски начелства и на ГШ. Според тоа, сите востанички сили се распределувале на востаници десетари, војводи, горски реонски тела и Главен Штаб. Било решено секој што купил оружје да се третира како негов сопственик, но ако е неспособен да го употреби, должен е да му го предаде на друг, кој е во состојба да го употреби во востаничките денови. На Смилевскиот Конгрес, одново се поставило прашањето за карактерот на востанието. Мнозина од делегатите се сложиле востаничките акции да се извршуваат со чети, а не целосно да се крене востанието. Четири требало да бидат составени од по 30 до 50 луѓе, вооружените луѓе по селата биле разделени по 7 -8 мина на чело со десетар. На 25-50 вооружени бил поставен по еден војвода. Се подготвувале храна, лекарства, оружја и други материјали за востанието. Смилевскиот Конгрес ја завршил својата работа длабоко во ноќта на 7 мај 1903 година. На 27 јули кај селото Буф (Леринско) Г.Ш. како ден за обавување на востанието го определил 2 август. На 28 јули од селото Боиште (Демирхисарско), Штабот преку брзи курири испраќа проглас за востанието во сите краишта на Битолскиот револуционерен округ. Поради напаѓањето на патничките, железничките, телеграфските и поштенските врски била испратена декларација, а до Големите Сили да не патуваат нивни граѓани на железницата Битола - Солун, за да не дојде до несакани жртви. Илинденстана епопеја била на прагот.