Web - Amazon

We provide Linux to the World

ON AMAZON:


We support WINRAR [What is this] - [Download .exe file(s) for Windows]

CLASSICISTRANIERI HOME PAGE - YOUTUBE CHANNEL
SITEMAP
Audiobooks by Valerio Di Stefano: Single Download - Complete Download [TAR] [WIM] [ZIP] [RAR] - Alphabetical Download  [TAR] [WIM] [ZIP] [RAR] - Download Instructions

Make a donation: IBAN: IT36M0708677020000000008016 - BIC/SWIFT:  ICRAITRRU60 - VALERIO DI STEFANO or
Privacy Policy Cookie Policy Terms and Conditions
Сан Франциско, Калифорнија - Википедија

Сан Франциско, Калифорнија

Од Википедија, слободна енциклопедија

Обоените убавици, претставници на викторијанската архитектура во Сан Франциско.
Обоените убавици, претставници на викторијанската архитектура во Сан Франциско.

Сан Франциско е четвртиот најголем град во Калифорнија и четиринаесетиот најголем во САД со 739.426 жители, според информации од 2005 година.[1] Се наоѓа на врвот на Сан Франциско Полуостровот и е центар на збиднување во заливот на Сан Франциско. Сан Франциско е втор град по густина на жители во САД. [2]

Во 1776, Шпанците биле првите европјани што перманентно го населиле Сан Франциско. Тие основале мисија и ја нарекле според Францис од Асиси. По започнувањето на златната треска во 1848, градот започнал период на нагол развој. По катастрофалниот земјотрес и пожар во 1906, Сан Франциско бил брзо реконструиран и денес е еден од најпрепознатливите градови во светот.

Сан Франциско е познат по маглата, стрмните ридови, мешавината на викторијанска и модерна архитектура и по локацијата на полуостров эаокружен со Тихиот Океан и Заливот на Сан Франциско. Меѓу најпрочуените делови на Сан Франциско се вклучуваат мостот на Златната Капија, Алкатраз, кабелските коли, пирамидата на Трансамерика и кинеската четврт.

Содржина

[уреди] Историја

Сан Франциско Полуостровот бил населен уште во 8000 П.Н.Е. На 2 ноември, 1769 шпанска експедиција предводена од Дон Гаспар де Портола пристигнала во областа на денешен Сан Франциско и наишла на неколку мали села формирани од групата Јеламу, дел од племето на Охлоне. [3] Шест години подоцна, шпанците ја оформиле калифорниската мисија Сан Франциско де Асис (исто позната како Мисија Долорес). Со мисијата била формирана мала населба како и воена тврдина во пределот познат во денешно време како Президио. [4]

Мисија на Сан Франциско де Асис (Мисија Долорес)
Мисија на Сан Франциско де Асис (Мисија Долорес)

По осамостојувањето на Мексико од Шпанија во 1821, областа станала дел од Мексико. Во 1835, англичанецот Вилијам А. Ричардсон ја изградил првата поголема куќа надвор од областа на Мисијата Долорес. [5] Куќата била изградена во близината на едно пристаниште во областа денес позната како Портсмаут Плоштад. Ричардсон заедно со предводникот на мисијата, Франциско де Харо направиле урбан план за проширената населба. Новоформираниот град бил наречен Јерба Буена и почнал да привлекува американски доселеници. На 7 јули, 1846, за време на Мексиканско-Американската војна, комодорот Џон Д. Слоут ја прогласил Калифорнија за американска територија. Два дена подоцна, капетанот Џон Б. Монтгомери пристигнал и го присвоил Јерба Буена. Градот бил преименуван во Сан Франциско следната година. [6] И покрај привлечната локација како пристаниште и воена база, Сан Франциско сеуште претставувал мала населба во регион со непристаплива географија.

Кабловска кола на улицата Калифорнија во 1899
Кабловска кола на улицата Калифорнија во 1899

Златната треска во Калифорнија привлекла маса на пронаоѓачи на злато. Сан Франциско бил префериран во однос на ривал-градот Бениша, [7] и бројот на жители пораснал од 1.000 во 1848 на 25.000 во декември 1849. [8] Можноста за збогатување била толку привлечна да посадите на бродовите кои допловувале во Сан Франциско дезертирале од своите позиции и се упатувале кон златните пронаоѓалишта. [9] Калифорнија брзо станала официјална држава на САД и американската војска ја изградила тврдината Поинт крај мостот на Златната Капија. Војската изградила уште една тврдина на островот Aлкатраз со цел да се заштити заливот на Сан Франциско. Со пронаоѓањето на сребро во 1859 и отворањето на рудникот Комсток, бројот на жители на Сан Франциско уште повеќе се зголемил. Со зголемувањето на проток на луѓе, криминалот бил во подем и брегот на Барбари се претворила во дел од градот каде што владееле криминалот, проституцијата, и коцкањето.

