Талофита
Од Википедија, слободна енциклопедија
Името талофита доаѓа од поимот талус и подразбира вегетативно тело (растение) на кое не се диференцирани корен, стебло и лист како вегетативни органи на растението. Талофитните растенија (талофити) се на понизок еволутивен степен на организација од кормофитните, виши растенија, и оттаму доаѓа нивното друго име-нижи растенија. Во пораните геолошки периоди тие биле единствените претставници на растителниот свет.
Повеќето од талофитите се задржале во првобитната средина (од каде што всушност и потекнува животот), водата, каде што животните услови се поеднородни во однос на копното. Талофитите меѓусебе многу се разликуваат, како по анатомијата на телото, така и по начинот на размножувањето.
Талофитите по градба на телото можат да бидат едноклеточни, колонијални или многуклеточни. Кај некои многуклеточни организми, талусот може да биде диференциран така што потсетува на кормофитно растение.