Марков Манастир
Од Википедија, слободна енциклопедија
Марков Манастир се наоѓа јужно од селото Маркова Сушица, по долината на Маркова Река, на двесеттина км од Скопје. Во самиот манастир се наоѓа црквата Св. Димитрија и импозантната камбанерија. Капијата на манастирот е искована од масивно дрво. Веднаш од десната страна започнуваат манастирските конаци и други помошни простории. Покрај конаците се наоѓа уште и фурна, казани за печење ракија, бунар со студена вода и мошне стара воденица која е сочувана како секавање на времето кога житото се мелело на таков начин. Името на манастирот е добиено по популарниот јунак Крале Марко. Црквата Св. Димитрија е изградена во 1345 год. за што сведочи натписот над јужната врата од внатрешната страна на црквата. Таа била обновена од кралот Волкашин, а наполно завршена и живописана од неговиот син Марко (меѓу 1366 и 1371-72 година). Во почетокот на XIX век во манастирот како негов игумен престојувал и работел македонскиот преродбеник и книжевник Кирил Пејчиновиќ.
Основата на црквата е во форма на впишан крст во правоаголно протранство, со купола што се издига над централниот дел, носена од четири камени столбови. Нартексот е одделен со троделен отвор од наосот, а во неговиот горен дел се наоѓа слепа калота, јасно назначена и видлива на покривот. Црквата е ѕидана од делкан камен и тули кои се изведени во интересни шари, особено на олтарната апсида, во десетте декоративно изведени ниши. Кон црквата, од јужната страна, во подецнежниот период додадена е просторија во вид на параклис кој служел за крштевање и е изграден од слаб материјал. Од западната страна на црквата, во 1830 год., изграден е отворен трем ѕидан од делкан камен, за кој средства дал Хамзи-паша Скопски.
Меѓу зградите на конаците се наоѓа старата трпезарија која има форма на еднокорабна црква со апсида на северната страна. Ѕидовите на трпезаријата биле покриени со фрескоживопис.
[уреди] Живопис
Внатрешноста на црквата е живописна, а живописот е рапореден во повеќе зони. Во првата зона наликани се светители во цел раст, меѓу кои, на северниот ѕид биле насликани и портретите на ктиторите. Меѓутоа, овие ликови се оштетени, па е тешко да се констатира што преставуваат. Втората зона ги опфаќа композициите што го илустрираат акатистот на св.Богородица, а другите зони животот, чудата и страдањата Христови, дванаесетте "Големи празници", како и сцени од животот на св.Никола и патронот на црквата св.Димитрија.
Меѓу композициите е прикажана и една тешка човечка трагедија "Плачот на Рахела". Станува збор за убиството на сите првородени деца, од страна на Понтиј Пилат со цел да се изврши егзекуција на божјиот син - Исус Христос. Од портретите на северниот ѕид на црквата останале само незначителни фрагменти, додека од портретите насликани на јужната фасада на црквата, над влезната врата, зачуван е целиот ансамбл. од десната страна е прикажан во цел раст кралот Марко, облечен во кралска облека, во боја на печен окер, украсена со бисери и бесценети камења. Тој во левата рака држи развиен свиток на кој е испишан текстот: "Во Христа Бога благоверен крал Марко, го соѕодав и попишав овој божествен храм". Од другата страна над вратата во цел раст е прикажан кралот Волкашин со свиток во рацете на кој се споменува неговото име.
[уреди] Иконостас
Првобитниот иконостас на црквата наполно е зачуван. Тој се состои од камени столбови со капители кои се орнаментирани, со што потсетува на камените иконостаси на црквата Св.Пантелејмон во Нерези, или црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане. Дел од старите икони се зачувани, меѓутоа, тие биле пресликани во периодот на XIX век.