Преземачите се обиделе да ги искористат шансите за збогатување за време на златната треска. Први се збогатиле банките како Велс Фарго (основана во 1852) и железничката индустрија која под водство на т.н. голема четворка (чиј член бил Лилeнд Стенфорд) ја изградиле првата трансконтинентална железница. Развојот на пристаништето на Сан Франциско го направил градот да постане центар на трговска размена. Реагирајќи на побарувачката и вкусовите на локалните жители, Ливај Страус отворил продавница за суви производи а Доминго Гирардели започнал да произведува чоколадо. Имигрантите го направиле градот да биде разновиден: кинеските железнички работници ја креирале кинеската четврт. Првите кабелски коли започнале да ги пренесуваат жителите на Сан Франциско по стрмата улица Клеј во 1873 година. Викторијанките на Сан Франциско почнале да се намножуваат низ градот. Истовремено, градските татковци лобирале да се создаде голем урбан парк. Како резултат на тоа, Паркот на Златната Капија бил креиран. Жителите на Сан Франциско изградиле училишта, цркви, театри и останати типични институции на едно граѓанско општество. Президио се претворил во една од најбитните воени бази на Тихиот Океан. [10] Кон крајот на 19-иот век, Сан Франциско се претворил во интернационално прочуен град познат по својот уникатен стил, раскошни хотели, претенциозни имоти на Ноб Рид и растечката уметничка сцена.

"Никогаш во историјата модерен империјалистички град не бил комплетно уништен. Сан Франциско повеќе не постои." – Џек Лондон по земјотресот и пожарот во Сан Франциско во 1906 година.
"Никогаш во историјата модерен империјалистички град не бил комплетно уништен. Сан Франциско повеќе не постои." – Џек Лондон по земјотресот и пожарот во Сан Франциско во 1906 година.[11]

Во 5:12 часот на 18 април, 1906, силен земјотрес го удрил Сан Франциско и северна Калифорнија. Додека зградите се рушеле, дупки во гасоводниот систем почнале да предизвикуваат пожари кои подоцна се прошириле низ целиот град. Водоводниот систем престанал да функционира и откако пожарот беснеел неколку денови, војската од Президио започнала да минира делови од градот со цел да го изолира. [12] Повеќе од три-четвртини од градот биле уништени, вклучувајќи и најголемиот дел од центарот на градот. [13] Во тогашно време се верувало дека околу 498 луѓе го изгубиле животот, но, модерните проценки велат дека неколку илјади погинале.[14] Повеќе од половина од 400.000 жители останале без домови.[15] Избеглиците се населиле привремено во шаторски населби во паркот на Златната Капија, во Президио и на плажите низ градот. Многу од жителите засекогаш се отселиле во источниот дел од заливот.

Палата на Уметностите во 1915 за време на Панамско-Пацифичкиот Интернационален Саем
Палата на Уметностите во 1915 за време на Панамско-Пацифичкиот Интернационален Саем

Реконструкцијата на градот била брза. Предлозите да се реформира структурата на уличниот систем биле одбиени и градот бил повторно изграден во истата форма како и претходно. Банката на Италија на Амадео Џианини која подоцна постанала Банка на Америка (една од најголемите банки во САД), издала кредити на многу од жителите со уништени живеалишта. Уништените палати на Ноб Ридот биле претворени во хотели. Градското собрание било повторно изградено и градот ја прославил својата реинкарнација со Панамско-Пацифичкиот Интернационален Саем во 1915 година.

Во годините што следеле, Сан Франциско ја зацврстил својата позиција како главен финансиски центар. За време на крахот на Вол Стрит во 1929 година, ниту една од банките во Сан Франциско не банкротирале. [16] За време на Големата Депресија, Сан Франциско започнал два големи градежни проекти. Истовремено биле градени Сан Франциско - Оукланд Заливскиот Мост и Мостот на Златната Капија. Првиот бил завршен во 1936 додека вториот во 1937 година. Истовремено, островот Алкатраз се преориентирал од воена тврдина во федерален затвор со максимална безбедност каде што биле затворени некои од најпознатите американски криминалци, вклучувајќи го и Ал Капоне. Сан Франциско подоцна ја прославил својата повторно здобиена грандиозност со Светскиот Саем во 1939 и 1940 година. За потребите на саемот бил изграден вештачкиот Остров на Богатството во заливот на Сан Франциско.

БСД Сан Франциско плови под  Мостот на Златната Капија во 1942, за време на Втората Светска Војна
БСД Сан Франциско плови под Мостот на Златната Капија во 1942, за време на Втората Светска Војна

За време на Втората Светска Војна, Хантерс Поинт, пристаниште на американската морнарица и Тврдината Мејсон се претвориле во центар на активности и примарно пристаниште од каде заминувале бродовите и морнарите кон пацифичките борбени линии. [17] Заради експлозијата на понуда за работа, многу луѓе биле привлечени кон заливот, особено африканските Американци од јужните краишта. На крајот на војната, многу од цивилното, но, и военото население одлучило да остане да живее во заливот. Повелбата на Обединетите Нации била договорена и потпишана во Сан Франциско во 1945 година, а во 1951 бил потпишан и Сан Франциско Договорот со кој и формално била заклучена војната со Јапонија.

