Саат-кула Битола
Од Википедија, слободна енциклопедија
Саат-кулата е една од најпознатите знаменитости на Битола. Не се знае точно кога е изградена саат-кулата. Пишани извори од 16 век ја спомнуваат саат кулата, но не е утврдено со сигурност дали се работи за истата градба. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата Св. Димитрија Солунски, поточно 1830 година. Според легендата, кулата е изградена кога отоманските власти во градот, односно Турците, поминале по сите околни села и собрале околу 60 000 јајца од коишто направиле малтер. Од смесата измешана со камења ја изградиле кулата чии цврсти ѕидови стојат и денес неоштетени.
Кулата има основа во облик на квадрат и е висока околу 30 метри. На врвот на кулата се наоѓаат тераси со ковани огради. Од сите страни на терасите се наоѓаат конструкции коишто држат светилки со помош на што целата кула и нејзиниот саат се видливи и ноќе. Саатот се наоѓа на најгорното од трите нивоа. Првобитниот саат е заменет за време на Втората светска војна со понов и многу попрецизен и помодерен саат. Новиот саат го купиле нацистите во знак на благодарност на граѓаните за германските гробишта коишто ги подигнале за жртвите од конфликтот во Битола, заедно со англиските и француските гробишта за време на Првата светска војна.
Саат-кулата за многумина е и симбол на градот Битола. Кулата се наоѓа во паркот каде што постојано се собираат млади, уживајќи во центарот на градот, покрај гитарските звуци што се честа појава. Таа, исто така, е место каде што граѓаните за време на Бадниковата вечер го чекаат Божик и притоа палат свеќи за здравје, долж тревникот и тротоарот на паркот каде што е кулата.
|