Витрувиј
Од Википедија, слободна енциклопедија
Марко Витрувиј Полион (латински: Marcus Vitruvius Pollio) (ц. 80-70 п.н.е - ?) бил римски писател, архитект и инженер, кој работел во 1-от век п.н.е. За неговиот живот се знае многу малку. Дури и неговото име и средно име не се сигурни. Тие се спомнуваат само од Кетиј Фавентин. Речиси сите податоци за неговиот живот се изведени од неговите дела.
Роден е како слободен римски граѓанин во Кампанија. Се мисли дека служел во римската војска во Шпанија и Галија под водство на Јулиј Цезар. Таму веројатно тој бил еден од воените инженери, кои конструирале опсадна машинерија. Во подоцнежните години тој бил вработен од неговиот спонзор, царот Октавијан Август, и се здобил со пензија до крајот на својот живот. Годината на неговата смрт не е позната, што значи дека Витрувиј не бил многу славен во своето време.
Витрувиј ја напишал книгата Десет книги за архитектурата, позната и само како За архитектурата (De Architectura), која е трактат на латински јазик на тема архитектура, посветен на царот Октавијан Август, и веројатно првата целосна книга за оваа дисциплина. Воедно истата претставува единствената во целост зачувана книга за архитектурата од антиката. Витрувиј и самиот бил архитект. Фронтин го споменува во врска со стандардните големини на цевките (Aq. I.25). Единствената зграда пак, за која знаеме дека е негово дело, како што и самиот ни кажува (de Arch. V.i.6), е базилика кај Фанум Фортунае, денешниот град Фано. Базиликата има целосно исчезнато и дури и нејзината местоположба е спорна.
Витрувиј е најпознат по своето излагање во делото Десет книги за архитектурата за тоа кои треба да бидат основните одлики на една зграда: firmitas, utilitas, venustas - т.е. зградата мора да биде јака или издржлива, корисна и убава. Според Витрувиј, архитектурата е имитација на природата. Како што птиците прават гнезда, така и луѓето градат куќи од природни материјали за да се засолнат. При усовршувањето на градежните вештини, тие ги измислиле архитектонските редови: Дорскиот, Јонскиот и Коринтскиот. Тие им дале смисла за пропорција, која кулминирала со увид во пропорциите на најголемото уметничко дело: човечкото тело. Ова го навело Витрувиј да го дефинира неговиот Витрувијански човек, кој Леонардо да Винчи го има нацртано: човечкото тело е сместено во кружница и квадрат (фундаменталните геометриски фигури на космичкиот поредок).
Витрувиј самиот цитира дела, кои нажалост биле понецелосни од неговото. Тој бил помалку оригинален мислител и креативец, а повеќе кодификатор на постоечката архитектонска пракса. Треба да се спомене дека Витрувиј обработува многу поширока тема, отколку што би обработувале денешни архитекти. Римските архитекти практикувале широк спектар на дисциплини; во денешно време тие би се сметале за инженери, архитекти, пејзажни архитекти, уметници и мајстори заедно. Етимолошки, зборот архитект потекнува од грчките зборови 'главен' и 'градител'.
Неговото дело „Десет книги за архитектурата“ била одново откриено во 1414 од фиренскиот хуманист Поџио Брачиолини. Честа за афирмацијата на ова дело во Ренесансата му припаѓа на Леоне Батиста Алберти (1404-1472) кој ова го направил во неговото апохално дело De Re Aedificatoria (ц. 1450). Првото познато издание на Витрувиј е произведено во Рим од Фа Џовани Скулптиј во 1486. Потоа делото било преведено на италијански во ц. 1520, на француски (Жак Мартин, 1547), англиски, германски (Валтер Х. Ривиус, 1575) и Шпански како и на неколку други јазици. Оригиналните илустрации не се заувани. Нови дрворезни илусатрации, базирани на описите во текстовите, биле придодадени во 16-тиот век, веројатно од Фра Џовани Џокондо во Венеција во 1511. Римските урнатини, римскиот форум, храмовите, театрите, триумфалните арки и нивните релјефи и статуи им давале визуелно изобилство од примери на читателите на текстот. Ова дело набргу станало најголемата инспирација за Ренесансната, барокната и неокласичната архитектура.
[уреди] Библиографија
- Витрувиј, Десет книги за архитектурата. Превод од латински јазик Љубинка Басотова, Зумпрес, Скопје, 1998.
[уреди] Надворешни врски
- Десет книги за архитектурата онлајн: напоредно поврзан латински текст и англиски превод
- Десетте книги за архитектурата при Perseus Classics Collection. Латински и англиски текст. Слики. Латинскиот текст има хиперврски со прозорец-речник.
- Латински текст, верзија 2