За време на 1950-тите и 1960-тите, повеќе урбани проекти довеле до уништување на стари објекти во западните населби и градење на нови. Истите проекти довеле до градење на нови автопати.[18] Трансамерика Пирамидата била завршена во 1969 година, а за време на 1980-тите биле изградени повеќе Менхетен стил облакодери во центарот на градот. Пристанишните активности истовремено се преселиле од Сан Франциско во Оукланд и градот започнал транзиција од индустиските активности кон туризмот како главен мотор на економска активност. Предградијата започнале нагло да растат и да се равиваат, а демографијата на градот почнала забележително да се менува. Дел од белците почнале да го напуштаат градот додека се повеќе од новонаселените биле од Азија или Јужна Америка.[19][20]

Раскрсницата на Хејт и Ешбури
Раскрсницата на Хејт и Ешбури

За време на истиот период, Сан Франциско се претворил во магнет за американската против-култура. Генерација на нови автори од Сан Франциско дале замав на ренесансата во Сан Франциско која особено била концентрирана во населбата Северна Плажа во 1950-тите. Хипиците биле масовно привлечени кон населбата Хејт-Ешбури во 1960-тите. Врвот на овој феномен бил достигнат во 1967 за време на Летото на Љубовта. Во 1970-тите, градот станал центар на движењето за хомосексуални права. Населбата Кастро тогаш се претворила во урбана населба каде мнозинството на жители биле хомосексуалци. Истовремено, Харви Милк, познат борец за хомосексуални права бил избран за прв хомосексуален член на градскиот совет. Во 1978, Харви Милк и тогашниот мошне популарен градоначалник на Сан Франциско, Џорџ Москони биле атентирани.

Во 1989 година, Земјотресот во Лома Приета причинил големи штети и жртви низ заливот. Во Сан Франциско, земјотресот предизвикал големи штети на зградите во населбите Марина и Јужно од Маркет. Оштетениот автопат крај Ембаркадеро подоцна бил дорушен, а локалната област реконструирана, со што се препородила историската источна обала на градот.

За време на Интернет Бумот во доцните 1990ти, ново-оформените компании ја оживеале локалната економија. Голем број на преземачи, софтверски инжињери, специјалисти за маркетинг и продажба се преселиле во градот, со што социјалната структура на градот се променила и многу од посиромашните населби доживеале преродба и подем. Кога Интернет економијата експлодирала во 2001, многу од овие компании банкротирале а нивните вработени заминале од градот. И покрај тоа, високата технологија и преземаштвото денес претставуваат едни од најбитните гранки на економијата на Сан Франциско.

[уреди] Географија

Сан Франциско и северната општина Сан Матео
Сан Франциско и северната општина Сан Матео

Сан Франциско се наоѓа на западниот брег на САД, на врвот на Сан Франциско Полуостровот. Во границите на градот припаѓаат и поголеми делови од оближните води на Тихиот Океан и Заливот на Сан Франциско. Неколку острови во заливот на Сан Франциско се дел од градот, како на пример Алкатраз, Островот на Богатството, и островот Јерба Буена. На градот припаѓаат и ненаселените Фаралон Острови кои се наоѓаат во Тихиот Океан на 43 километри од брегот. Површината на градот отприлика покрива квадрат од 11 на 11 километри.

Сан Франциско е познат по неговите ридови. За ридови се сметаат сите извишувања над 30 метри. Во градот има вкупно 43 ридови. [21] Некои населби во градот се наречени според ридовите на кои се наоѓаат, вклучувајќи ги населбите Ноб Рид, Пацифички Височини, Руски Рид, Портреро Рид и Телеграф Рид.

Автомобили се симнуваат по кривата улица Ломбард
Автомобили се симнуваат по кривата улица Ломбард

Во близината на географскиот центар на градот, на југозапад од центарот има неколку малку населени ридови. Најдоминантен од нив е Сутро Ридот каде се наоѓа Сутро Кулата - црвено-бела радио-телевизиска антена. Највисокиот рид, Дејвидсон Ридот е висок 282 метри. Во 1934 година на врвот на ридот бил поставел крст кој е висок 31,4 метри.

Сан Андреас Фрактурата и Хејворд Фрактурата се главните предизвикувачи на земјотресни активности и покрај тоа што ниедниот од нив не поминува низ самиот град. Сан Андреас Фрактурата ги предизвикала и двата големи земјотреси во 20-иот век, во 1906 и 1989 година. Помали земјотреси се случуваат во областа мошне често. Можноста за поголем земјотрес има големо влијание врэ развојот на инфраструктурата на градот. Нови згради мораат да бидат градени според највисоките структурни стандарди, додека постарите згради и мостови постојано се обновуваат за да ги задоволат истите стандарди.

Обалата на Сан Франциско има пораснато над своите природни граници. Целокупни населби како Марина, Хантерс Поинт, како и големи делови од Ембаркадеро се изградени врз подземни депонии. Островот на Богатсвото бил направен од материјал од дното на заливот како и од ископините на островот Јерба Буена кои се копале за време на градењето на Заливскиот Мост. Таков тип на земјиште е нестабилен за време на земјотреси. За време на земјотрес, земјиштето може да се претвори во течна состојба со што градбите врз него претрпуваат големи штети. Токму тоа се случило во населбата Марина за време на Лома Приета Земјотресот од 1989 година.

[уреди] Клима

Маглата го опкружува Мостот на Златната Капија и се приближува на Криси Полето.
Маглата го опкружува Мостот на Златната Капија и се приближува на Криси Полето.

