Димитар Кондовски
Од Википедија, слободна енциклопедија
Роден е 1927 год. во Прилеп. Завршил Академија за ликовни уметности во Белград. Бил член на групите "Денес" и "Мугри". Се занимава со сликарство, илустрација, сценографија, графика, пишувал критика. Професор е на Педагошката академија во Скопје.
Самостојно излагал (од 1957 год.) во Скопје, Загреб, Рим, Тетово, Прибој на Лим, Њујорк итн. Излагал на многу групни изложби во земјата и во странство меѓу кои во: Белград, Александрија, Сан Марино, Сао Паоло, Рим, Шел, Париз, Кан, Сир-Мер и итн.
Димитар Кондовски последниве години најдоследно го оствари во своите дела стремежот кон синтезата на внимателно одбрани секвенци од духовно - естетскиот и пластичен репертоар на средновековната уметност и оние облици на нонфигуративна и асоцијативна уметност, што на тоа традиционалистичко ткиво можеа да му овозможат современа локовна кохезија. За Кондонски ова сликарство: изведено како сложени асамблажи композитни, деликатни колористични и формални структури е сублимен степен на долготрајна денатурализација на разновидни визуелни податоци и естетско "филтрирање" на ликовниот јазик, со цел уметничкото дело да стане автономен естетски феномен. Тоа се состави што потсетуваат на култни, сакрални објекти: низ нив постојано се провлекува едно современо чувство на уметникот, неговата внатрешна потреба, духовниот ритуал и естетиката на овие дела да се вклопи во актуелното ликовно движење, во медитативно и скептично сфаќање на светот.
Автор е на монументален сликарски објект во Железарницата во Скопје 1967 год. Награден е на 8 Медитеранско Биенале 1963 год., 3 Триенале во Белград, со Октомвриска награда за сликарство во 1964 год. и др.