Следниов цитат често, но, погрешно се споменува дека Марк Твен го кажал: „Најладната зима ја поминав едно лето во Сан Франциско“.[22] Сан Франциско има калифорниска медитеранска клима чии карактеристики се благи, но, влажни зими и топли и суви лета.[23] Но, бидејќи градот е опкружен со вода од три страни, климата на Сан Франциско е под силно влијание на ладните струи на Тихиот Океан. Овие струи имаат тенденција да ги ублажат наглите промени на температури и креираат мошне блага клима со многу мали промени од сезона до сезона. Просечната летна температура во Сан Франциско се качува до 21°C и е околу 9 °C пониска од местата кои се малку повеќе во внатрешноста на Калифорнија, како на пример Ливермор. [24] Зимите се благи и високите температури за време на денот достигнуваат до 15 °C, а ниските скоро никогаш не се спуштаат до нулата. Месеците помеѓу мај и септември се доста суви, додека врнежите се релативно чести помеѓу ноември и март. Снегот е исклучително ретка појава со само 10 забележани снежни падежи од 1852 до 1995.[25]

Комбинацијата на ладна океанска вода и силни горештини во централна Калифорнија ја предизвикува карактеристичната магла на Сан Франциско. Маглата знае да ја покрие западната половина од градот эа време на целиот ден во лето и рана есен. Маглата е помалку присутна во источните населби за време на доцната пролет и во септември и октомври. Септември и октомври се впрочем најтоплите месеци во годината. Заради оштрата топографија и влијанието од водата, Сан Франциско всушност има повеќе микроклими. Високите ридови во географискиот центар на градот се одговорни за 20% разлика во годишните врнежи помеѓу различни делови од градот.[25] Тие исто ги заштитуваат населбите на исток од маглата и ладната клима која што е карактеристична за населбата наречена Зајдисонце. За оние што живеаат во источниот дел од градот, Сан Франциско е прилично сончев со просек од околу 160 сончеви денови во годината а само 105 облачни денови.[26]

Месец Јан Феб Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Година
Просечна висока температура (°C) 13 15 16 17 17 18 18 18 21 20 17 13
17
Просечна ниска температура (°C) 7 8 9 10 10 11 12 12 13 12 10 8
10
Дожд (cm) 10 8 7 3 1 -- -- -- -- 2 6 9
51
Табела 1: Податоци за климата на Сан Франциско[27]

[уреди] Населби

Кинеска Четврт
Кинеска Четврт

Историскиот центар на Сан Франциско се состои од северно-источниот квадрант на градот се до улицата Маркет на југ. Тука се наоѓаат Финансиската Четврт и Јунион Плоштадот кој што претставува туристички, хотелиерски и шопинг центар на градот. Туристите како и граѓаните на Сан Франциско ги користат кабелските коли да ги искачат стрмите приоди кон врвот на Ноб Ридот кој што на времето претставувал дом на најголемите бизнис ѕверки. Истите кабелски коли се користат за спуштање кон Рибарскиот Мол кој во минатото бил користен за прикотвување на рибарските бродови а денес претставува голема туристичка атракција и центар на збиднување. Во истиот квадрант се наоѓаат и Рускиот Рид со светски-познатата крива улица Ломбард, Северната Плажа која е Сан Франциско верзија на Мала Италија, и Телеграф Ридот каде што се наоѓа Коит Кулата изградена во спомен на пожарникарите на Сан Франциско. Во близина се наоѓа и светски познатата Кинеска Четврт која била формирана уште во 1860-тите. Тендерлојн е населба која што многумина ја сметаат за една од населбите со највисока стапка на криминал.

Во Областа Мисија обично живеаат работници и имигранти од Мексико и Централна Америка, но, Мисија истовремено поминува низ процес на гентрификација. Хејт-Ешбури сеуште има боемски карактер. Кастро е центар на хомосексуалниот живот во градот и е препороден откако епидемијата на СИДА се стави под контрола.

Мурал во Областа Мисија
Мурал во Областа Мисија

Јапонската Четврт претрпела големи штети кога јапонските граѓани биле пратени во кампови за време на Втората Светска Војна, додека истовремено населението во Западната Додавка нагло се зголемило со голем број на африкански Американци. Обоените Убавици, ред на реновирани и добро оддржани викторијанки се лоцирани веднаш до Аламо Плоштадот, додека во населбата Пацифички Височини се наоѓаат палатите на бизнис елитата кои биле изградени веднаш по земјотресот од 1906 година. Марина Областа во северниот дел од градот е мошне жива област населена со многу млади и урбани професионалци.

Областа Ричмонд е голем регион кој се наоѓа на север од Паркот на Златната Капија и се простира се до Тихиот Океан. Ричмонд е дом на одделот наречен "Нова Кинеска Четврт", но, истовремено привлекува и низа имигранти од други делови од Азија и Русија. На југ од Паркот на Златната Капија се наоѓа Областа Зајдисонце каде мнозинството на жители се со азиско потекло. [28] Областите Ричмонд и Зајдисонце се главно населени со жители од средна класа. Јужните делови на Сан Франциско се населени најмногу со студенти и работници.

Јужно од Маркет во минатото претставувала индустриска област, но, во последно време има претрпено голем број на реновации и развој. Започнувајќи со времето на Интернет Бумот па се до ден-денес, во населбата се градат облакодери и апартмански згради. По успешната трансформација на Јужната Плажа, населбата Залив на Мисијата претрпе голем развој; капитален објект на оваа преродба претставува новиот кампус на Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско.

[уреди] Плажи и Паркови

Стакларникот за Цвеќиња во Паркот на Златната Капија
Стакларникот за Цвеќиња во Паркот на Златната Капија
Плажата Бејкер
Плажата Бејкер

Океанската Плажа се наоѓа на страната на Тихиот Океан, додека Плажата Бејкер се наоѓа на живописна локација веднаш на запад од Мостот на Златната Капија. И двете плажи не се соодветни за пливање бидејќи водата е студена а струите можат да бидат смртоносни. Најголемиот и најпознат парк е Паркот на Златната Капија кој се простира од географскиот центар на градот, па се до океанот. Пред да постане парк, истата област се состоела од малку трева и многу песок. Денес, паркот е посаден со илјадници дрва и растенија донесени од други краишта. Во паркот се наоѓаат и атракции како Стакларникот за Цвеќиња, Јапонската Чајна Градина и Ботаничката Градина. Президио, бивша воена база, и Криси Полето се дел од Националната Рекреативна Област на Златната Капија. Во истата област припаѓаат и островот Алкатраз и други оближни регионални паркови. Паркот Буена Виста е најстариот парк во градот и бил оформен уште во 1867 година. Мерсед Езерото е слатководно езеро кое е опкружено со парк.

[уреди] Демографија

Број на жители (во илјади) по година
Број на жители (во илјади) по година[29]
Видете исто така: Демографски карти на Сан Франциско, Калифорнија

Бројот на жители на Сан Франциско се искачил на историски максимални 776.733 во 2000 година за време на врвот на Интернет бумот. Помеѓу 2000 и 2005 година бројот на жители се намалил за околу 35.000. Со скоро 6.200 жители по квадратен километар, Сан Франциско е вториот најгусто населен голем град во САД, веднаш зад Њујорк.[30]Сан Франциско е центарот на заливот и заедно со Сан Хозе и Оукланд формира метро област со над 7 милиони жители. Оваа област е петта најголема по број на жители во САД според пописот од 2000 година.[31]

Сан Франциско е град каде малцинствата се во мнозинство. Помалку од 44% од населението се белци. 31% од вкупното население се азиски Американци од кои најмногу се кинези. Околу 14% се хиспањоли, додека помалку од 8% се африкански Американци што е помалку од просекот на државно ниво.[32] Малкумина од жителите на Сан Франциско имаат живеено во градот од нивното раѓање. Само 35% од жителите биле родени во Калифорнија; 39% биле родени надвор од САД.[33]

Сан Франциско го има најголемиот процент на хомосексуални семејства од било која општина во САД додека заливот ја има најголемата концентрација од сите метро области во земјата.[34] Во градот има доста повеќе геј мажи од лезбејки; се проценува дека 20% од сите машки во градот над 15 годишна возраст се геј.[35]

Средниот куќен приход на Сан Франциско во 2005 година изнесувал 57.496 долари што е петти по висина од сите големи градови во земјата.[36] Следејќи ги националните трендови, се повеќе семејства од средната класа го напуштаат градот со што се зголемува разликата во приходи помеѓу жителите [37] и се намалува бројот на деца. Со само 14,5% од жителите на детска возраст, Сан Франциско е град со најмалку деца во земјата.[38] Сепак, само 7,8% од населението се смета за сиромашно што е помалку од националниот просек и го прави Сан Франциско еден од градовите со најмалку сиромашно население во земјата.[39]

Бездомниците се еден од хроничните и контраверзни проблеми на градот уште од раните 1980-и. Сан Франциско се смета за град со највисока стапка на бездомници по жител во земјата.[40] Стапките на насилен криминал и имотен криминал се состоеле од 742 и 4943 инциденти по 100.000 жители респективно и [41] се повисоки од националните просеци.[42] Помеѓу 50-те најголеми градови во САД, Сан Франциско се наоѓа на 32-то и 38-то место респективно во тие две категории.[41]

[уреди] Локална Власт

Видете исто така: Градоначалник на Сан Франциско

Сан Франциско претставува и град и општина, статус кој што го има уште од 1856 година. Сан Франциско е единствениот град-општина во државата Калифорнија. Градоначалникот е предводник и на општината додека Градскиот Совет е истовремено и Одбор на Надгледувачи. Заради оваа уникатна ситуација, градот има јурисдикција и врз земјиште кое се наоѓа надвор од неговите граници. Аеродромот на Сан Франциско се наоѓа во општината Сан Матео, но, е во власништво и е управуван од градот и општината на Сан Франциско. Сан Франциско исто перманентно изнајмува земјиште во долината Хеч Хечи и дел од изливниот систем во Јосемити Националниот Парк.

Собрание на Сан Франциско
Собрание на Сан Франциско

Според локалниот устав, владата на Сан Франциско се состои од две еднакви власти. Извршната власт е предводена од градоначалникот и вклучува други избрани и назначени функционери, како и јавната професионална служба. Единаесетте членови на Одборот на Надгледувачи ја сочинуваат законодовната власт и се предводени од претседател (Ерон Пескин во 2006). Надгледувачите се избираат како претставници на одредени области на градот.[43] Ако градоначалникот почине или даде отказ, претседателот на Одборот на Надгледувачи ја презема функцијата. Ова се случило во 1978 кога Даен Фајнстајн ја преземала функцијата од Џорџ Москони кој бил атентиран. Буџетот на Сан Франциско во 2005 година се состоел од 5 милијарди долари.[44]

Федералната влада го користи Сан Франциско како регионален центар за многу федерални органи како Деветтиот Суд за Жалби, Федералната Банка, и Печатницата за Пари. Се до раните 1990-те во градот имало и три големи воени бази - Президио, Острово на Богатството и военото бродоградилиште Хантерс Поинт. И покрај тоа што главниот град на Калифорнија е Сакраменто, во Сан Франциско се наоѓа и Врховниот Суд на Калифорнија како и други државни агенции. Во Сан Франциско се наоѓаат и над триесет странски конзулти.[45]

[уреди] Економија

Видете исто така: Компании со Седиште во Сан Франциско, Калифорнија
1,5 милиони туристи годишно го посетуваат Алкатраз.
1,5 милиони туристи годишно го посетуваат Алкатраз.[46]

Туризaмот е главен мотор на економијата на Сан Франциско. Бидејќи Сан Франциско често се споменува и користи во музиката, филмот и популарната култура, градот е еден од најпознатите во светот. Сан Франциско е петиот најпосетен град во САД од странски туристи [47], додека Пјер 39 крај Рибарскиот Мол е третата најголема туристичка атракција во земјата.[48] Повеќе од 15 милиони туристи го посетиле Сан Франциско во 2005 година и потрошиле околу 7,5 милијарди долари.[49] Бидејќи градот има голем број на хотели и ресторани како и саемски простор од светска класа, Сан Франциско е еден од десетте најголеми дестинации за конгреси и конференции во Северна Америка. [50]

Хоризонтот на Сан Франциско вклучувајќи ја Трансамерика Пирамидата во Финансиската Четврт
Хоризонтот на Сан Франциско вклучувајќи ја Трансамерика Пирамидата во Финансиската Четврт

Како последица на златната треска, Сан Франциско се претворил во главниот банкарски и финансиски центар на западниот брег на САД. Улицата Монтгомери во Финансиската Четврт е позната како „западниот Вол Стрит“ и е местото каде што се наоѓа Федералната Банка на Сан Франциско. Во минатото, на истото место била и Пацифичката Берза. Банката на Америка, првата банка да започне да издава кредити на средната класа, била основана во Сан Франциско. Многу големи финансиски институции, мултионационални банки и инвеститорски фирми имаат седишта или регионални канцеларии во градот а тука се наоѓаат и седиштата на шест од петстоте најголеми компании во САД (Форчн 500). Во Сан Франциско има мошне силна инфраструктура за нудење на професионални сервиси; тука можат да се најдат многу адвокатски фирми, фирми за јавни односи, архитектура, и графички дизајн. Сан Франциско е еден од десетте глобални градови и е прогласен за Бета Светски Град.

Економијата на Сан Франциско се повеќе се поврзува со таа на Силициумската Долина на југот. И двете имаат голема потреба за високо образовани работници со мошне специјализирани способности. Во последно време, градот станува се повеќе центар за истражување и развој во биотехнологијата и биомедицината. Населбата Залив на Мисијата е седиште на вториот кампус на Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско како и на многу компании од биотехнолошката индустрија. Тука се наоѓа и седиштето на Калифорнискиот Институт за Регенеративна Медицина, државниот институт кој финансира програми за истражување на матични клетки.

Националните синџири на продавници не се многу присутни во градот. Локалната Комисија за Мали Претпријатија ги подржува локалните трговци со цел поголем дел од заработувачката да се зачува на локално ниво.[51] Осумдесет и пет проценти од сите фирми во градот се мали фирми со помалку од десет вработени.[52] Бројот на жители на Сан Франциско кои што работат за компании со над 1.000 вработени се има преполовено од 1977 година наваму.[33]

[уреди] Извори

  1. Државни и општински брзи факти: Општина Сан Франциско, Калифорнија Пописно биро на САД. 3 септември, 2006.
  2. 2000: Американски градови со над 50.000 жители
  3. Посетители: Историја на Сан Франциско, Град и Општина на Сан Франциско
  4. Живот во Една Калифорниска Мисија: Монтереј во 1786: Дневниците на Жан Франсоа Де Ла Перуэ, комте де Ла Перуэ, Јаман, Линда Гонсалвес, Малколм Марголин, ISBN 0-930588-39-8
  5. 1820-тите до Златната треска, Виртуелен Музеј на Сан Франциско
  6. Историја на градините на Јерба Буена.
  7. Првата Sидана Зграда на Сан Франциско Виртуелен Музеј на Сан Франциско
  8. Историски Сан Франциско: Кратка Историја и Водич, Ричардс Ренд, 1991, ISBN 1-879367-00-9
  9. Градежници Откопале Брод Градејќи Апартмани, Рон Херис
  10. Под Три Знамиња. (PDF) Президио на Сан Франциско, Национална Рекреативна Област на Златната Капија, Национален Сервис на Парковите, Министерство за Внатрешни Работи.
  11. Приказна на еден Очевидец, Џек Лондон, Виртуелен Музеј на Сан Франциско
  12. Президио на Сан Франциско: Противпожарникарство и Динамит, Национален Сервис на Паркови, Министерство за Внатрешни Работи
  13. Рене Монтењ (11 април, 2006). Сеќавање на Земјотресот од 1906 Национално Јавно Радио, Утринска Програма".
  14. Жртви и Штети После Земјотресот во 1906 Американски Геолошки Институт, Програма за Земјотресни Опасности - Северна Калифорнија.
  15. Президио на Сан Франциско:1906 Земјотрес и Пожар Национален Сервис на Паркови, Министерство за Внатрешни Работи, Национална Рекреативна Област на Златната Капија.
  16. Банкарството и Златната Треска во Сан Франциско Виртуелен Музеј на Сан Франциско.
  17. Втора Светска Војна во Заливот на Сан Франциско. Национален Сервис на Паркови, Министерство за Внатрешни Работи
  18. Навраќање кон Урбанската Обнова: Критика на Дизајнот
  19. Анализа на пописот на Сан Франциско, Сан Франциско Државен Универзитет, Факултет за Урбани Студии
  20. Тори Минтон (20 септември, 1998). Трка низ Времето Сан Франциско Хроникл.
  21. Алманах на Сан Франциско, Глејдис Хенсен, 1995, ISBN 0-8118-0841-6
  22. Сонцето ќе изгрее утре. А можеби и нема. Стигна летото во градот, а тоа значи сиво небо. Карл Нолт, 19 август, 2005. Сан Франциско Хроникл
  23. Клима на Сан Франциско: Опис, Метеоролошки Сервиси на Златната Капија
  24. Податоци за климата на Ливермор од Weatherbase.com
  25. 25,0 25,1 Клима на Сан Франциско (Трето Издание), Национална Администрација за Океани и Атмосфера, јануари 1995
  26. Историски Климатски Информации Западен Регионален Климатски Центар.
  27. Weatherbase
  28. Ендру Чао (22 март, 2002). Катастрофален Одзив на АПА во Првите Состаноци за Територијална Поделба Азиска Недела.
  29. Gibson, Campbell. „Жителства на 100 најголеми градови и урбани средини во САД: 1790 до 1990“. Биро за Попис на САД.
  30. „Густина на Население во САД, Попис 2000“.
  31. Попис 2000 PHC-T-29. Табели на Жителства во Метрополитски Статистички Области, Микрополитиски Статистички Области, Комбинирани Статистички Области, Градови во Нова Англија: 1990 and 2000. (Microsoft Excel) Биро за Попис на САД . Пристапено на 31 август, 2006.
  32. Табела DP-1. Профил на Генерални Демографски Карактеристики: 2000 Географска Област: Општина Сан Франциско, Калифорнија. (PDF) Биро за Попис на САД. Пристапено на 31 август, 2006.
  33. 33,0 33,1 Еган, Тед. „Преглед на Скорешните Економски Перформанси на Сан Франциско“. (PDF) ICF Consulting.
  34. „Геј и Лезбијски Фамилии во САД: Семејства со Хомосексуални Невенчани Партнери“. (PDF) Human Rights Campaign.
  35. Танер, Адам. „Сан Франциско е можеби Нај-Геј Град во Светот - Извештај“. Scotsman.
  36. Податоци за Приход, Заработувачка и Сиромаштија од Анкетата на Населби во 2005. (PDF) Биро за Попис на САД. Пристапено на 5 септември, 2005.
  37. Тајк Хендрикс (22 јуни, 2006) Богат Град, Сиромашен Град: Според најнова анкета, средно-класните населби исчезнуваат од градовите оставајќи ги само населбите со висок и низок приход. Сан Франциско Хроникл. Пристапено на 5 септември, 2006.
  38. Леф, Лиса. „Бројот на Деца Драстично Намален во Сан Франциско“. Сан Франциско Хроникл.
  39. Статистички Абстракт за 2006: Приход, Потрошувачка и Богатсво, Табела 691 - Куќен Приход, Семеен Приход, Приход Пер Капита и Сиромашни Индивидуалци и Фамилии по Град: 2003. (Microsoft Excel) Биро за Попис на САД. Преземено на 5 септември, 2006
  40. Прет, Тимоти. „Критичарите велат дека регионалниот план нема да го реши проблемот“. Лас Вегас Сан.
  41. 41,0 41,1 Стандардизирани Извештаи за Криминал: Табела 8 - Познати Криминални Постапки, по град, за градови со над 10.000 жители, 2003 Федерално Информативно Биро. Пристапено на September 5, 2006.
  42. Стандардизирани Извештаи за Криминал: Табела 1 - Криминал во САД по Број и Стапка, 1984-2003 Федерално Информативно Биро. Пристапено на September 6, 2006.
  43. „Информации за Областите на Одборот на Надгледувачи“. Град и Општина на Сан Франциско, Одбор на Надгледувачи.
  44. „Водич низ буџетскиот процес на Сан Франциско, април, 2005“. (PDF) Град и Општина на Сан Франциско, Канцеларија на Контролорот.
  45. Побарај конзулати во Сан Франциско, Калифорнија Yellowpages.com, Пристапено на 27 август, 2006.
  46. Водич на диви животни: Живеалишта во Националниот Рекреативен Парк на Златната Капија. Лабораторија на Нацоналните Паркови, Национален Сервис на Парковите. Пристатепено на 4 септември, 2006.
  47. Странските Туристи Ќе Избираат Американски Градови и Хавајски Острови за Посета 2002-2001 Министерство за Трговија на САД, Канцеларијата за Туристичката Индустрија. Пристапено на 27 август, 2006.
  48. Град и Општина на Сан Франциско: Атракции на Сан Франциско. Град и Општина на Сан Франциско. Пристатепно на 4 септември, 2006.
  49. Рејн, Џорџ. (13 мај, 2006). Туристичкиот долари се собираат: Во Сан Франциско има повеќе туристи и пари - туризмот е нашата индустрија број 1. Сан Франциско Хроникл. Пристапено на 23 август, 2006.
  50. Спеин, Вилијам (13 ноември, 2004). Трошковите како фактор: Најдобрите градовите за конференции имаат најевтини хотели. CBS MarketWatch. Пристапено на 3 септември, 2006.
  51. Сед, Керолин. „Локалната Улица Против Улицата на Синџири“. Сан Франциско Хроникл.
  52. Тен, Алдрич М.. „Сан Франциско е влезна капија за имигрантите и технологијата од Силициумската Долина“. Сан Франциско Сентинел.

[уреди] Надворешни Врски


Одлична статија Статијата Сан Франциско, Калифорнија е пример меѓу избраните статии.
Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија.

Static Wikipedia 2008 (March - no images)

aa - ab - als - am - an - ang - ar - arc - as - bar - bat_smg - bi - bug - bxr - cho - co - cr - csb - cv - cy - eo - es - et - eu - fa - ff - fi - fiu_vro - fj - fo - frp - fur - fy - ga - gd - gl - glk - gn - got - gu - gv - ha - hak - haw - he - ho - hr - hsb - ht - hu - hy - hz - ia - id - ie - ig - ii - ik - ilo - io - is - it - iu - jbo - jv - ka - kab - kg - ki - kj - kk - kl - km - kn - ko - kr - ks - ksh - ku - kv - kw - ky - la - lad - lb - lbe - lg - li - lij - lmo - ln - lo - lt - lv - map_bms - mg - mh - mi - mk - ml - mn - mo - mr - ms - mt - mus - my - mzn - na - nah - nap - nds - nds_nl - ne - new - ng - nn - -

Static Wikipedia 2007 (no images)

aa - ab - af - ak - als - am - an - ang - ar - arc - as - ast - av - ay - az - ba - bar - bat_smg - bcl - be - be_x_old - bg - bh - bi - bm - bn - bo - bpy - br - bs - bug - bxr - ca - cbk_zam - cdo - ce - ceb - ch - cho - chr - chy - co - cr - crh - cs - csb - cu - cv - cy - da - de - diq - dsb - dv - dz - ee - el - eml - en - eo - es - et - eu - ext - fa - ff - fi - fiu_vro - fj - fo - fr - frp - fur - fy - ga - gan - gd - gl - glk - gn - got - gu - gv - ha - hak - haw - he - hi - hif - ho - hr - hsb - ht - hu - hy - hz - ia - id - ie - ig - ii - ik - ilo - io - is - it - iu - ja - jbo - jv - ka - kaa - kab - kg - ki - kj - kk - kl - km - kn - ko - kr - ks - ksh - ku - kv - kw - ky - la - lad - lb - lbe - lg - li - lij - lmo - ln - lo - lt - lv - map_bms - mdf - mg - mh - mi - mk - ml - mn - mo - mr - mt - mus - my - myv - mzn - na - nah - nap - nds - nds_nl - ne - new - ng - nl - nn - no - nov - nrm - nv - ny - oc - om - or - os - pa - pag - pam - pap - pdc - pi - pih - pl - pms - ps - pt - qu - quality - rm - rmy - rn - ro - roa_rup - roa_tara - ru - rw - sa - sah - sc - scn - sco - sd - se - sg - sh - si - simple - sk - sl - sm - sn - so - sr - srn - ss - st - stq - su - sv - sw - szl - ta - te - tet - tg - th - ti - tk - tl - tlh - tn - to - tpi - tr - ts - tt - tum - tw - ty - udm - ug - uk - ur - uz - ve - vec - vi - vls - vo - wa - war - wo - wuu - xal - xh - yi - yo - za - zea - zh - zh_classical - zh_min_nan - zh_yue - zu -
https://www.classicistranieri.it - https://www.ebooksgratis.com - https://www.gutenbergaustralia.com - https://www.englishwikipedia.com - https://www.wikipediazim.com - https://www.wikisourcezim.com - https://www.projectgutenberg.net - https://www.projectgutenberg.es - https://www.radioascolto.com - https://www.debitoformativo.it - https://www.wikipediaforschools.org - https://www.projectgutenbergzim.com